„Чорбаџи Теодос“- Васил Иљоски (раскажана)

Чорбаџи Теодос“ е комедија на интригата што ќе ја подметне итриот Арсо за да го исмее чорбаџијата. Инспирирана е од анегдотата за присилното кумство. Освен тоа, во неа има многу битови и социјални елементи.
            Темата е забранетата љубов на двајца млади, а идејата е да се исмее надуениот чорбаџиски свет.
            Дејството се случува во Скопје, во турско време. Драмата е составена од три чина, а драмското дејствие е развиено во четири етапи.

            Содржина

            1 чин

На почетокот е прикажана куќата на Чорбаџи Теодос, рано наутро, кога сите се будни, освен чорбаџијата. Преку смешните сцени се претставени односите во семејството. Имено, часовникот застанал и на сите им е страв да го разудат чорбаџијата. Тој треба на време да стане за да оди да го види лозјето на Арсо, кое ќе му го земе заради неговите долгови. Жена му на Теодос, Кева, се туфка дали да влезе кај мажа си. Таа знае дека тој секако ќе и забележи, и ако го разбуди прерано и ако го разбуди предоцна. И нивните слуги, Наца и Спиро, исто така не сакаат да ризикуваат и тие да бидат виновни за нерасположението на господарот. Затоа, одбиваат да го разбудат.
            Во куќата доаѓа и Ефка, која сака уште еднаш да ја помоли Кева да зборува со својот маж за Стојанка и Томче. Таа е тетка на Стојанка, сиромашна, но убава и вредна девојка, која сака да помогне во остварувањето на нивната љубов, за која Теодос не сака да чуе. При убедувањето таа ќе и рече на Кева:

Ефка: Другачки сме, сестро, се знаеме уште од малечки, можеме да си кажеме баре маките...Не омажија за невидени и нечуени... А тие што си ги сакавме, ги оженија за други... Ете, толку години поминале, а меракот трае и тлее како запретан жар во срцето... И само пече и боли.

            Преку овие зборови се гледа судирот на старото и новото. Нив ги омажиле родителите за оние што им ги одбрале, но повеќе не мора да биде така.
            Се појавува Томче, убаво момче, со танки мустачиња, густа кадрава коса, убаво облечен, но целиот блед, потиштен и огорчен. Во разговорот со мајка си, тој е решен одлучно да му се спротивстави на таткото и да ја земе за жена Стојанка. Се сили, дури и тргнува да го тепа. Но, кога му велат да го разбуди за на лозје, тој се повлекува, го покажува својот страв и нерешителност.
            Никој не се осудува да го разбуди чорбаџијата и на крајот чекаат тој сам да стане. Неговото будење и неговата личност се комични од почетокот до крајот на драмата. Всушност, и целта е таа: да се исмее чорбаџијата, неговото однесување, неговото претерување.
            Кога станува, сака сите да се вртат околу него, да му помагаат, да го облекуваат, да го четкаат до последното влакно, да не му остане ни една трошка нечистотија на него. Со сите е груб, надмен, ги омаловажува и ги смета за многу пониски од себе. Тој е големиот газда.
            Томче доаѓа да зборува со него, но не храбро како што посакува туку со наведната глава. Иако ја искажува својата желба и намера, тој не може да му се спротивстави на татковото бескомпромисно НЕ.
            Смешна е и појавата на слугата Спиро, кој понекогаш се заборава и зборува исто како Теодос, повторувајќи ги неговите зборови и имитирајќи му го гласот и начинот на зборување. Иако тој воопшто не мисли така, му вели на Томче дека Стојанка не е за него, дека таа имала црно под ноктите, дека е нечиста и недостојна.
            Пред да тргне на лозје, Кева уште еднаш се обидува да зборува со Теодос за Стојанка, но тој и одвраќа:

Теодос:   А и каква може да биде девојка од таква куќа? Татко и самарџија. Со него ли да се засватам? Поарно самар на грбот да си ставам. Таа да ми влезе во куќава! Каков ред, каква чистота ќе биде? Не врткај ме повеќе, работа ме чека, не е ред!

            2 чин

На почетокот од вториот чин е претставена чистата и силна љубов меѓу Томче и Стојанка, но и притисокот кој таа го врши за побрзо разрешување на ситуацијата. Таа вели дека до вечер мора да знае дали тој ќе ја земе, зашто и други момчиња се интересираат за неа, а и за да не се посрамува пред светот.
            Арсо, пак, на пат кон лозјето кое го загубил заради долгот кон Теодос, смислува начин како да си го задржи. Тој е ведар и расположен иако се наоѓа во таква ситуација.
            Дејствието се префрла на група Роми кои бараат нов кум за бебето што им се родило, бидејќи стариот умрел. Според обичајот, првиот што ќе наиде треба да им стане кум.
            Арсо ги здогледува и почнува да си замислува колку би било убаво прв да нагази Теодос за да може да му се потсмева.
            Прво налетува пијан селанец, кого Арсо едвај успева да го одврати. Му нуди да оди кај него дома каде ќе му дадат газија и сол, но сомничавиот селанец не може да прифати дека некој ќе му даде нешто без пари или друга услуга. Арсо успева да го убеди дека на тој начин сака да си ги искупи гревовите, а симпатиите и довербата ја добива кога му кажува дека се тие исти, дека и тој чека пајак-крвопиец кој заради долгови ќе му го лапне лозјето.
            По него се појавува и Спиро, слугата на Теодос, кого исто така многу тешко ќе го врати, но сепак успева. Му дава клуч од дома, кој божем го заборавил кај себе, па неговите не ќе имаат со што да заклучат. Ако не оди Спиро, ќе мора да оди Арсо, па така Теодос повеќе ќе се нервира чекајќи го да се врати.
            Конечно, патот е расчистен и се појавува Теодос. Тргнуваат заедно кон лозјето, но Арсо се подвраќа божем заборавил нешто таму каде што прилегнал да го чека, а Теодос продолжува сам - нагазувајќи право на бебето од Ромите. Тој се наоѓа во небрано, но никако не сака да прифати да им биде кум.

