„Злосторство и казна“ од Достоевски (прераскажана, ликови)

Вовед
„Злосторство и казна“ од Достоевски е реалистичен, психолошки роман во кој има елементи и на социјален, криминалистички и филозофски роман. Тој е, исто така, полифоничен роман (каде се вклучени општествената и социјалната реалност, но и психичката реалност на поединецот).

Темата и идејата на романот се содржани во насловот. Темата е злосторството, двојното убиство што го извршува Раскољников и казната што следува (повеќе психичка, отколку физичка). Во таа психичка казна е содржана и идејата - дека човекот самиот повеќе се казнува и измачува отколку што тоа може да го стори општеството. Исто така, дека нема никакво оправдување за извршено убиство, зашто сечиј живот е вреден.

Во романот, покрај злосторството извршено од страна на Родион Романович Раскољников, опишано е и неговото семејство, мајка му и сестра му, неволјите во кои запаѓаат заради сиромаштијата; како и семејството Мармеладови, а особено Соња Мармеладова, која ќе има исцелувачка улога на крајот. Приказната на Свидригајлов е поврзана со сестрата на Родион Романович, но и таа живее самостојно и се издвојува со својата специфичност.
Времето во романот е сконцентрирано во девет и пол дена до злосторството и девет години по злосторството (една за време на судењето и осум во прогонство), што секако има своја симболика.

Содржина

(Романот има 6 дела и епилог и иако дејствието е сконцентрирано околу главниот лик - Раскољников, во него има многу други ликови и испреплетени судбини. Содржината која во продолжение е раскажана може да ви изгледа сложена и незразбирлива, но ако обрнете поголемо внимание, ако ги запомните имињата и врските - ќе ви биде полесно. Најубаво би било да го прочитате романот - бидејќи психолошки роман не се раскажува. Психичката состојба во која се наоѓа Раскољников е опишана на многу страници - а во раскажувањето може само да се наговести. И, на крајот, ако ви е тоооолку тешко читањето, гледајте го барем филмот како дополнение на вашите сознанија за едно од најгенијалните дела на сите времиња http://www.imdb.com/title/tt0144041/ )

1 дел 

На почетокот од романот ни е претставен главниот лик - Родион Романович Раскољников. Тој е многу убав, со прекрасни темни очи, темнорус, средно висок, стасит млад човек, поранешен студент по право. Студиите ги напушта поради крајната беда во која запаѓа. 

Облечен во партали, тој се упатува кај старата лихварка Аљона Ивановна да го заложи сребрениот часовник кој му е спомен од таткото. Патем, тој се бори со своите чувства, бидејќи неговото одење кај лихварката е испитувачки обид за намерата што се раѓа кај него - да ја убие бабата.

Раскољников е убеден во својата филозофија дека сите луѓе се поделени на две групи: обични - кои го поминуваат животот во послушност, покорувајќи им се на животните околности и необични - силни луѓе, кои преминуваат преку нормите и законите, луѓе на кои им е дозволено сè за да ја постигнат својата цел. Обичните луѓе најчесто се борат со својата сиромаштија и го носат товарот на општеството, тие настрадуваат и за најмали грешки, казнувани се и прогонувани; а на „големите“ луѓе - каде за пример го дава Наполеон, им е дозволено сè. Тој убил илјадници луѓе, а сепак не е казнет, туку е величан како војсководец и император. 
Со ваквата филозофија, тој сака да ја оправда својата намисла да ја убие бабата, која според него е една непотребна „вошка“ што само им наштетува на луѓето. Нејзините пари тој смета дека може да се искористат пополезно, како што е неговиот случај - да може да ги заврши студиите и да им помогне на мајка си и сестра си, да не се понижуваат работејќи по туѓи куќи за да го издржуваат него.

