„Недоразбирање“ од Албер Ками

Содржина на драмата

Недоразбирање (драма во три чина)

Ликови:
Марта (сестрата)
Марија (сопругата)
Мајката
Јан (синот, братот на Марта и сопругот на Марија)
Старецот (служителот)


Дејството се случува во некое запустено, зафрлено место, во некоја крчма каде Мајката и ќерка и Марта издаваат соби на случајните, ретки минувачи. (Подоцна се споменува дека националноста на Јан е Чех, но тоа воопшто не е важно).
Уште веднаш, дијалогот меѓу Мајката и Марта за новиот гостин провоцира сомневања кај читателот дека тие прават нешто нечесно:

МАРТА: Имашлив ли е?
МАЈКАТА: Не го згрижи цената.
МАРТА:  Ако е имашлив, уште поарно. Ама, исто така, тој треба да биде и сам.
МАЈКАТА: (изнемоштено) Сам и имашлив, да. И, тогаш повторно ќе треба да почнеме.
МАРТА: Ќе почнеме, навистина. Ама затоа, пак, ќе ни се исплати трудот.

Уште пократко, Ками успева да ни го долови ликот на Марта која никогаш не се смее, освен, како што вели самата – кога е сама во својата соба, која со своите груби црти и немладешко однесување е премногу сериозна и „тврда“. Многу брзо – уште во воведот тој ги искажува нејзините стремежи, нејзините идеали за животот, како и начинот на кој планира да ги исполни:

МАРТА: Ах, мајко! Кога ќе собереме многу пари и кога ќе ја напуштиме оваа бескрајна рамнина, кога ќе ја оставиме зад себе оваа крчма и овој врнежлив град, и кога ќе ја заборавиме оваа пуста земја, дента кога ќе бидеме најнакрај, пред морето за коешто толку мечтаам, во тој ден, ќе ме видиш како се смеам. Ама, за да се живее покрај море, требаат многу пари. Затоа, не треба да се плашиме од зборовите. Затоа, треба да се зафатиме со она што ќе дојде. Ако тој е доволно имашлив, мојата слобода ќе почне, можеби, со него.

Од зборовите на Марта се гледа дека таа се чувствува како во затвор, закована во пустелијата на својата душа и дека мечтае за ослободувањето, за ширината на морето, кога ќе се чувствува среќна. Всушност, несреќната Марта ја бара среќата преку парите, преку туѓата смрт, само за да избега од... себеси и својот корен, да избега далеку од сомневањата дали е таа доволно вредна за љубовта на мајка и.
Луѓето што доаѓаат во нивната крчма се жртви на нејзината рамнодушност кон животот – таа ги убива тешејќи се дека мирно и спокојно ги праќа во „другиот свет“, без болка, успивајќи ги, баш како што таа (и мајка и) би сакале да си умрат. Туѓиот живот за Марта нема никаво значење, убиствата ги извршува без трошка грижа на совест, божем за нејзина „виша“ цел – среќата во нејзниот безначаен живот.
Мајката, пак, се чини, прави се, само да и удоволи на ќерката – зашто само таа и останала. Сопругот починал, синот одамна заминал без никаков абер.
И веќе на деветтата страница од драмата е дијалогот:

МАРТА: Мајко, ќе треба да го отепаме.
МАЈКАТА (потивко): Несомнено, ќе треба да го отепаме.
МАРТА: Некако чудно го велите тоа.
МАЈКАТА: Снемоштена сум, навистина, и во најмала рака би сакала овој да биде последен. Отепувањето страшно истоштува. Не ми е многу грижа дали ќе умрам покрај морето или среде нашава рамнина, меѓутоа, толку би сакала по ова заедно да си заминеме.

Дијалог во кој гледаме две сурови злосторнички, убијци, за кои очекуваме во наредните страници да се променат и очовечат, да ги здобијат нашите симпатии на било кој начин. Мајката тоа до некаде и го успева, но Марта, Марта е иста како Странецот – бесчувствителна, корава, речиси како некој вонземјанин што не може да ги разбере луѓето коишто чувствуваат. За неа нема симпатии, таа не сака ни да ги здобие, единствено што посакува е ослободување – широкото море, ослободување од потрагата на љубовта од мајка си; ослободување од стегите на убиствата кои не и значат повеќе од обична дремка и одмор од секојдневието.

Во меѓувреме Јан (синот) разговара со својата сопруга Марија и ја убедува дека начинот кој го избрал да се појави пред своите најблиски е правилен. Бидејќи не го препознале веднаш, тој одлучува да остане во крчмата како туѓинец за да ги набљудува од страна. Навреден е што не го препознаваат и што наместо голем пречек на печалбарот тие му даваат пиво кое тој си го плаќа како и секој друг гостин Марија не го поддржува во намерите и се сомнева дека се ќе испадне како што треба. Таа не може да сфати како мајката не си го препознала синот, зашто мајките секогаш ги препознаваат своите синови. Таа го убедува дека треба да ги каже едноставните зборови „јас сум“ – да биде искрен, а не да игра непотребни игри.

ЈАН: Овде дојдов да ја донесам печалбата и, ако можам, среќата. Кога научив за смртта на татко ми, одеднаш разбрав дека сум одговорен за нив двете и, така, сега го правам она што треба. Ама претпоставувам дека не е толку лесно, како што обично се вели, дома да се вратиш; треба да помине време па од еден туѓинец да станеш син.
МАРИЈА: Тогаш, зошто не се јави дека се враќаш? Има случаи кога човек треба задолжително да постапи како другите луѓе. Кога сака да го препознаат треба да си го каже името, тоа барем е јасно. Инаку, завршува со тоа што се се замешува, ако човек се претстави за некој што не е. Зошто да не те сметаат за туѓинец во куќата во која се претставуваш како туѓинец? Не, не, сево ова не е разумно.

Убава е постапката на Јан да се врати дома за долгот што го чувствува кон мајка си да го исполни, иако не го усреќува. Но, зошто мора да прави претстава – зошто сака да ги преиспитува? Дали се тие доволно добри да им го даде она што им го ветил – парите што ги спечалил – по кои тие го пратиле и го чекале цел живот, од кои одамна се откажале?
Иако Марија се труди да го разубеди во начинот кој го избрал со својата чиста и искрена љубов, тој е упорен и на крајот ја оттргнува од себеси праќајќи ја да преспие на друго место, а него да го остави сам во куќата на мајка си.
Во пансионот неговите генералии ги запишува Марта, но таа не го ни погледнува пасошот кој тој и го подава со надеж дека ќе го види името и се ќе се разјасни. Јан се обидува да разговара со неа, но таа не сака да го третира поинаку од сите останати гости и туѓинци – па не се впушта во разговор. Доаѓа и Мајката која ги препрочитува генералиите и која внесува емоции во разговорот, па дури, во еден момент го нарекува „синко“ – предупредувајќи го дека рацете се уште и се силни, речиси молејќи тој да сфати дека тука не го чека ништо добро.

МАЈКАТА: Зошто му зборував за моиве раце? Ако, сепак, ги погледаше можеби ќе го разбереше она што Марта му го кажа. Би разбрал и би си заминал. Ама, тој не разбира. Самиот си ја бара смртта. А, јас само би сакала да си замине за да можам, уште ноќва, да си легнам и да си заспијам. Остарев многу!

