Романот „Евгениј Онегин“ го сочинуваат осум пеења, со различен број песни. Тој ја создал онегинската строфа составена од 14 стиха.
Иако поетот е претставник на романтизмот, романот е замислен врз реалистична основа во кој се запознаваме со секојдневните настани од животот на руското дворјанство.
Темата во романот е љубовта; младешката, идеализирана и неостварена љубов на Татјана кон Онегин и нејзиното созревање.
Времето на случување се дваесеттите години од деветнаесеттиот век, во Петроград, на село и во Москва. Дејствието се одвива по хронолошки ред со паралелен развој на неколку сижејни линии.
Содржина
Романот започнува со претставување на Онегин, кој по смртта на вујко му од кого добил наследство, решил да замине на село и да го смени начинот на живот, бидејќи градскиот веќе му здодеал.
Поетот се навраќа на минатото на Онегин, на татко му, кој правел по три бала годишно и на тој начин го потрошил богатството. Се навраќа на детството, кога Онегин не добил којзнае какво образование и на неговата младост, кога најважно од сè му било убаво да се облече, да оди по балови и театри и да кокетира со девојките.
Без разлика на неговото површно образование, тој знаел убаво да зборува, знаел да се шегува, бил прифатен во друштвото и омилен кај дамите. Тој постојано излегувал, бил канет на сите балови и приеми, а дома се враќал во мугри кога другите луѓе тргале на работа. Во театарот него не го интересирале претставите и уметноста, туку убавината на дамите. Дома тој имал свој работен кабинет, но Пушкин со иронија го опишува, бидејќи во него имало: турско луле, увозни украси, парфеми, прибор за нокти. Всушност, тој кабинет не бил за работа, туку за дотерување. Таму тој поминувал по три часа дневно контејќи се. И неговата облека била помодарска, странска. И храната исто така, односно, специјалитетите што ги јадел биле странски. Всушност сè во животот на Онегин е подредено на уживањето и на бесполезното поминување на времето. Преку него, Пушкин ни ја претставил однародената, безработна петроградска младина. Тој е тип на излишен човек (непотребен, вишок).
Откако му здодеал ваквиот бесмислен живот, а и заради вујкото кој е пред умирање и кој му остава наследство, Онегин решава да замине на село.
Но писмо одеднаш му дојде:
да тргне веднаш, овој саат.
Го викна вујко му да појде —
за заден да се видат пат.
Ги прочита редојте неми,
за патот далечен се спреми,
го приготви багажот свој,
на тројката се качи тој,
и, зарад пари готов беше
на лаги, воздишки, на се...
Но, и на село само неколку дена бил воодушевен од воздухот, природата и мирот, а потоа повторно му станува здодевно. Се обидува да ги смени господарските односи со воведување на помали даноци со што го предизвикува револтот на соседите.
Тогаш во селото доаѓа Владимир Ленски, убав, млад поет. Тој е сосема различен од Онегин. Тој ја сака природата, ја опејува во своите песни, живее во занес и верува во чистата и искрена љубов.
...Се зближија. Та бран и камен,
ил стих и проза, мраз и пламен
по нешто личат, блиски се...
Но зарад спротивностите,
во нив досадата се влеа.
А потем ... што да зборувам
и зошто да оспорувам!
- Неразделни и блиски беа.
Од немање што да правиш
пријателство ќе направиш!...
Тие толку се зближуваат што Ленски отворено му раскажува на Онегин за големата љубов што ја чувствува кон Олга. Тој ја засакал уште кога биле деца, ја гледал како расцутува и се вљубувал во неа, осамувајќи се и посветувајќи и безброј песни. Сестрата на Олга, постарата - Татјана била различна и посебна.
Молчалива и тажна, дива
ко срна плашлива што бива,
во својот роден татков кат
ко туѓа била секојпат.
Од својте галена да биде
не можела да трпи баш;
ко дете неа никогаш
да игра никој не ја видел,
Крај прозор сама седела,
по цел ден, мисли редела.