Одејќи кон нејзиниот дом за да го заложи часовникот, тој го планира убиството и ги разгледува своите можности за извршување на убиството. Ја планира патеката по која ќе оди, кога влегува кај бабата ја разгледува нејзината соба, загледува каде ги става заложените предмети итн. Но, иако го прави тоа, тој чувствува страв и извесно гнасење од сите тие мисли. Откако заминува од кај бабата влегува во кафеана да се напие пиво, што многу ретко му се случувало. Воопшто, а во последно време особено, тој не излегувал никаде, не се дружел со никого, се повлекол и осамил во своето мало сопче.
Во кафеаната се сретнува со чиновникот Мармеладов, човек со подуено, жолто-зелено лице од постојано пиење. Тој му ја раскажува својата животна приказна на Родион (Роѓа) Раскољников, за женењето со убавата и образована Катерина Ивановна, која била вдовица со три мали деца. Тој имал и една ќерка од првата жена - осумнаесетгодишната Софја (Соња) Семјоновна Мармеладова. Поради сиромаштијата таа била приморана да се проституира, се преселила во друг стан и им давала пари колку што можела. Мармеладов успеал да најде работа и сè почнало да оди на подобро, но тој наместо да ги однесе парите дома, доаѓа во кафеаната и ги троши на пиење. И не си оди дома додека не ги потроши сите пари, иако знае дека кога ќе се врати ,жена му од немоќ ќе го истепа и целиот гнев ќе го истури врз него. Бидејќи нема храброст да оди дома сам, го замолува Раскољников да дојде со него. Тој му помага, го придржува пијаниот и доаѓаат во неговиот дом, каде ги пречекува болната од туберкулоза, многу пропадната и ослабната Катерина Ивановна. Мармеладов веднаш клекнува на колена пред неа и ја чека слатката казна од жена си. Таа му вика, го влече за коса, го навредува. Влегуваат и други луѓе кои ја гледаат срамната сцена, а Раскољников тивко и незабележливо се повлекува, на прозорецот им ги остава малкуте пари што му останале и си заминува.

Кога стигнува дома, Настасја, прислужничката, му дава писмо што стигнало од мајка му. Долгото писмо ја опишува целата историја на сестра му. Таа работела како гувернанта кај господинот Свидригајлов и неговата постара сопруга Марфа Петровна. Свидригајлов бил лош и суров човек кој сакал да има љубовна врска со Авдотја Романовна (Дуња), сестрата на Раскољников. Затоа, таа била приморана да го напушти работното место. Неговата сопруга, Марфа Петровна прво мислела дека Дуња е виновна, но потоа сфатила дека нејзиниот маж е тој што се натурал и дека всушност меѓу нив ништо не се случило. За да се извини што отпрво бурно реагирала и ја избркала Дуња, таа на сите им раскажувала колку прекрасна личност е таа и на крајот ја запознава со Петар Петрович Лужин кој сакал да се ожени со некоја токму таква девојка - сиромашна и чесна. Тој бил обезбеден и надежен човек кој работел на две места и имал некаков капитал. Дуња решила да се омажи за него иако и таа и мајката знаеле дека таму не станувало збор за никаква љубов. Раскољников сфаќа дека сестра му тоа ќе го прави за него - да го извлече од сиромаштијата. Таквата жртва, тој како брат, не сака да ја прифати.
На крајот од писмото, мајката го известува дека тие патуваат кон Санкт Петербург, а дека Лужин набрзо ќе го посети. 

Раскољников, вознемирен од писмото, излегува надвор и бесцелно талка по улиците. Случајно, кога поминува кај Сенскиот Пазар наслушнува разговор во кој дознава дека Лизавета Ивановна, сестрата на лихварката, во седум часот ќе биде излезена. Значи, бабата ќе биде сама дома и тој ќе може да го оствари својот план. Одејќи понатаму, му се случува уште една коинциденција: седнува во кафеана и на масата до неговата слуша разговор меѓу еден студент и млад офицер. Студентот раскажува за бабата - Аљона Ивановна, колку таа била лоша, алчна, непопустлива кон заложувачите и лоша кон својата сестра. Тој вели дека вреди да се убие една таква баба, но заради доброто на другите - нејзините пари да се искористат за илјадници сиромашни.
Овие два знака на Раскољников му се чинат како одобрување на неговата намера. Неговото суеверие ќе го натера да верува дека сè се мести за да се изврши злосторството. Си оди дома, прилегнува и планира вечерта да ја заврши работата. 