            3 чин

Дејствието се случува на Арсовото лозје, каде Теодос ја проценува неговата вредност. Таму доаѓаат Ефка и Стојанка. Арсо се обидува да и помогне на Стојанка и да го одоброволи Теодос. И покрај фалбите на Арсо, дека таа е убава, вредна, брза, чиста, Теодос се однесува надмено, не сака да ја погледне и луто ја навредува неприфаќајќи ја чашата со вода од нејзината рака.
            Се слушаат свирки од далеку и се приближуваат Ромите за да го развеселат својот нов кум. Арсо ликува заради чувството што тие го предизвикуваат кај Теодос. За уште повеќе да си поигра со него, му вели да се скрие во колипката која е нечиста и полна со болви. Теодос ќе мора и таа грозотија да ја истрпи, само за да избега од поголемото зло. Ромите со свирките, мезето и ракијата, се подготвуваат да си одат, бидејќи не го нашле Теодоса, но Арсо им дава знак и тие велат дека         ќе одат дома кај него. Вознемирен, Теодос излегува од колибата, целиот извалкан и прекриен со слама. Од мака, иако прво одбива, тој заседнува и почнува да пие со Ромите, прво од чаша, а потоа и од заедничкото шише. Тој никогаш не пиел алкохол, не пушел, а најмалку помислувал да седи со Роми и да го прави тоа со нив. Не може да се помири со тоа што му се случува и вели:

Теодос:           Јас на овој ред! Јас ова да го дочекам во мојот живот... Е, што ти бил животот. Лажовен, лизгав: одиш, одиш, исправен, силен, чист и - одеднаш паднат во кал, извалкан, смачкан... Живот!...

            Ромите и Арсо успеваат да го фатат Теодоса и на оро, па дури го натерале да го заводи орото, како вистински кум.
            Доаѓаат жените, Кева и Наца со ручекот и не можат да им поверуваат на очите. Тогаш и Теодос се освестува и почнува да го негира и одбива кумството. Се појавува и Томче, и тој како татко му опијанет. Решен е да го истера своето по секоја цена. Тој дури се заканува со нож дека ќе се избоде, ако татко му не му даде благослов за Стојанка. Теодос, сосема избезумен, очаен, ромски кум и самарџиски сват, не може да најде излез. Тогаш Арсо, во замена за лозјето, му нуди помош. Му предлага да му дозволи на Томче да ја земе Стојанка, но и да го земе кумството. Томче се би направил за својата љубов и затоа ја прифаќа спогодбата.
            Теодос исмеан дури и од слугите си заминува да се скрие од срамот.

            Четирите етапи во драмата се:
            1. експозиција - семејната атмосфера и прикажување на доминантниот лик;
            2. заплет - воведување на конфликтот меѓу Арсо и Теодос;
            3. кулминација - подметнувањето на кумството;
            4. расплет - ослободување од кумството и дозволата за женидба.


            Ликови

            Во комедиите на интриги, ликовите не се целосно изградени, туку се типизирани (со нагласени особини).
            Чорбаџи Теодос е претставник на власта и парите. Тој сите ги гледа од високо, со понижување, потценување и ароганција (и жена си и сина си). Тој е жртва на сопствените предрасуди и фрустрации.
            Арсо е претставник на средниот сталеж кој се повеќе тоне заради крвопиите како Теодос. Тој е благороден човек кој освен на себе си, сака да им помогне и на другите (на Стојанка и на Ромите). Ја смислува целата интрига затоа што е бистар и снаодлив, зашто е ведар дух, а и сака да го види својот крвник малку да падне за да го исмее и барем малку да му биде полесно на душата.
            Томче е младо момче кој е носител на новото, поинакво сфаќање, кој сака да се ожени од љубов за многу сиромашна девојка. Тој е патријархално воспитан, го цени, почитува и се плаши од својот татко. Без негово одобрение тој нема да се ожени.
            Кева е сопругата на Теодос која би требало да живее убаво, богато и лагодно. Но, во патријархалниот дух и таа му е потчинета, работи се за да му угоди на домаќинот, се плаши од него и од неговите бурни реакции, се плаши да му се спротивстави и да го каже своето мислење.