На крајот од првиот чин двете жени се соочуваат со моментот – или ќе се решат да го убијат туѓинецот ноќта или воопшто нема да го убиваат. Ги тревожи единствено тоа што и двете се поразлични од другпат кога биле сосема рамнодушни кон убиствата што ги извршувале, мајката снемоштена, а Марта раздразнета. Оваа ситуација за момент влева надеж кај читателот дека можеби сепак се ќе заврши добро и дека тие сепак навреме ќе дознаат кој е тој.

И на почетокот од втроиот чин продолжува таа надеж поради двоумењето на Јан. Тој ги преиспитува зборовите на Марија, почнува да верува во нив и кога ќе реши да си замине – веќе ќе биде доцна. Старецот (слугата) му го носи отровниот чај кој го испива, и потоа целата процедура на убивањето си го добива својот вообичаен тек. Тие двете го носат во надојдената река и го фрлаат да се удави заедно со сите претходни туѓинци кои ги ограбувале за да ја купат „среќата“ на Марта.

Во третиот чин – се е веќе завршено. Убиството е извршено, Старецот средува, Марта чувствува нова животна енергија, нов полет, речиси среќа, а мајката е уште повеќе снемоштена. Средувајќи, Старецот го наоѓа пасошот на туќинецот и и го подава на Марта. Таа тогаш за првпат го чита името и иако дознава што се случило – не реагира никако, сосема мирно и студено само и го дава на Мајката за и таа да ја дознае вистината.

МАЈКАТА: (со безизразен глас) Ете, убаво знаев дека еден ден вака ќе се случи, оти тогаш и тоа ќе има крај.
МАРТА: (доаѓа до шанкот) Мајко!
МАЈКАТА: (со истиот глас од пред малку) Доволно е Марта, доста живеев. Поживеав повеќе од мојот син. Јас не го препознав и јас го отепав. Сега, мжам да појдам да му се придружам на дното на реката каде што тревата веќе го покрива неговото лице.
МАРТА: Мајчице! Белки нема да ме оставите сега сама?
МАЈКАТА: Многу ми помагаше Марта, и жал ми е што ќе те оставам. Ако може ова уште нешто да значи, треба да кажам дека на свој начин ти беше добра девојка. Секогаш ме почитуваше, се токму како што треба. Ама, сега, снемоштена сум и моево старо срце, коешто мислев дека се стаило, повторно го фати болката. Веќе не сум толку млада за да се справам со неа. Впрочем, кога една мајка веќе не е кадарна да си го препознае синот, тогаш нема што да бара на овој свет.

Марта се обидува да ја одврати мајката од намерата да умре, но во разговорот само ќе го дознае она што од секогаш се плашела – дека иако таа била добра ќерка, мајката повеќе го сакала синот кој бил отсутен. Синот, кој според Марта, имал среќен и исполнет живот, живот покрај морето (слободен), живот исполнет со љубов – и живот кој не е грев да заврши, зашто грев е нејзиниот – во кој не почувствувала ништо! Неможејќи да се бори против желабата на мајката, Марта ќе се помири:

МАРТА:  ...Толку сум далеку од она што го милувам, и за мојата оддалеченост нема лек. Го мразам, го мразам зашто тој го постигна она што го сакаше! Јас, пак, како татковина го имам овој затворен и затемнет простор каде што небото е без хоризонт, за мојата глад ја имам овдешната кисела слива и ништо за мојата жед, освен крват за да ја засити. Ете, тоа е цената што треба да се плати за нежноста на една мајка! Тогаш нека умре, бидејќи никогаш не сум била сакана! Повторно нека се затворат вратите околу мене!...

Единствената надеж за среќа Марта ја губи. Се е мрачно, темно, кисело и горко во нејзиниот живот. Се е затворено. Ни морето веќе нема да и го пружи задоволството. Нема слобода за неа.

Во последната слика на драмата во куќата на Марта доаѓа Марија барајќи си го својот љубен сопруг. Марта ладнокрвно и ја кажува вистината дека ноќта го убиле и дека сега и мајката му се придружува во реката. Чувствителната и расплакана Марија предизвикува гадење кај Марта. За неа, сега сите сметки се расчистени, и пак таа е губитникот.

МАРТА: Да не преувеличуваме. Вие го загубивте мажот, јас ја загубив мајка ми. И покрај се, ние сега сме раздолжени. Меѓутоа, вие загубивте само еднаш, откако се наживеавте со години и без тој да ве отфрли. Мене, пак, мајка ми ме отфрли. Сега, таа е мртва и јас сум губитник – по вторпат.

Толку се згадува од чувствата што ќе рече:

МАРТА: Не допирајте ме, веќе еднаш ви реков. При помислата дека една човечка рака би можела да ми ја пренесе својата топлина пред да умрам, при помислата дека што и да е што личи на човечката нежност би можело уште да ме следи, во моите слепоочници чувствувам дека удира сета жар на крвта.

Марија, пак, ја губи надежта дека ќе најде утеха кај единствената блиска на својот маж, ја губи надежта дека воопшто ќе може да најде утеха за загубата, па се свртува кон небото барајќи помош.

МАРИЈА (низ силен пискот): Оф, Господи, не можам да живеам во оваа пустина! Тебе ќе ти зборувам и ќе знам да ги најдам моите зборови. (Паѓа на коленици). Да, Тебе ти се предавам. Смилувај се, сврти се кон мене! Слушни ме, подај ми ја Твојата рака! Смилувај се, Господи, над оние што се сакаат и што се разделени!
(Се отвара вратата и се појавува стариот служител).
СТАРЕЦОТ: (со јасен и цврст глас) Ме повикавте?
МАРИЈА (свртувајќи се кон него): Ох! Не знам! Ама, помогнете ми, потребно ми е некој да ми помогне. Смилувајте се и прифатете да ми помогнете!
СТАРЕЦОТ (со истиот глас): Не!

Вака, сосема безнадежно завршува драмата, фрлајќи не во една депресија, во соочување со самите себе. И со сознанитео дека никој не може да ни помогне, дека во болката секогаш сме сами и сами треба да ја преболиме. Или да издржиме, или да и се препуштиме како што тоа го прави Мајката.