Се разбудува кога е веќе потстемнето. Набрзина, го зема предметот за заложување кој го подготвил од порано (дрвена штичка со метална плочка, за да тежи повеќе, завиткана во бела убава хартија), ја прави јамката на палтото на која ќе ја закачи секирата и тргнува. Уште веднаш наидува на препрека, односно тој очекувал Наталија да биде излезена и да ја земе од кај неа секирата, но таа си работела во кујната. Тој се разбеснува, продолжува понатаму и поминувајќи крај одајчето на вратарот, здогледува под неговата клупа - секира. Истрпнува, бидејќи планот сепак нема да му се изјалови, влегува и ја зема секирата. Се насочува по веќе извежбаниот пат и со мало задоцнување од планираното, стигнува до станот на бабата. Таа недоверливо ја отвара вратата, но Раскољников самоуверено влегува во нејзиниот стан, убедувајќи ја да не се плаши подавајќи и го божемниот залог. Додека таа се обидува да го одвитка, тој со тапото од секирата ја удира со сета сила по глава. Таа паѓа на подот, а тој уште двапати ја удира по темето. Тогаш ги зема нејзините клучеви и оди во спалната. Ги пробува во комодата и не успева да отвори ништо. Целиот во грч, тој посакува сè да остави и да си отиде. Се враќа кај старицата бидејќи му се причинува дека се помрднува и забележува на нејзиниот врат врвца. Успева некако со секирата да ја пресече врвцата на која имало обесено ќесе. Тој го става во својот џеб без да погледне што има внатре. Се враќа повторно во спалната, го отвора ковчегот под креветот и таму меѓу алиштата наоѓа многу златни предмети. Наеднаш, му се присторува како некој да се движи во другата соба, а потоа слуша и лесен извик. Ја грабнува секирата и на среде одаја ја здогледува сестрата на Аљона, Лизавета. Тој веднаш ја крева секирата врз нејзината глава и со острицата ја расекува речиси до темето. Потоа се мие од крвта и решава да си оди. Дури тогаш забележува дека надворешната врата цело време била отворена. Кога и се приближува на вратата, ја затвора со резето бидејќи слушнал чекори. Чекорите застануваат токму пред вратата на која човекот почнува упорно да тропа. Потоа му се придружува еден помлад човек и двајцата забележуваат дека вратата е затворена одвнатре, се сомневаат дека нешто се случило и се симнуваат да го најдат вратарот. Тогаш Раскољников искористува да излезе од станот, но не може да се симне по скалите бидејќи долу се слушаат многу гласови. Среќата му се насмевнува и тој здогледува отворен стан каде работеле мајстори, но во моментот немало никој. Се сокрива зад вратата и потоа успева да излезе без никој да го види. Успева дури и да ја врати секирата кај неговиот вратар. Се прибира дома и легнува во креветот без да знае за себеси, без да може да заспие.

2 дел 

По извршеното убиство, Раскољников прво си помислува дека ќе се помести од умот, го фаќа треска, постојано е во некоја состојба меѓу сонот и јавето. Ги крие предметите што ги украл меѓу тапетите во својата соба, па се сетува дека треба да ги скрие подобро, некаде надвор.
Тогаш кај него доаѓаат Настасја и вратарот кои му носат покана од полициската канцеларија. Тој малку се збунува и си помислува дека веднаш го бараат за она што го сторил минатата вечер. Решава да оди и да ја расчисти ситуацијата, посакува да клекне на коленици и сè да признае во полиција. Но, иако во треска, таму се однесува трезвено. Бил повикан да потпише изјава дека ќе го плати долгот за кирија на својата стопанка за станот во кој престојува. Во канцеларијата, полициските иследници Никодим Фомич и Иља Петрович разговараат за синоќешното убиство поради што на Раскољников му се слошува и се онесвестува. Кога ќе се освести, Иља Петрович ќе го праша каде бил минатата вечер и зошто излегувал болен.

