Денови
Како на вратот ѓердани
ниски камења студени,
така на плешки денови
легнале та натежнале
Денови ли се — денови
аргатски маки големи!
Стани си утре порано
дојди си вечер подоцна,
наутро радост понеси
навечер тага донеси —
ај пуст да е, пуст да би
останал живот кучешки!
Роди се човек — роб биди
роди се човек — скот умри
скотски цел живот работи
за други, туѓи имоти.
За туѓи бели дворови,
копај си црни гробови!
За себе само ’ргај си
за себе маки тргај си —
нижи си ѓердан денови
нижи си алки ковани,
нижи си синџир железен
околу вратот навезен!
На почетокот од песната, преку компарација, поетот ги опишува тешките аргатски денови. Тие се толку мачни - како ѓердан од камења постојано висат на вратот од аргатот.
Во продолжение, Рацин ги опишува аргатските денови, долги, неиздржливи, денови што започнуваат со надеж дека нешто ќе се смени, но завршуваат со истата тага и очај дека ништо не се сменило. Употребувајќи го контрастот (наутро радост понеси - навечер тага донеси) тој го засилува чувството на безнадежност. И уште повеќе: со метафората живот кучешки го завршува овој дел.
Врвот на незадоволството и деградацијата на наемните работници е претставена во третиот дел од песната. Аргатите се принудени да работат за друг за да преживеат. Тие повеќе не се слободни луѓе, туку се робови на експлоататорите кои им плаќаат толку малку, колку да сврзат крај со крај. Повторно употребувајќи го контрастот (бели дворови - црни гробови) ја потенцира огромната социјална разлика (некој може да живее раскошно, а за другите гробот е доволен).
Во завршните стихови, во исчекување на барем малку оптимизам - го дочекуваме крајниот безизлез. Поетот го прикажува постојаното, трајно страдање на аргатите кои до крајот на својот живот ќе си го нижат ѓерданот од тешки денови. Метафорично го претставува како железен синџир од алки ковани.
Освен наведените стилски фигури, поетот употребува епитети (камења студени, маки големи, живот кучешки, скотски живот, бели дворови, црни гробови, синџир железен); како и анафора (повторување на исти зборови на почетокот од стихот - роди се..., за себе...,нижи си...). Според мотивот (аргатски), песната е под директно влијание на народната поезија. Со бавен ритам и патетичен тон се искажани елегичните чувства за тешкиот живот на македонскиот народ.
Песната ја сочинуваат осум строфи и тоа четири со по четири стиха (катрени) и четири со по два стиха (дистих). Стихот е осмерец и не е римуван (бели стихови).
Тутуноберачите
На кантар студен со туч го мерат
а можат ли да го измерат,
нашиов тутун — нашава мака
нашава солена пот!
Од темни зори на утрини летни
до никоја доба на вечери зимни
тој гладно пие тагата наша
и потта и крвта и снагата ни.
Жолт — жолти прави лицата бледни
и жолта гостинка у градите носи.
По утрини росни, по мугрите пресни,
наведени ничкум по полињата родни
Зачмаени ние го береме.
Лист по лист кини,
лист по лист нижи,
лист по лист превртуј, притискај,
лист по лист милно, таговно реди
и на долга низа од капки пот
и надеж со клетва и зелена јад,
со коров поглед на очите матни
по кревките лисја жолтозлатни
прикаска горка на живот клет
нанижи безгласна а така јасна.
Та не знаеш ли?
Денот ли дојде тој да се мери —
мерка му нема, а в градите длаби
без да се запре, без дно да најде
не тага а клетва, и в очите матни
и не сакајќи сама се дига
фуријата.
Кантарот носи лисјето златно
а в гради луто далгите беснат
на жолтата мака — на жолтиот тутун
на жолтата пот на рацете ни!
Вечната македонска мака со тутунот и тутуноберачите Рацин поетски ја преточил во оваа песна.
На почетокот од песната се прикажани тутуноберачите кои го носат својот тутун на мерење (за откуп), но трудот што е вложен при обработката, никој не може да го плати. Преку реторско прашање поетот ја дава почетната слика на маката и безизлезот.
Во продолжение го потенцира лошото влијание на тутунот врз работниците, нивната работа од утро до мрак и жолтата болест (туберкулозата) која тутунот ја носи поради нивната незаштитеност. Поетската силина во овој дел е постигната со персонификација на тутунот (оживување) — тој ја пие тагата и животот. Покрај тоа, со инверзија и полисиндетон (нижење на сврзници) тој уште повеќе го засилува страшното влијание на тутунот (и потта и крвта и снагата ни).
Описот на работата на тутуноберачите е најубавиот дел од песната. Поетот со спокоен тон ја раскажува приказната за листот и неговиот пат, за работниците кои својот живот му го посветиле нему и ропски му се предале. Со употреба на анафората се постигнува силниот впечаток на доминација на листот — тој е главниот носител на преживувањето (заработка), но и на маката и смртта.
Во продолжение, кога доаѓа моментот на откуп, веќе спомнат на почетокот од песната — трудот, маката, деноноќната работа, болеста, замагленоста на очите — никој не може да ја плати.
Песната завршува како и „Денови“, без надеж дека нешто ќе се подобри. Се чувствува само маката и тивкиот револт на тутуноберачот и неговата помиреност со судбината. Горчливоста на животот речиси ја чувствуваме и гледаме преку жолтата боја која е доминантна во песната. Жолти се листовите, тутунот, жолти се лицата, жолта е гостинката во гради, жолта е маката и жолта е потта.
Песната не е организирана во строфи, туку во слободни делови со нерамномерен број стихови.