Апсурдот, толку препознатлив во творештвото на Ками, јасно го забележуваме и во драмата „Недоразбирање“. Апсурдно е непрепознавањето на синот, очекувањето на разврската на недоразбирањето, апсурден е животот на мајката – но носител на апсурдноста на современиот човек е секако Марта (ќерката). Трошка морал не останува во неа. Таа на почетокот се труди да биде добра ќерка, но во меѓувреме извршува безброј убиства за да си го оствари својот сон. Кога ќе го убие братот, таа продолжува да мечтае за својата слобода за идниот убав живот, оправдувајќи се дека тој веќе го проживеал своето. Дури кога ќе се убие мајката таа ја сфаќа целосната бесмисла и апсурдот на своето постоење. Затоа и е дури смешна реакцијата на Марија и нејзината желба за одболување на болката и за продолжување на среќата. Зашто среќа – според Марта не постои!
За подобро сфаќање на драмата добро е да им обрнеме внимание на зборовите на Ками кој поради необичните критики и збунетоста на публиката почувствувал потреба да образложи некои нејзини аспекти:
„Недоразбирање“ е напишано во 1941 година во окупирана Франција. Тогаш живеев, против својата волја, во планинскиот дел од Централна Франција. Таа историска и географска ситуација беше доволна за да го објасни видот клаустрофобија од која тогаш страдав и која се одразува во таа драма. Точно е дека во неа тешко се дише. Ама сите во тоа време тешко дишевме. Тоа ни малку не влијае тегобноста на тој текст да ми пречи колку што и пречеше и на публиката. За да му влеам храброст на читателот при пристап кон драмата, однапред ќе му предложам: 1) да ја прифати можноста дека пораката на драмата не е во целост негативна; 2) да го набљудува „Недоразбирање“ како обид да се создаде модерна трагедија.
            Синот кој сака да го препознаат иако не го открил своето име и кого го убиваат неговата мајка и сестра, во чисто недоразбирање, тоа е содржината на оваа драма. Без сомнение, тоа е мошне песимистична визија на човечката судбина. Ама таа може да се определи со определен оптимизам, барем кога станува збор за човекот. Бидејќи, впрочем, се ќе беше поинаку ако синот речеше: „Тоа сум јас, еве го моето име“. Тоа ќе значеше во еден неправичен и рамнодушен свет, човек може да се спаси себеси и другите, ако прибегне кон најпростата искреност и кон вистинскиот збор. Јазикот, исто така, ги збуни гледачите. Знаев дека ќе биде така. Да ги облечев своите ликови во пеплум, можеби сите ќе плескаа. Напротив, намерата ми беше моите современи ликови да проговорат со јазикот на трагедијата. Да ја кажеме вистината, ништо не е потешко од тоа, бидејќи треба да се изнајде јазик доволно природен за да можат современите луѓе да го говорат, и доволно необичен за да може во него да се почувствува трагичниот тон. За да се доближам до тој идеал, се обидов да ја искористам постапката на оддалечување каога станува збор за карактерите и на двосмисленоста кога станува збор за дијалозите. Кај гледачеот требаше во исто време да поттикне истовремено чувство на близост и на отуѓеност, во гледачот и читателот. Меѓутоа, не сум сигурен дека ја постигнав вистинската мера.
            Што се однесува за ликот на стариот слуга, тој не е задолжително симбол на судбината. Кога еден лик кој ја преживеал драмата го повикува бога, тој е оној што се одѕива. Ама и тоа е, можеби, само уште едно недоразбирање повеќе. Ако тој и вели „не“ на онаа која го моли за помош, тоа само значи дека тој нема намера да и помогне и дека по определена граница на страдањето и неправдата никој повеќе не може никому да му помогне ниту страдањето може да се подели.
            Не верувам, впрочем, дека овие објаснувања ќе имаат некаква полза. И понатаму мислам дека „Недоразбирање“ е лесно разбирливо дело под услов да се прифати неговиот јазик и да се поверува во длабоката ангажираност на писателот. Бидејќи театарот не е игра, во тоа сум уверен.“

„Парите се отепувачка“-Ристо Крле (раскажана)

Драмата е составена од пет чина и четири етапи.
            Темата е животот и трагедијата на едно македонско сиромашно семејство кое е принудено да го испрати својот единствен син на печалба.
            Идејата е јасно изразена во насловот - проклетството на парите.
            Таа е битово-социјална драма со мотиви од печалбарскиот живот.
            Дејството се случува во дваесеттите години на XX век, некаде во Западна Македонија иако тоа може да се случи секаде. Но, амбиентот и битот се македонски.
            (За истава случка Албер Ками прочитал во весник и кратко ја споменува во неговиот роман Странецот“, а потоа пишува драма со истиот мотив: Недоразбирање“).

            Содржина

            1 чин - Во почетокот на драмата е опишана сиромашната куќа на селанецот Митре, жена му Мара, синот Ангеле и ќерката Ката.
            Тие се будат рано, на првите петли, како што е обичајот кога се испраќа печалбар. Надвор е студено, снежно, два дена пред Свети Никола, што предизвикува страв кај домашните за патувањето на Ангеле.
            Кај нив доаѓаат Коте и Депа за да го испратат печалбарот. Јадат, пијат и разговараат за печалбарскиот живот. Коте бил печалбар, па божем нешто повеќе знае и може да даде добри совети. Но, во разговорот се гледа нивната наивност, неукост, суеверие и заостанатост. Доаѓа и Фроса, кумата, со погача, како што е обичајот. Софрата мора да е полна, за кога ќе се врати печалбарот да биде исто така полна, односно да го пречекаат на софра.
            На крајот, доаѓа Панде кој ќе го испрати Ангеле на брод. И тој седнува на софрата и од негово искуство кажува дека во Америка, пред Њу Јорк имало некое островче каде ги симнувале сите новодојдени и доктори ги прегледувале. Ако не биле здрави, со здрави заби, со коса на темето - тогаш ги враќале. Домашните се вознемируваат, бидејќи Ангеле нема пари за назад, но сепак се надеваат дека се добро ќе заврши, зашто нивниот Ангеле е млад и здрав.

Ангеле:           Готов сум... (Тргнува).
Мара:              (се пушта го фаќа за рака). Чекај чедо, не брзај, земи збогум со сестра ти, таа нема да дојде со нас, не чини да ја затвораме куќава сама.
Депа:               Кога се испраќа на туѓина куќа не се затвара, клуч не се става.
Мара:              Земи ја ризата, стави му ја и речи му со здравје да си оди.
            (Ката ја зема ризата и му ја става околу вратот и ја спушта главата на неговото рамо, плаче).
Коте:               Што било тоа — плачење, пак ќе си дојде!
Ката:               Со... со... со... здравје, ба... ба... бате, да... да... да си о... одиш... Да не не за... за... заборавиш... (Го загрлува и го бацува).
Коте:               Женска работа, што требало плачење, не го испраќате на бесење, на печалба го праќате. Речи му тука со здравје да си одиш, повеќе пари да спечалиш и побрзо да си се вратиш...
Фроса:            Така е, многу да не седи зашто ќе се заборави за ваму.
Мара:              Кате, софрава да не ја креваш додека не се вратиме. Вака нека стои.
Депа:               Не ами, никогаш не сме ја кревале додека не сме се вратиле од попратувачка.
Мара:              Вратава од одајчето и портата да не ги затвораш, вака ќе останат дури до вечер.
Ката:               (со плачење). Убаво...
Панде:            (се појавува на вратата). Кинисувајте бре, луѓе, што сакате да го остави дружината!
Депа:               У господ да брани!... Што зборуваш така?
Мара:              (зема стомна со вода и ја става на прагот). Ангеле кинисувај, срце, прв ти и кошни ја стомнава со ногата.
Ангеле:           Адет ли е?
Мара:              Еми, адет е штом ти велам!
Депа:               Слушај постари што те учат и прави, не прашувај. Безбели е адет штом ти вели. Сите така си правиме.
Мара:              (го загрлува) Ај, со здравје да ми одиш, жив и здрав да ми се вратиш.
Коте:               Тоа ќе му го кажеш кога ќе се разделите кај Плачиврби, кај што е местото за плачење...
Депа:               Ти не и се мешај на жената, сака од куќи да му рече со здравје. Таму ќе биде повторно.
Мара:              (го бакнува). Писма да ми праќаш, срце, понабрзо, мајка да не ми те дума.
Коте:               Море, пари — речи — да праќаш понабргу, та за писма ќе ти праќа.
Депа:               И писма и пари, златен!
Мара:              Многу години да не сеиш. Спечали што ќе спечалиш, прави економија, пак дојди си да те жениме. Гледај побрзо пуштај пари да ја омажиме сестра ти, да одбереме едно гајле, оти еве и таа дваесет на Митровден ги наполни. Еве, ние со татка ти четириесет ги поминавме, сто години не ќе сме живи, дојди си побргу. Така, синко, да ми си прокопсан да не ни се ситат душмани.