Кога доаѓа дома, Раскољников се загрижува дека се сомневаат во него и дека ќе направат претрес во неговата соба, па затоа ги зема предметите и излегува надвор за да ги скрие или фрли. Ги крие под голем камен и така малку се успокојува.
Оди кај неговиот пријател Дмитриј Прокофич Разумихин каде се однесува многу неразумно и расеано. Бара од него нешто за работа, а кога тој му нуди преводи, Раскољников ги прифаќа, ги зема листовите и парите, тргнува, и кога доаѓа до улицата, наеднаш се враќа и му ги остава на масата без да каже збор. Заминува од кај него и талка по улиците бесцелно околу шест часа, а потоа се прибира и легнува во својот кревет, речиси во бесознание.
Разумихин сфаќајќи дека Раскољников е во лоша состојба, доаѓа кај него со Зосимов, студент по медицина, кој се обидува да го лекува. Дури по три дена, тој се освестува. Тогаш доаѓа едно момче кое му дава 35 рубљи што ги испратила неговата мајка. Разумихин го носи да си купи попристојна облека, но сето она што го прави Раскољников е во полусвесна состојба. Зосимов често го посетува и прегледува.
Утредента, во сопчето на Раскољников се појавува Петар Петрович Лужин, свршеникот на сестра му, како што веќе му било најавено. Таму се и Разумихин и Зосимов пред кои тој сака да се претстави во убаво светло, да им се допадне, но со своето површно знаење и додворувачко однесување постигнува спротивен ефект. На крајот, кога тој почнува да зборува за мајката, Раскољников се разбеснува и го брка од собата. Ги брка и своите пријатели за да остане сам. Се преправа дека е изморен, дека ќе спие, но штом сите си заминуваат, тој станува од креветот и излегува надвор.
Во кафеана се сретнува со Замјатов, пријател на Разумихин, кој работи во полициската канцеларија и се сомнева во него. Раскољников дрско му раскажува како тој би постапил кога би бил убиецот, каде и како би ги скрил предметите. На излегување од кафеаната се сретнува со Разумихин, кој е изненаден што го сретнува надвор и што тој не е во кревет како што го оставил, но сепак го поканува кај него на гости, каде ќе му биде поудобно отколку да талка по улиците. Раскољников го одбива.
Шетајќи бесцелно, тој прво е сведок на обид за самоубиство на една жена која се фрла во каналот (си помислува дека и тоа може да биде решение за него), а потоа е сведок на прегазувањето на Мармеладов со кочија. Кога видел кој е прегазен, Раскољников веднаш дотрчува и се обидува да помогне. Го носи дома, повикува доктор и свештеник. Стариот Мармеладов единствено сака да ја види ќерка си Соња, која брзо ја наоѓаат на улица. Кога доаѓа, тој за првпат ја гледа во таква облека и со солзи на очите ја моли да му прости. Тој умира во нејзини раце, а Раскољников своите 20 рубљи и ги дава на Катарина Ивановна.
Пред случката со Мармеладови, Раскољников наминува во станот на бабата, како секој злосторник кој се враќа на местото на злосторството. Изненаден е што таму не е веќе онака како што го оставил тој, крваво, со двете мртви тела, туку напротив, се било чисто и варосано.
Од кај Мармеладови, тој сепак се упатува кај Разумихин, кој потоа го испраќа дома. Таму го дочекуваат мајка му и сестра му.

3 дел 

Во разговорот со мајката и сестрата Раскољников отворено кажува дека заради него, сестра му нема да се омажи за Лужин. Ноќта, Разумихин ги испраќа мајката и сестрата во бедниот стан што им го обезбедил свршеникот, и делумно опијанет од претходната забава кај него, тој е многу отворен со нив. Всушност тој е воодушевен од нив и на прв поглед се вљубува во Дуња.
Утредента, тие повторно се среќаваат и бараат совет од Разумихин за писмото што го добиваат од Лужин. Тој се чувствувал многу навреден од Раскољников и бара од нив братот да не присуствува на нивната средба. По ова, сите заедно одат кај Раскољников кој се чувствува многу подобро, речиси сосема оздравено. Сепак, тој стои на својот став: или тој - или Лужин. Затоа Дуња решава и братот секако да присуствува на вечерашната средба на која го поканува и Разумихин.
Тогаш, во сопчето влегува Соња Мармеладова која поради својата обична, сиромашна облека, не ја препознаваат. Таа доаѓа да се заблагодари за парите и да го повика Раскољников на опелото во црква и дома на за душа.