Балади
Балади се: „Ленка“, можеби најпознатата, антологиската песна на Рацин и „Балада за непознатиот“.
Баладата за девојката Ленка, Рацин ја започнува директно, концизно и јасно, со принуденоста на девојката да го остави подготвувањето на својот чеиз и поради сиромаштијата да оди и да работи во монополот. Таа мачна работа не е за девојки и таа веднаш се изменила во ликот и се разболела.
Во вториот дел, поетот револтирано извикува дека Ленка не требала да оди и да работи, бидејќи тутунот е отров кој за таквото нежно и младо суштество ќе биде кобен.
Преку градација, во третата строфа, со многу стегнат израз, само во шест стиха, поетот успева да ни ја претстави нејзината трагедија. Нејзината болест (грутка в срце), нејзината претсмртна мака (болест ја в гради искина) и нејзината смрт (земјата покри снагата). Во тие услови толку вреди човековиот живот — шест стиха!
На крајот, поетот не може да не ја изрази својата тага за залудно загубениот живот, за неоствареноста на девојчините соништа, да се омажи и да создаде семејство.
Ленка
„Билјана платно белеше...“
Откако Ленка остави
кошула тенка ленена
недовезена на разбој
и на наломи отиде
тутун да реди в монопол -
лицето и се измени
веѓи паднаја надолу
и усти свија кораво.
Не беше Ленка родена
за тија пусти тутуни!
Тутуни — жолти отрови
за гради — китки розови.
Прва година помина
грутка в срцето и легна,
втора година намина
болест ја в гради искина.
Трета година земјата
на Ленка покри снагата.
И ноќе кога месечко
гроб и со свила виеше.
Ветерчок тихо над неа
жална и тага рееше:
„Зошто ми, зошто остана
кошула недоткаена?
Кошула беше даровна...“
Мотив за пропаднатите занаети
Со мотивот на пропаднатите занаети, Рацин се преокупира во циклусот песни „На Струга дуќан да имам“. Циклусот содржи седум песни кои може да се поделат на два дела: првите - во кои се искажува тагата заради пропаднатите занаети; и вторите - во кои се искажува револтот против капиталистичкото општество.
Циклусот, жанровски го определуваме како елегија, во која се искажува носталгијата по некогашниот чаршиски живот, љубовта меѓу луѓето, љубовта кон саканата и желба за враќање на старите времиња.
Експресионистичко - револуционерен мотив
Разочараноста на поетот од животот на работниците во капиталистички услови е основен мотив во целата збирка песни. Тој речиси во сите песни се помирува со таквиот живот, односно само ја потенцира тешкотијата без да даде предлог како тој живот да се подобри. Единствено во песната „Копачите“, поетот јасно повикува на борба против таквиот живот (револуција).
Копачите
Се к’ти ноќта црна!
Се рути карпа — мрак!
И петли в село пеат
и зората се зори —
над карпа в крв се мие
и темнината пие
силно
светнал
ден!
Пробудете се морни
копачки и копачи —
на трудот
црн
народ!
Со мотика на рамо
за корка сува леб,
по патиштата стрмни,
по полињата рамни,
у вивналиов ден
да тргнеме и ние
страдалници од век!
. . . . . . . . . . . . . . . . .
Да прокопаме меко
полињата родни
афион, тутун, житце
да родат благородни.
И по кривите вади
да пропуштиме води
за оризите млади
и зелени лободи.
На работа!
На труд!
. . . . . . . . . . . . . . . . .
. . . . . . . . . . . . . . . . .
Та не сме саде ние
та не сме саде тука —
ние сме по цел свет
безбројни
милиони,
на трудот
црн —
народ!
Да биде честит денот
и првата ни стапка
у првиот ни век!
Ќе мине силен ек
Ќе б’сне сонце златно —
по секаде на светот
ќе згине срамно гнетот —
ќе л’сне живот нов!
И реки ќе потечат
и бреме ќе одвлечат
на вековите смрт!
Реките од живи
и пробудени сили
на копачи
копачки
и страдни
голи
гладни
по целата земја!
Се к’ти ноќта црна!
Се рути карпа — мрак!
И петли в село пеат
и зората се зори —
над карпа в крв се мие
и темнината пие
силно
светнал
ден!
Пробудете се морни
копачки и копачи —
на трудот
црн
народ!
Уште на почетокот од песната, поетот со извична интонација ги повикува работниците (копачките и копачите) да тргнат во новиот ден кој силно ќе светне (слободата). Тој ги повикува да се разбудат, да ја кренат главата од ропството во кое се наоѓаат и самите да си го создадат подобриот живот.
Во продолжение го опишува мизерниот живот на работниците, нивните страдања и работа од утро до мрак за да преживеат. Поетското јас почнува да се поистоветува со работниците (пее во 1л. множина), тој е подготвен да им се придружи во борбата. Симболично, преку работата на копачите е претставена борбата и револуцијата (Да прокопаме меко / полињата родни) - тие треба да го сменат општествениот поредок за да живеат човечки.
Повикот за борба е содржан во стиховите: на работа, на труд! што го повторува трипати како рефрен за да ја потенцира неопходноста од револуција, која поетот ја сфаќа сериозно и сеопфатно. Тој мисли на светска револуција, на револуција против сите експлоататори (Та не сме саде ние / та не сме саде тука).
Песната, за разлика од претходните, завршува оптимистички, односно со надеж за подобар живот.
На крајот, поетот је повторува првата строфа за да ја искаже својата увереност, а и уште еднаш да поттикне и да нагласи дека времето за револуција е дојдено.