            Испраќањето го прават со сите адети. Мара става стомна со вода на прагот, а Ангеле кога ќе излегува треба да ја кошне. Мајката го советува да праќа писма, да не седи многу години, да се врати за да го женат. Ангеле ветува дека ќе праќа      пари, татко му да купи и ниви и нова куќа да направи. Ветува дека ќе оди кај кумот (мажот на Фроса) и ќе пренесе поздрави. Ангеле трга, а Мара му фрла пченица преку главата, тој ја кошнува стомната и сите плачат, а особено домашните.

            2 чин - И дејствието на вториот чин се случува во куќата на Митре, каде сите (Митре, Мара, Ката, Депа, Коте, Фроса и нејзините две деца) седат покрај огништето и разговараат. Разговараат за обични домашни работи и за тоа како Ангеле сега ќе почне да праќа пари. Иако имаат домашни обврски, тие сепак седат и всушност го чекаат да се врати Панде и да раскаже како поминале по пат.
            Кога доаѓа, му даваат вруќа ракија и едвај чекаат да слушнат што има да каже. Тој на долго и широко им раскажува како уште кога тргнале црна мачка им претрчала преку патот. Тие од страв, од суеверното сфаќање дека тоа носи несреќа си помислиле да се вратат назад, но сепак продолжиле. Стигнале во градот, ги нашле другите гурбетчии и Ангеле тргнал заедно со нив.

            3 чин - Временски скок од 20 години, претставена е куќата на Софре, маж на Ката и нивната ќерка Ана, која е убаво облечена и се дотерува. Таа има веќе 15 години и мисли на момчиња што фрлаат око на неа.
            Дотрчуваат деца кои и кажуваат дека дошол вујко и Ангеле од Америка. Таа ги дарува со по едно јаболко и шамивче за убавата вест. Влегува Ангеле во куќата со големи куфери и убаво облечен. Од нива ги викнале Ката и Софре и тие брзо доаѓаат во куќата. Ката е пресреќна што го гледа брат и по толку години и што прво кај неа дошол, а не дома. Од куферот вади дарови за сите: на Софре му дава златен саат, на Ката чевли, копринени чорапи и златен прстен, за Ана исто, но и медаљон со пет златника кој и го става на вратот. Разговараат за Америка, за тамошната слобода, за кината, театрите, парковите, но и за гангстерите.
            Потоа почнуваат да се договараат како и кога да одат кај родителите. На крај решаваат Ангеле тука да вечера, па да оди кај родителите, но да не им каже кој е, а утрото да дојде Ката со семејството и заедно да се радуваат.
            Вечерата поминува убаво и весело со песната на жетварките кои се дојдени за работа на нивата на Софре. Ангеле е воодушевен што зборува и пее на свој јазик, што е меѓу блиски и што девојките се убави, па се надева дека брзо ќе си најде жена за себе. На крај, Ангеле тргнува дома испратен со песна.

            4 чин - Куќата на Митре, новоизградена, добро подредена, со нови рогозини и килими, со миндарлак и перници. Митре и Мара штотуку завршиле со вечерата и жетварките, па Митре се испружува да испуши тутун, а Мара средува.
            На портата доаѓа некој што се претставува како гурбетчија што му се расипал автомобилот и бара да преноќи кај нив. Тие го примаат, го понудуваат да јаде и разговараат. Зборуваат за својот син, кој се уште е во Америка и во последно време ни писмо не им пратил. Тие ја искажуваат својата болка што 20 години не си го виделе синот. Туѓинецот се фали дека тој за пет-шест години многу спечалил и дека сигурно и нивниот син ќе дојде со пари. Откако Мара му ја мести постелата на туѓинецот, тој се повлекува да се одмори.
            Митре и го покажува на Мара полното куферче со пари кое успева да го отвори. Златниците му го поматуваат умот на Митре. Тие почнуваат да се сомневаат дека туѓинецот можел да ги спечали парите, се сомневаат дека најверојатно ги нашол или ги украл. Мара му предлага да земе некој златник или целото куферче да го украде и да се прави како да не знае каде е. Но, Митре врие:

Митре:            Митрејце, жено, што мислиш ти се печалат толку пари за пет-шест години?
Мара:              Мака...
Митре:            Мака ја! (Како на уше). Ова куче не ги има спечалено, слушај ме ти мене! Овој има отепано некого за да дојде до овие пари! А кога тој можел да отепа што јас не би го отепал него и да станам богат човек? Како ги спечалил — така нека ги загуби! Секирата на ова куче!
Мара:              (спискува). Ау!...
Митре:            (и ја затвора со рака устата). Пс’с! Ами што, кум ли ќе го правам?
Мара:              (итро). Ако не да му ги сокриеме и да речеме ти не си донесол таква работа — пари во куќава.
Митре:            Не може, никој нас не ќе ни верува. Секој ќе каже, кој што не оставил не бара... Овој не ги има спечалено со пот... Затоа ти велам: секирата на овега! (Брзо излегува).

            5 чин - Утрото Митре и Мара се соочуваат со гревот што го сториле. Старстите се стивнати, но од стореното не може да избегаат.
            Кога доаѓа Ката со семејството, тие почнуваат да се сомневаат дека направиле нешто уште пострашно. Ката ја открива вистината. Мајката не може да го издржи сознанието дека го убиле сопствениот син и умира од срцев удар, а таткото се прободува со нож.


            Четирите етапи во драмата се:
            1. експозиција - описот на куќата, обичаите за испраќање на печалбарот и испраќањето;
            2. заплет - враќање на печалбарот во куќата на сестра му;
            3. кулминација - планот да не се каже кој е и доаѓање во куќата на родителите;
            4. расплет - заслепеноста на таткото од парите, убиството на туѓинецот, откривањето на вистината и смрт на родителите.


            Ликови

            Митре е сиромашен селанец кој е принуден да го испрати единствениот син на печалба. Тој живее мирен, скромен живот и постојано мисли на враќањето на синот. Но, кога доаѓа туѓинецот во неговата куќа, тој сосема се променува. Страста кон парите му го свртуваат умот и ќе го доведат во состојба да изврши злосторство. Толку е заслепен, што не ја слуша жена си, па дури и кон неа станува агресивен. Си наоѓа изговор и го убива. Се разбира, дека потоа се кае за стореното злосторство, а кога разбира дека бил син му - се убива. Но, тој не е негативен лик, иако убива. Затоа што не убива тој, туку сиромаштијата и желбата за подобар живот, како и зависта.
            Мара е типична патријархална жена и мајка која ги почитува сите обичаи и која е потчинета на мажот и децата. Се обидува да го одврати мажа си од намерата да убие, бидејќи се плаши да не бидат откриени. Кога ја дознава вистината, мајчиното срце не може да ја поднесе - и умира.
            Ангеле е печалбар кој уште како дете го праќаат на печалба, а се враќа како возрасен маж. Тој постојано мисли на дома, на родителите и сестра си. Таму печалел и штедел, им праќал пари на домашните и среќен се враќа дома. За да направи поголема претстава од своето враќање, ја смислува играта која ќе заврши кобно, за сите.