Потоа сите заедно излегуваат, а Разумихин и Раскољников одат кај Порфириј Петрович (полициски иследник) кој одамна сакал да се запознае со Раскољников. Таму го среќаваат и Замјотов.
Преку разговорот за статијата што ја напишал Раскољников за злосторството, за неговите ставови за обичните и необичните луѓе, Порфириј се обидува да го провоцира и да го натера да се предаде.
На крајот од овој дел, Родион е во трескаво-бладачка состојба. Сам, постојано размислува и изнаоѓа решенија и оправдувања за она што го направил. Бабата за него претставува убивање на принцип, а не на човек и така можеби би можел да го преживее злосторството, но се сетува дека ја убил и сестрата - за која нема никакво оправдување. Тој неколку дена речиси го избришал од свеста тоа второ, непланирано и неоправдано убиство.

4 дел 

Кај Родион доаѓа Свидригајлов, кој по смртта на својата жена, веднаш се упатил во Петербург за да среди некои работи. Тој му раскажува на Раскољников дека Марфа Петровна постојано му се привидува и дека тој се подготвува за подалечно патување. Но, можеби патувањето нема да се оствари поради тоа што тука му нашле жена за повторно да се ожени (шеснаесетгодишно девојче), а исто така сака повторно да се сретне со сестрата на Раскољников, Дуња. Раскољников не му дозволува таква средба, поради неговиот чуден карактер, настрани желби и лошо минато; па затоа, Свидригајлов му кажува да и пренесе на Дуња дека Марфа Петровна и оставила 3000 рубљи во наследство. Тој инсистира на средба со Дуња и за тоа нуди 10 000 рубљи.

Вечерта се собираат на договорената средба кај Дуња. Лужин е разочаран што против неговата желба таму го среќава Родион. А тој пак, уште веднаш кажува за парите што и ги оставила Марфа Петровна на Дуња. Тие пари менуваат сè. Отворено и храбро, Дуња ја откажува веридбата и тие речиси го исфрлаат навредениот Лужин од куќата. Тој си оди, но не може да верува, ниту да прифати дека со таа работа сè е завршено.
Кога си заминува Лужин, сите ги зафаќа еуфорично расположение, а особено Разумихин кој неочекувано се ослободува од соперникот. Тој почнува да предлага заеднички нов бизнис - издаваштво во кој ќе вложат по 1000 рубљи, а сите тројца (тој, Дуња и Роѓа) ќе одбираат и преведуваат книги. Таквата премногу среќна атмосфера, Роѓа (Раскољников) не може да ја издржи и наеднаш излегува од кај нив и се упатува кај Соња Мармеладова. Всушност, решен е нејзе да и каже сè. Таму, тој и наговестува, но не може да ја изговори исповедта. Се прашува, како таа успева и покрај гревот во кој живее, да биде толку чиста и со чиста совест. Сфаќа дека тоа го постигнува со вербата во Бога. За жал, тој не може да биде како неа. Тој не верува во Бога и од таа страна не може да очекува спасение.
Во разговорот со Соња, Раскољников дознава дека таа се познавала со Лизавета, сестрата на бабата, и и вели дека тој знае кој ја убил и дека утредента ќе и каже.
Од таму, Родион Романович Раскољников се упатува кај Порфириј Петрович, итриот полициски иследник, за да ја потврди изјавата за заложените работи кај бабата и да го сослушаат, ако има потреба. Порфириј Петрович се однесува како да знае сè и како да е сигурен дека го има во раце убиецот на Аљона Ивановна. Му кажува дека знае дека тој бил во станот, ја барал крвта, ѕвонел на ѕвончето и се однесувал многу чудно. Најстрашното во неговото иследување е неговиот циничен однос, неговата сигурност и неизбрзувањето. Тој сака виновникот сосема да му се открие и самиот да си го признае гревот. Но, на изненадување на сите, во тој момент во полицијата доаѓа Николај (Микулка), еден од работниците во соседниот стан, кој признава дека е убиецот.

