Единствен зачуван текст од Синаитски претставува „Предисловието“. Во него тој го искажува своето мислење за значењето на учителите и на народниот јазик. Искажувајќи му благодарност на Пејчиновиќ за материјалната помош за печатницата го вбројува меѓу учителите кои се бесмртни зашто само книгата, идејата и поуката го прават човекот бесмртен, а не богатството и градењето замоци. Највпечатлив и најсликовит дел од предговорот е кога Синаитски говори за јазикот:
„Еве кључ што отворует сердцето ваше, не кључ от злато или от сребро, кључ от железо и чилик, што да не се вие, оти среброто и златото ест меко и се вие скоро, но железото со чилик не се вие. Кога да е отворот сиреч от кључот от злато или от сребро, та да не може ковчегот сиреч сердцето мое да отвори, што ми е ест таков отвор. Нека ест от чилик и железо, та да отвори ковчегот, та да не е от сребро и злато, и да може да отвори сердцето на простиот человек“.
Синаитски го споредува старословенскиот јазик со златен клуч, а народниот со железен. Вели дека иако старословенскиот е вреден јазик, тој е неразбирлив за луѓето и бесполезен исто како златниот клуч за челичната брава.
Според тоа, тој се застапува за воведување на народниот јазик во книгите и во црквите за да може и простиот народ да се просвети.