„Печалбари“ -Антон Панов (раскажана)


            „Печалбари“ е драма во четири чина и драмско дејство развиено во пет етапи. Таа е битово-социјална драма со мотиви од печалбарскиот живот.
            Битово - значи дека е опфатен начинот на живеење, обичаите на Македонците; социјален - судирот меѓу богатите и сиромашните и печалбарството - како нужност да се спечали.
            Темата во драмата е љубовта на двајца млади, поради која момчето е принудено да оди на печалба.
            Во драмата се испреплетуваат неколку мотиви: мотивот на парите, мотивот на љубовта, на традицијата и на печалбарството. Парите се сепак движечкиот мотив, тие се средство за живот, за богатење, за купување невеста, за уништување на семејството, за одење на печалба и смисол за живеење (на Јордан му се и срце и душа).
            Идејата е да го прикаже животот на Македонците во првата половина на XX век.
            Дејствието се случува во едно село во Западна Македонија (освен една сцена во Белград) кон крајот на триесеттите години од XX век.

            Содржина

            1 чин 

На почетокот од драмата е претставена богата македонска куќа, домот на девојката Симка. Преку разговорот на Симка со своето помало братче Стојче, авторот не воведува во светот на драмата. Таа му дава да јаде и го распрашува што дознал. Тој кажува дека уште утрото се најавиле стројници од две страни: од Ѓурѓиновци за Јован (од богато семејство) и од Итромановци за Костадин (сиромашен, но Симка го сака). Братчето е наклонето кон побогатите бидејќи тие ќе му дадат повеќе подароци, на што Симка му одвраќа:

Симка:            Магаре ниедно! Уште од малечко со татковите очи гледа...

            Јордан е нивниот татко, богат лихвар, кој гледа се низ призмата на парите.
            Во куќата доаѓа прво Божана, мајката на Костадин. Во разговорот со Рајна, мајката на Симка, дознаваме дека таа е вдовица и дека Костадин е нејзиното единствено дете за кое би направила се.
            Се појавува Јордан, кој е многу љубезен со Божана. Таа веднаш му кажува за што е дојдена - да ја побара Симка за Костадин. Јордан се согласува, го пофалува Костадин како млад, здрав и работлив, но споменува дека тој не бил на печалба, па веројатно нема пари за да гледа семејство и да си ја откупи невестата. Тој ја кажува цената - триесет лири, облека, појас, сребрен саат итн.
            Божана го пренесува ставот на Костадин, дека тој не сака да плаќа за невестата, сака да го одмине тој ред. Тој би ги направил сите адети, но да не ја купува невестата. Јордан не сака ни да слушне.
            Веднаш по заминувањето на Божана доаѓа Ѓорше, сиромашен селанец, кој бара пари на заем од Јордан. Тој му дава, го запишува во лихварскиот тефтер и се договара по печалба да му ги врати со камата. Стојче, синчето, му помага на својот татко, му го носи тефтерот и всушност го учи занаетот.
            На крајот од првиот чин доаѓа стрико Кољо, како стројник за Јован. По вообичаените поздрави и понудената ракија, Кољо го тера редот и кажува за Јован. Го фали - здрав, млад, работлив, кој е се уште во Белград на печалба.
            Јордан веднаш се сложува да ја даде Симка за него, повторно ја кажува својата цена, малку се ценкаат и на крај си подаваат рака. Ја повикуваат Симка, која заради редот ја прашуваат дали сака да се омажи за Јован. Таткото знае дека таа го сака Костадин, но за него тоа ништо не значи. Со солзи во очите, ќерката послушно прифаќа и стрико Кољо ја дарува.
            Нејзините другарки ја започнуваат обредната песна за свршувачка со што се доловува фолклорниот амбиент.

            2 чин 

Во сиромашната куќа на Божана и Костадин, мајката и синот разговараат за Симка. Костадин не може да се помири дека нема да живее со неа и ги проколнува парите - кои се најважни во светот на Јордан. Костадин како носител на новото сфаќање ги искажува следните зборови:

Костадин:       Не, не сакам жена за пари! Јас милувам, Симка од чиста милост да ми дојде, не за пари! Сакам со неа век да векувам како со жена, не како со платен добиток. Ме разбираш ли? Јас сакам и таа да се праша! Зашто навистина ако таа се праша, право ќе си каже: Костадина го сакам! Сега дали е јасно? Сакам жена, не роб...

            Мајката го советува да оди на печалба, да заработи, за да може да ја оствари својата цел, но Костадин одбива. Не сака и тој како неговиот татко да ги остави коските на печалба. Го искажува својот став кон печалбарството - зло на сиромашните, кое од нив прави робови.
            Доаѓа пријателот на Костадин, Зафир, кој му кажува дека ја свршиле Симка за Јован.
            Костадин, изреволтиран, трга да ја грабне Симка. Симка, патријархално воспитана, не сака да бега, не сака да се посрамоти, му кажува дека сега е свршена, но сепак љубовта кон Костадин победува, и покрај се таа решава да избега за него. Но, во тој момент се појавува Јордан кој го спречува грабнувањето и се пазари со Костадин. Јордан му позајмува пари, а Костадин прифаќа поради молбите на Симка.

            3 чин 

Претставена е семејната хармонија во домот на Костадин, љубовта меѓу младоженците и среќата заради бебето што го очекуваат.
            Доаѓа Божана која најавува дека Јордан сака да ги посети. Тоа предизвикува вознемиреност кај младите. Неговото доаѓање и однесување кулминира во ужасна расправија. Тој си ги сака своите пари по секоја цена. Не му е важна среќата на ќерката, ниту се сожалува на молбите од Костадин да почека уште малку за да го види барем бебето кога ќе се роди. Расправијата го достигнува својот врв на крајот од оваа слика:

Костадин:       Ти немаш срце, Јордане!
Јордан (Потсмешливо): Море, парите ти се и срце и душа! Без нив ништо не можеш!... Секој чесен печалбар си ја стега торбата...
Костадин:       Молчи, не зборувај!... Тие се толку чесни, та дури и не знаат дека за тебе работат, долг да ти отплатуваат. Молчи, Јордане! Засрами се!
Јордан:            Зошто да молчам, пред кого да молчам, бре? Пари, пари ми требаат!...
Костадин:       Трај! Во домот си ми!
Јордан:            Не траам! Јас, или ти имаш за давање?...(скокнува) Море пари, пари, бре голтар! (крева рака на Костадин).
Костадин (Го зграпчува за гуша):  А, куче чорбаџиско! Си дошол огништето да ми го растуриш!...
Јордан (И тој го фаќа Костадина за гуша): Пари, пари, бре!...