5 дел 

Катерина Ивановна, сопругата на Мармеладов, сите пари што ги добива од Раскољников, ги дава за погребот и задушницата. Нејзиниот ум е речиси сосема поматен, таа е во делириум од безизлезот во кој се наоѓа и од болеста која ја уништува.
За време на приемот, на гостите во нејзиниот дом за задушницата, Лужин, кој е сместен во соседниот стан, го прави својот последен, очајнички чекор, на подол начин да ја врати Дуња. Имено, тој ја повикува Соња кај него, во присуство на Лебезјатников, и се извинува што не може да дојде кај нив и и дава 10 рубљи за помош. Скришно, и подметнува во џебот 100 рубљи и ја обвинува за кражба. За среќа, тоа го видел Лебезјатников кој ја кажува вистината. Негова цел била да докаже дека Соња е нечесна, како што тој тврдел од почетокот и да ги скара Роѓа  (Раскољников) со мајка му и сестра му, па Дуња да се покае и да му се врати.
По расчистување на ситуацијата во која се докажува дека Соња не украла ништо, Раскољников се упатува кон нејзиното живеалиште за да и открие кој ја убил Лизавета. Вербата во Соња, вербата дека само таа ќе може да го спаси го охрабрува и тој успева да и се исповеда. Почнувајќи од неговата филозофија за оправданото убивање, па префрлајќи се на мотивот за спасот на мајката и сестрата, тој објаснувајќи и нејзе, се обидува да си објасни себеси зошто убил и што му се случило. Доаѓа до следниот заклучок:

... Зар јас бабата ја убив? Јас себе се убив, а не бабата!

Во меѓувреме, им кажуваат дека споулавената Катерина Ивановна оди по улиците со своите три деца, пее и игра. Таа не може да го издржи притисок и умира на улица. 

6 дел 

Во разговор со Свидригајлов, Раскољников дознава сè за неговото минато и карактер. Тој бил многу помлад од Марфа Петровна и таа со женачката го спасила од затвор. Но, таа му поставила неколку услови, како на пр.: тој да не се вљуби во некоја жена. Му било дозволено да има љубовни врски, но не и да ја остави заради друга жена. Тој толку се вљубил во Дуња, што бил подготвен на сè, па дури и да ја убие својата жена. Тогаш и нудел и пари и сè што ќе побара, само да биде со неа.
Раскољников сфаќа дека Свидригајлов ја убил (отрул) жена си и дека тоа е она што постојано го гони да дојде кај него и нешто да му каже - како на човек кој му е на некој начин близок. (Двајцата извршиле убиство.)
Кога дошол во престолнината, сакал да ја најде Дуња, но се случило да му најдат свршеница, во духот на неговиот карактер - шеснаесетгодишно девојче. (За него и пред тоа имало озборувања дека злоставувал малолетни девојчиња.)
Свидригајлов се среќава со Дуња во неговата соба каде ја заклучува. Тој се нуди да го спаси нејзиниот брат, да даде пари колку што е потребно, само таа да биде со него. Дуња со гадење му кажува дека е убиец и дека знае колку е тој лош. За да се спаси, таа му се заканува со неговиот револвер, а тој како едвај да го чека нејзиниот куршум. Дуња пука во него, но не го погодува. Кога се обидува повторно, револверот откажува. Тогаш успева да избега од неговата соба.
По оваа случка, Свидригајлов оди кај Соња и станува нејзин спасител. Тој ги згрижува децата на Катерина Ивановна во дом и им остава пари за школување. Исто така, и остава на Соња доволно средства за да може да престане со работа на улица и да го придружува Раскољников, таму каде што ќе треба да оди (зашто тој знае за неговото злосторство, бидејќи прислушкувал). Потоа оди кај својата свршеница и и дава 10 000 рубљи. На сите им кажува дека ќе оди на далечен пат, во Америка.
Вечерта тој ја поминува во друго преноќиште, спие кошмарно и утрото го извршува она што го намислил - се самоубива.

Истиот ден, вечерта, Раскољников оди кај мајка си да се прости со неа. Таа не ги разбира неговите зборови, но ја разбира неговата болка и знае дека е тој завлезен во некоја безизлезна тешкотија.
Кога се прибира во своето сопче, таму го дочекува сестра му, која цел ден го поминала со Соња, и која веќе сè знае за неговото злосторство. И таа го поттикнува да се предаде и да се ослободи од товарот. Нему најтешко му паѓа љубовта што ја чувствува од сите нив - од мајката, од сестрата, од Соња, зашто кога би бил сам, би немало пред кого да му биде срам, ниту за некого да живее.
Заедно со Соња, тој оди во полициската станица и пред Иља Петрович го признава злосторството што го направил. (Не сака тоа да го стори пред Порфириј, зашто го мрази неговиот цинизам и му е смачено целото негово иследување).