Таа не се интересирала за женските работи, за везењето, за облеката, за модата, неа ја интересирале страшните приказни кои во детството и ги раскажувала дадилката, ја интересирала природата, изгрејсонцето и читањето на романтичарските книги.
Претставувајќи ги сестрите, поетот се навраќа и на нивните родители, на нивната мајка која во младоста била вљубена во друг, но нејзините ја омажиле за имотен човек, па по некое време таа се помирила со судбината и презела сè во свои раце - владеела со својот маж и со имотот. Таткото, пак, ја сакал, и дозволил сè, и верувал и само јадел, пиел, спиел и понекогаш со блиски пријатели попладне се дружел. Живеејќи мирен селски живот остареле заедно и тој починал.
Заедно со Ленски, од здодевност и Онегин оди во посета кај Ларини. При таа посета, мирната и повлечена Татјана се вљубува во Онегин бидејќи тој е единствениот нов лик во селото. Таа само чекала да се вљуби во некого, во главата и срцето направила место за својот идеален љубовник. Не го ни познава каков е, но го поистоветува со ликовите од романите што ги чита. Затоа, кога ќе се појави Онегин, таа ќе си рече: тоа е тој!
По оваа средба Татјана уште повеќе се повлекува во себе и гори од љубов. Не можела да јаде, не можела да спие. Единствена на која и се поверувала била нејзината дадилка, па во разговорот со неа малку ја стивнувала својата љубовна болка.
Љубовта на Татјана поетот ја опишува со многу милост и топлина, но и со сочувство кон нејзината наивност, заслепеност, страст која и ја отвара душата и ја прави бескрајно искрена. Не знаејќи како да си ја стивне љубовната страст, таа решава да му напише писмо на Онегин во кое сосема отворено ги искажува чувствата.
На крајот од писмото таа вели:
Но — сеедно: во твое крило
судбината ја препуштам
што заштита од тебе моли...
Би сакала да не пуштам
ни плач... но, напразно? ме боли.
Јас сама сум. Зар некој мене
ме разбира? Но кој е тој?
Молчејќи гинам ... Сепак, денес
те чекам тебе мили мој.
Со поглед еден надеж јака
оживи ми, ил овој сон
прекрати го со ошто сакаш:
со прекор, презир, суров тон.
Завршувам! До смрт се плашам:
јас премирам од страв и срам...
Но, позната е честа ваша:
во неа не се сомневам...
Таа три дена чека одговор на писмото, пребледува и гори, но одговор нема. Тогаш Онегин доаѓа во нивната куќа, а таа од срам и страв бега во градината. Тој ја наоѓа и и кажува дека е многу поласкан од нејзиното писмо, дека тоа поттикнало љубов кај него, дека кога би сакал да се жени, би ја одбрал неа, но тој не е подготвен на таков чекор. Објаснува дека тој не човек за брак и дека таа би била несреќна со него. На крајот ја теши дека таа ќе си најде друга љубов, подостојна од него. Татјана не му одговара ништо, само си ја наведнува главата од болка и тага.
По тој состанок љубовта кај Татјана не стивнува. Таа и понатаму тагува, молчи, не спие и свенува.
А, љубовта на Владимир кон Олга сè повеќе расте. Тој по цел ден е кај неа, и пишува песни во нејзиниот споменар, а не може да се оддели од неа ни ноќе зашто и сонот и го посветува. А, таа, весела, жуборлива, не ги ни чита неговите песни, не ги сфаќа сериозно и лесно наоѓа и друга забава.
Времето минува, Онегин повлечен на својот имот станува како Чајлд Харолд, го обзема монотонијата и мрзливоста. Зимата, доаѓа Владимир и го посетува и поканува Евгениј кај Ларини на именденот на Татјана.
На прославата, Онегин ја забележува тагата на Татјана која го оптоварува и не му се допаѓа.