            Костадин, немоќен, заради Симка и бебето, решава да оди на печалба.
            Втората слика од овој чин го претставува обичајот на заминувањето на печалба, како и разделбата на Симка и Костадин. Надвор од селото, во природа, покрај прошталната чешма се собира групата печалбари и нивните блиски кои ги испраќаат. Пеат песни и пијат. Групата се зголемува, а водачот, стрико Марко ги собира на едно место, да јадат и да тргнат. На крајот ги испраќаат солзите на жените и девојките.
            Костадин се поздравува со жена си, која ја наведнала главата, не може ни да зборува од насобрани солзи и тага, и и ги кажува последните зборови:

Костадин:       Ех, Симке, Симке!...

            4 чин 

Првата слика е слика на печалбарскиот живот и се случува во една фурна во Белград. Поминале пет години, а Костадин лежи, облеан во пот и болен од туберкулоза. Неговите другари се грижат за него колку што можат, но лекови не можат да купат, бидејќи за нив треба пари. Суровиот газда Арангел сака да го избрка од фурната, велејќи му дека тоа не е болница. Тој воопшто не чувствува вина за неговата болест која ја добил од неподносливите услови за работа. И тој како Јордан мисли само на парите и загубата што ја трпи чувајќи болен човек кој не може да работи.
            Последните зборови на Костадин се носталгични, со желба за последен пат да ја види Симка, но и малку и префрла велејќи:

Костадин:       (Силно возбуден). Ах, Симке!... Не се согласи на бегање!... Не, не си ти крива... Требаше на сила!... (Се закашлува. Другарите се загрижуваат за него)
Зафир: (Му помага на Костадина).
Костадин:       Што ми прави таа, мајка ми?
Зафир: Мисли на тебе.
Костадин:       И плаче... Плаче Зафире... Плаче тивко, со неведена глава... Плаче и солзи рони...
Зафир: И ти плачеш...
Костадин:       Дали ќе ја видам? Дали таа ќе ме види?... (Се закашлува силно. Другарите се стрчуваат кон него).

            Последната слика е враќањето на печалбарите дома, со песна и радост. Коле, синчето на Костадин со нетрпение го очекува татка си кој никогаш не го видел. Но, пред куќата на Костадин пеењето престанува. Тоа значи само едно - дека печалбарот умрел. Коле не сфаќа што се случило и кога Зафир, другарот на Костадин, влегува во куќата да ги даде спечалените пари, детето се стрчува кон него, го прегрнува за колената, мислејќи дека тоа е неговиот татко.

Коле:   (Трча кон Зафира радосно) Еве го татко, мамо!... (Му ги опфаќа колената на Зафира. Молчење).
Божана:          (Како не со свој глас) Каде ми е син ми Костадин?...
Зафир: (Молчи. Потем го вади од торбата појасот Костадинов и ќесето со пари; ги предава).
Симка:            (Го прима ќесето и појасот) Ела, Коле... (Го прегрнува Колета). Татко ти не ќе си дојде... Никогаш не ќе си дојде... Ти пратил пари да го викнеш дедо ти Јордан на задуша...
Божана:          (Со шепот кон Зафира). Умре?
Зафир: Умре...

            Етапите во драмата се:
            1. експозиција - запознавање со ликовите и Јордан како носител на семејната трагедија;
            2. заплет - Костадин, како носител на новите сфаќања - против купување на невестата и против печалбарството;
            3. кулминација - доаѓањето на Јордан да си ги земе парите;
            4. перипетија - печалбарскиот живот, болеста и смртта на Костадин;
          5. расплет - враќање на печалбарите, предавањето на парите и судбината на печалбарската жена.

            Ликови

            Јордан е богат чорбаџија, лихвар, кој се гледа низ призмата на парите. За него не претставува ништо среќата на ќерка му, важно му е само да платат за неа. Суров, бесчувствителен, бездушник, кој нема да дозволи ќерка му да оди бегалка, застапник на старите патријархални сфаќања.
            Костадин е претставник на новите сфаќања. Тој пред се не сака да ја купува невестата со пари, зашто смета дека таа не е стока, дека и нејзиниот глас треба да се слушне. Љубовта за него е поважна од традицијата и старите закоравени правила. Исто така, тој е против печалбарството, против оставањето на својата татковина, на домот и семејството. Смета дека и тука може да се заработи за живот и да не се жртвува животот за пари.
            Симка е патријархално воспитана, покорна ќерка, која не смее да му се спротистави на таткото. Ги потиснува своите желби за да ги оствари желбите на татка си. Иако е вљубена во Костадин таа не прави ниту еден храбар чекор за да ја оствари таа љубов. Не сака да побегне за него, бидејќи како бегалка ќе го посрамоти семејството, го тера Костадин да ја прифати нагодбата иако знае дека тоа ќе ја унесреќи и на крајот го тера да оди на печалба - сама жртвувајќи се да биде бела вдовица. Нејзината трагедија е уште поголема кога останува без маж, без човек кој ќе се грижи за семејството. Историјата се повторува, таа е иста како свекрва и Божана.

„Чорбаџи Теодос“- Васил Иљоски (раскажана)

Чорбаџи Теодос“ е комедија на интригата што ќе ја подметне итриот Арсо за да го исмее чорбаџијата. Инспирирана е од анегдотата за присилното кумство. Освен тоа, во неа има многу битови и социјални елементи.
            Темата е забранетата љубов на двајца млади, а идејата е да се исмее надуениот чорбаџиски свет.
            Дејството се случува во Скопје, во турско време. Драмата е составена од три чина, а драмското дејствие е развиено во четири етапи.

            Содржина

            1 чин

На почетокот е прикажана куќата на Чорбаџи Теодос, рано наутро, кога сите се будни, освен чорбаџијата. Преку смешните сцени се претставени односите во семејството. Имено, часовникот застанал и на сите им е страв да го разудат чорбаџијата. Тој треба на време да стане за да оди да го види лозјето на Арсо, кое ќе му го земе заради неговите долгови. Жена му на Теодос, Кева, се туфка дали да влезе кај мажа си. Таа знае дека тој секако ќе и забележи, и ако го разбуди прерано и ако го разбуди предоцна. И нивните слуги, Наца и Спиро, исто така не сакаат да ризикуваат и тие да бидат виновни за нерасположението на господарот. Затоа, одбиваат да го разбудат.
            Во куќата доаѓа и Ефка, која сака уште еднаш да ја помоли Кева да зборува со својот маж за Стојанка и Томче. Таа е тетка на Стојанка, сиромашна, но убава и вредна девојка, која сака да помогне во остварувањето на нивната љубов, за која Теодос не сака да чуе. При убедувањето таа ќе и рече на Кева:

Ефка: Другачки сме, сестро, се знаеме уште од малечки, можеме да си кажеме баре маките...Не омажија за невидени и нечуени... А тие што си ги сакавме, ги оженија за други... Ете, толку години поминале, а меракот трае и тлее како запретан жар во срцето... И само пече и боли.