Епилог  

Судскиот процес течел во корист на Раскољников во кој биле земени предвид сите негови добри страни, неговата благородност, добрина, желба да им помогне на сиромашните и по пет месеци била донесена пресудата: прогонство во Сибир - осум години.
Неговата мајка уште на почетокот од процесот се разболела и не можела да го издржи, па затоа ја одвеле надвор од Петербург. Набргу, таа умрела. Дуња и Разумихин се венчале, а Соња заминува со Раскољников во Сибир.
Во почетокот тој се однесувал многу грубо и презриво кон неа заради ранетата гордост, та дури се разболува заради тоа. Затворениците не го сакале многу, го избегнувале и го мразеле. Но, сите ја сакале Соња. Нејзината кроткост, добрина, едноставност и милост ги пленувала срцата на затворениците. Откако неколку дена таа не доаѓала да го посети, Раскољников многу се загрижил и тогаш сфатил колку многу ја сакал. Таа била настината и кога дошла да го посети тој се фрлил кај нејзините нозе и и ги прегрнал колената. Среќни, тие биле подготвени да ги истрпат седумте преостанати години.

Ликови

Родион Романович Раскољников е централниот лик во романот. Тој е комплексна личност со многу позитивни и негативни особини.
Поради сиромаштија тој е исфрлен од студиите по право и бара начин да дојде до средства за преживување. Неговата сестра работи како гувернанта, па оттаму му стигаат парите за издржување. Тој не сака да биде нејзин товар, а уште повеќе, кога дознава дека таа ќе се мажи за пари, неговата гордост е сосема срушена. Затоа, тој никако не сака да ја прифати таа нејзина жртва. Гордоста е највпечатливата негова особина.
Раскољников во крајна линија е убиец, бидејќи ги убива бабата и нејзината сестра, но прави толку други добри работи (им помага на победните од него, давајќи им ги последните пари) што не можеме да го восприемиме како вистински убиец.
Тој самиот се колеба во врска со мотивот на неговото убиство: дали е заради мајка му и сестра му, и воопшто заради бедата во која се наоѓа неговото семејство или заради филозофијата на обичните и необичните луѓе. Тој оди да го изврши убиството многу свесно и плански како потврда на неговата идеја, како експеримент. Според него, извршувањето на злосторството е оправдано ако се изврши за повисоки цели. Извршувајќи го, сака да провери дали тој им припаѓа на исклучителните луѓе. Таа негова теорија ја поткрепува со историски примери, особено со Наполеон, кој ги рушел нормите пропишани од народот за да ја достигне целта и да ја промени историјата.
Откако го извршува злосторството, оваа теорија полека се руши. Прво пронаоѓа рационални објаснувања за неуспехот - грешките во извршувањето на убиството, убивањето и на Лисавета итн. Потоа се враќа на својата филозофија - дека не убил човек, туку принцип - обидувајќи се да се утеши на тој начин. Но, како одминува времето, сфаќа дека утеха нема. Дека најголем проблем е грижата на совеста и душевната болка. Тој станува рамнодушен кон сите и кон сè. Кон никого не може да биде искрен, со никого не може да зборува - зашто тој направил нешто што другите не направиле и што не ќе можат да го сфатат. Отуѓеноста е најтешката последица на злосторството. Затоа тој ќе отиде кај Соња и ќе се исповеда, за да си олесни на душата. Неговата гордост не ќе му дозволи цела година да погледне во неа. Ќе му биде срам и не ќе знае како да го продолжи животот. Добрината, цврстината и решеноста на Соња да му помогне, ќе успеат. Тој по една година ќе сфати дека таа е спасот - љубовта кон неа и нејзината филозофија - вербата во Бога.

Соња Мармеладова - бедната, отфрлена и изгубена проститутка, би требала да биде сродната душа на убиецот Раскољников. Но, напротив. Иако тие делат слична судбина, Соња е сосема спротивна на Раскољников. Кога ќе ја слушне исповедта за убиството, таа ќе се стаписа и ќе занеме од изненаденост и сочувство. Сочувство кон разорената душа на Раскољников, која ќе се обиде да ја опорави.
Соња е проститутка не заради себе, туку за да им помогне на другите. Таа својот живот го жртвува заради животот на оние што ги сака.
Со нејзината смиреност, добрина, саможртва, покорност - таа ќе биде единствената шанса за спасот на бунтовниот и горделив Раскољников.