            Преку овие зборови се гледа судирот на старото и новото. Нив ги омажиле родителите за оние што им ги одбрале, но повеќе не мора да биде така.
            Се појавува Томче, убаво момче, со танки мустачиња, густа кадрава коса, убаво облечен, но целиот блед, потиштен и огорчен. Во разговорот со мајка си, тој е решен одлучно да му се спротивстави на таткото и да ја земе за жена Стојанка. Се сили, дури и тргнува да го тепа. Но, кога му велат да го разбуди за на лозје, тој се повлекува, го покажува својот страв и нерешителност.
            Никој не се осудува да го разбуди чорбаџијата и на крајот чекаат тој сам да стане. Неговото будење и неговата личност се комични од почетокот до крајот на драмата. Всушност, и целта е таа: да се исмее чорбаџијата, неговото однесување, неговото претерување.
            Кога станува, сака сите да се вртат околу него, да му помагаат, да го облекуваат, да го четкаат до последното влакно, да не му остане ни една трошка нечистотија на него. Со сите е груб, надмен, ги омаловажува и ги смета за многу пониски од себе. Тој е големиот газда.
            Томче доаѓа да зборува со него, но не храбро како што посакува туку со наведната глава. Иако ја искажува својата желба и намера, тој не може да му се спротивстави на татковото бескомпромисно НЕ.
            Смешна е и појавата на слугата Спиро, кој понекогаш се заборава и зборува исто како Теодос, повторувајќи ги неговите зборови и имитирајќи му го гласот и начинот на зборување. Иако тој воопшто не мисли така, му вели на Томче дека Стојанка не е за него, дека таа имала црно под ноктите, дека е нечиста и недостојна.
            Пред да тргне на лозје, Кева уште еднаш се обидува да зборува со Теодос за Стојанка, но тој и одвраќа:

Теодос:   А и каква може да биде девојка од таква куќа? Татко и самарџија. Со него ли да се засватам? Поарно самар на грбот да си ставам. Таа да ми влезе во куќава! Каков ред, каква чистота ќе биде? Не врткај ме повеќе, работа ме чека, не е ред!

            2 чин

На почетокот од вториот чин е претставена чистата и силна љубов меѓу Томче и Стојанка, но и притисокот кој таа го врши за побрзо разрешување на ситуацијата. Таа вели дека до вечер мора да знае дали тој ќе ја земе, зашто и други момчиња се интересираат за неа, а и за да не се посрамува пред светот.
            Арсо, пак, на пат кон лозјето кое го загубил заради долгот кон Теодос, смислува начин како да си го задржи. Тој е ведар и расположен иако се наоѓа во таква ситуација.
            Дејствието се префрла на група Роми кои бараат нов кум за бебето што им се родило, бидејќи стариот умрел. Според обичајот, првиот што ќе наиде треба да им стане кум.
            Арсо ги здогледува и почнува да си замислува колку би било убаво прв да нагази Теодос за да може да му се потсмева.
            Прво налетува пијан селанец, кого Арсо едвај успева да го одврати. Му нуди да оди кај него дома каде ќе му дадат газија и сол, но сомничавиот селанец не може да прифати дека некој ќе му даде нешто без пари или друга услуга. Арсо успева да го убеди дека на тој начин сака да си ги искупи гревовите, а симпатиите и довербата ја добива кога му кажува дека се тие исти, дека и тој чека пајак-крвопиец кој заради долгови ќе му го лапне лозјето.
            По него се појавува и Спиро, слугата на Теодос, кого исто така многу тешко ќе го врати, но сепак успева. Му дава клуч од дома, кој божем го заборавил кај себе, па неговите не ќе имаат со што да заклучат. Ако не оди Спиро, ќе мора да оди Арсо, па така Теодос повеќе ќе се нервира чекајќи го да се врати.
            Конечно, патот е расчистен и се појавува Теодос. Тргнуваат заедно кон лозјето, но Арсо се подвраќа божем заборавил нешто таму каде што прилегнал да го чека, а Теодос продолжува сам - нагазувајќи право на бебето од Ромите. Тој се наоѓа во небрано, но никако не сака да прифати да им биде кум.

            3 чин

Дејствието се случува на Арсовото лозје, каде Теодос ја проценува неговата вредност. Таму доаѓаат Ефка и Стојанка. Арсо се обидува да и помогне на Стојанка и да го одоброволи Теодос. И покрај фалбите на Арсо, дека таа е убава, вредна, брза, чиста, Теодос се однесува надмено, не сака да ја погледне и луто ја навредува неприфаќајќи ја чашата со вода од нејзината рака.
            Се слушаат свирки од далеку и се приближуваат Ромите за да го развеселат својот нов кум. Арсо ликува заради чувството што тие го предизвикуваат кај Теодос. За уште повеќе да си поигра со него, му вели да се скрие во колипката која е нечиста и полна со болви. Теодос ќе мора и таа грозотија да ја истрпи, само за да избега од поголемото зло. Ромите со свирките, мезето и ракијата, се подготвуваат да си одат, бидејќи не го нашле Теодоса, но Арсо им дава знак и тие велат дека         ќе одат дома кај него. Вознемирен, Теодос излегува од колибата, целиот извалкан и прекриен со слама. Од мака, иако прво одбива, тој заседнува и почнува да пие со Ромите, прво од чаша, а потоа и од заедничкото шише. Тој никогаш не пиел алкохол, не пушел, а најмалку помислувал да седи со Роми и да го прави тоа со нив. Не може да се помири со тоа што му се случува и вели:

Теодос:           Јас на овој ред! Јас ова да го дочекам во мојот живот... Е, што ти бил животот. Лажовен, лизгав: одиш, одиш, исправен, силен, чист и - одеднаш паднат во кал, извалкан, смачкан... Живот!...

            Ромите и Арсо успеваат да го фатат Теодоса и на оро, па дури го натерале да го заводи орото, како вистински кум.
            Доаѓаат жените, Кева и Наца со ручекот и не можат да им поверуваат на очите. Тогаш и Теодос се освестува и почнува да го негира и одбива кумството. Се појавува и Томче, и тој како татко му опијанет. Решен е да го истера своето по секоја цена. Тој дури се заканува со нож дека ќе се избоде, ако татко му не му даде благослов за Стојанка. Теодос, сосема избезумен, очаен, ромски кум и самарџиски сват, не може да најде излез. Тогаш Арсо, во замена за лозјето, му нуди помош. Му предлага да му дозволи на Томче да ја земе Стојанка, но и да го земе кумството. Томче се би направил за својата љубов и затоа ја прифаќа спогодбата.
            Теодос исмеан дури и од слугите си заминува да се скрие од срамот.

            Четирите етапи во драмата се:
            1. експозиција - семејната атмосфера и прикажување на доминантниот лик;
            2. заплет - воведување на конфликтот меѓу Арсо и Теодос;
            3. кулминација - подметнувањето на кумството;
            4. расплет - ослободување од кумството и дозволата за женидба.


            Ликови

            Во комедиите на интриги, ликовите не се целосно изградени, туку се типизирани (со нагласени особини).
            Чорбаџи Теодос е претставник на власта и парите. Тој сите ги гледа од високо, со понижување, потценување и ароганција (и жена си и сина си). Тој е жртва на сопствените предрасуди и фрустрации.
            Арсо е претставник на средниот сталеж кој се повеќе тоне заради крвопиите како Теодос. Тој е благороден човек кој освен на себе си, сака да им помогне и на другите (на Стојанка и на Ромите). Ја смислува целата интрига затоа што е бистар и снаодлив, зашто е ведар дух, а и сака да го види својот крвник малку да падне за да го исмее и барем малку да му биде полесно на душата.
            Томче е младо момче кој е носител на новото, поинакво сфаќање, кој сака да се ожени од љубов за многу сиромашна девојка. Тој е патријархално воспитан, го цени, почитува и се плаши од својот татко. Без негово одобрение тој нема да се ожени.
            Кева е сопругата на Теодос која би требало да живее убаво, богато и лагодно. Но, во патријархалниот дух и таа му е потчинета, работи се за да му угоди на домаќинот, се плаши од него и од неговите бурни реакции, се плаши да му се спротивстави и да го каже своето мислење.

„Албатрос“ -Шарл Бодлер


            Луѓе од бродот, често, за забава ги ловат
            албатросите, птици што в морска шир се сами,
            и што со големи крила рамнодушно пловат
            над лаѓата што се лизга над горчливи јами.

            Но кога ќе се најдат врз палубните штици
            тие кралеви на ширта, до пред малку сјајни,
            ќе станат одеднаш смешни и несмасни птици,
            а крилата бели жално ќе се влечат крај нив.

            Тој крилат патник сега колку станал беден!
            Тој, некогаш толку убав, колку е грд вака!
            Со своето луле клунот му го дразни еден,
            куцајќи, друг летачот го подражава сакат!

            Како принц на облаците поетот се крева,
            се подбива со стрелецот и низ луња броди,
            но штом е спуштен на земја, среде џган и врева,
            неговите крила на џин му пречат да оди.

            Песната Албатрос“ претставува симболична слика на величината и падот.
            Преку судбината на албатросот, таа прекрасна, слободна и горда птица, уловена од морнарите на кои им служи за шега и разонода, е претставена величината, но и трагедијата на поетите.
            Гордиот албатрос - владетелот на морињата и небесната шир, фатен и спрострен на бродската палуба, станува смешен и жален. Морнарите се изживуваат со него, го малтретираат со своето луле клунот му го дразнат“, му се смеат и го имитираат неговото жално прпелкање.
            Симболичната слика за албатросот во последната строфа преминува во реална. Албатросот всушност е поетот – принц на облаците“. Но, поетовата возвишеност и вистинска вредност не е сфатена од обичните луѓе. Со огорченост поетот ја завршува својата исповед - неговата позиција во светот каде што не го разбираат. Меѓу џганот, тој се чувствува како албатрос со огромни крилја кому не му даваат да лета.

„Декамерон“ - Џовани Бокачо

„Декамерон“ претставува заокружена збирка раскази кое авторот го постигнал со воведниот дел, односно „Уводната новела“. (Всушност, единствена здодевна е токму воведната новела ) каде Бокачо го прикажува својот концепт на збирката. Имено, за време на големата чума во Фиренца, група млади луѓе (7 жени и 3 мажи) се засолнуваат во една куќа (се повлекуваат во карантин) и за да не им биде здодевно за секој ден определуваат крал или кралица кој ќе кажува што да прават. Во текот на тие десет дена, сите десетмина, секој ден раскажуваат по еден расказ на определена тема (10 X 10 = 100). Затоа збирката содржи 100 новели. Според темите тие се поделени на:
1 ден - нема одредена тема - кралица е Пампинеа
2 ден - неприлика со среќен крај - кралица е Филомена
3 ден - за двомислени луѓе - кралица е Немфиле
4 ден - за несреќната љубов - крал е Филострат
5 ден - за среќната љубов - кралица е Фијамета
6 ден - за оние кои биле итри и досетнно се спасиле - кралица е Елиза
7 ден - за жените кои го изневериле мажот - крал е Дионес
8 ден - исмејувањата на мажите од жените и обратно - кралица е Лаурета
9 ден - слободна тема - кралица е Емелија
10 ден - за правилните постапки - крал е Помфил
Во „Декамерон“ се прикажани многу настани, ликови и случки. Освен според деновите, како што ја направил поделбата самиот Бокачо, новелите може да ги поделиме во неколку групи.


Во првата група може да ги ставиме кусите новели со остромни изреки. Такви се, на пример, новелите: „Итрината на Кикибио“, „Форезе и Џото“, „Франческа и огледалото“ и др.
Во „Итрината на Кикибио“, слугата Кикибио итро се снаоѓа кога неговиот господар ја бара ногата од жеравот што бил приготвен за вечера, а кој претходно го изела жената на Кикибио. За да ја докаже својата невиност, утредента Кикибио и неговиот господар отишле да ги видат живите жерави и да се убедат дали имаат една или две нозе. И навистина, додека спиеле жеравите стоеле на една нога, и Кикибио го имал својот доказ. Но, тогаш, неговиот господар извикал „хо, хо“ и ги разбудил и растерал жеравите кои ја испружиле и другата нога. Збунетиот, и фатен во „небрано“ Кикибио, веднаш се снашол и рекол дека господарот синоќа не викнал „хо, хо“!, па затоа жеравот од трпезата не ја покажал својата друга нога.

Во втората група се новелите каде се прикажани големите добродетелства, како на пример во новелите: „Маркизот од Салуцо“, „Приказна за соколот“ и др.
Во новелата „Маркизот од Салуцо“, издржливоста, покорноста и достоинството на сиромашната селанка Гризелда која ја зема за жена маркизот од Салуцо не може да се спореди со карактеристиките на ниедна благородничка. Неговото изживување и искушување ја превршува секоја мерка (и ги одзема децата, кои божем ги убива; по многу години ја брка од куќата велејќи и дека ќе се жени за друга), но таа достоинствено истрпува сè. На крајот таа ја добива наградата - љубовта и почитувањето од својот маж и од сите луѓе.
Во „Приказната за соколот“ , исто така, љубовта и достоинството го креваат главниот лик до совршенство. Неговата жртва за љубовта доведува на крајот до остварување на таа љубов, токму поради неговите добродетелства.

Во третата група спаѓаат љубовно-еротските новели како: „Босилокот на Изабета“, „Славејчето“ и други.
Љубовта што ја чувствувала и ја остварила Изабета е многу овоземна. Таа го сака и остварува физичка љубов со слугата Лоренцо, но, за жал, таа завршува трагично, поради моралните норми кои ги поставиле општеството и нејзините браќа. Како и да е, таа останува верна на единствената љубов во нејзиниот живот, без разлика што бил од друг сталеж.
Исто така, Катарина и Ричардо од новелата „Славејчето“ ја остваруваат својата љубов. Многу суптилно еротски Бокачо прави компарација со „славејчето“ и еротската љубов што ја чувствуваат двајцата млади.
Рушењето на бариерите во однос на класата на која и припаѓале е многу присутна во новелите на Бокачо. Селаните можат да бидат со благороден карактер и поради тоа да бидат еднакви со богатите. Таа граница која во средновековието била непробојна, кај Бокачо веќе се руши. Според него, човекот е човек, без разлика на кој сталеж му припаѓа.

Во четвртата група спаѓаат новелите во кои Бокачо ги критикува ниските човекови нагони, а особено ги разобличува свештениците. Ја опишува нивната алчност, нечесност, злоупотребата на религиозноста и суеверието на неукиот народ за своја полза. Таков е, на пример, фра Чиполо кому Бокачо му ја разоткрива лажната светост и лицемерието. (Сличен пример ќе видиме подоцна кај Молиер и „Тартиф“). Бокачо им се потсмева на свештениците кои едно зборуваат, а друго прават, кои проповедаат воздржаност од физичка љубов, а самите се развратни.

Иако „Декамерон“ има забавен карактер, сепак, во него Бокачо реално го претставил италијанското предренесансно општество во 14. век.