„Странствувањето на Чајлд Харолд“ - Бајрон

„Странствувањето на Чајлд Харолд“ е романтичарско-индивидуалистичка поема, составена од четири песни.
Тема во поемата е патувањето и доживувањата на Чајлд Харолд.
Идеја - да го искаже своето разочарување од сегашноста и приликите во Англија и во цела Европа.

           Содржина

Поемата нема класично развиено дејство, нема заплет, ни композиција освен што е составена од четири пеења. Дејството се одвива хронолошки, како што се одвивало патувањето задржувајќи се на позначајните места. Тоа се: војните на Наполеон; соочување со освојувачки и ослободителни војни; ја велича борбата на Шпанците против Наполеон; ја велича античката цивилизација; ја опева славата и пропаѓањето на Рим; ја опишува битката кај Ватерло, потенцирајќи го ужасот и апсурдноста на војната.

1 песна

Поемата започнува со описот на Чајлд Харолд, кој е млад човек, почитуван и познат, од благороднички род, кој наместо да се посвети на полезна и творечка работа, се оддава на бурен, развратен живот со оргии и пир. Презаситен од таквиот живот кој веќе му здодеал, решава да го напушти родниот кат. Разочараноста не произлегува само од ваквиот живот туку и од односите во општеството, па решението го бара во бегството, во осамувањето, во потонувањето во сопственото јас. 
 
2.
Си бил во Англија и еден човек млад:
на доброчинството му бил тој туѓ... Крај жена
разгалено, до бес, би уживал, од јад!
Ја чекал зората со вино, полно пена;
сред развратот тој сам и идоли си кренал.
На порокот во плен - се спуштил тој во шир:
го презрел сето сам што другите го ценат.
Но среќен само бил сред оргија и пир,
крај жени паднати сал нашол сладок мир!

3.
Пред вас е Чајлд Харолд. Јас нема тука таен
да водам разговор: од каков беше род.
А родот негов беше чествуван и знаен,
со честа беше познат тој под овој свод.
Постапките на внуков беа срамен плод
и честа дедова тој почна да ја гнаси.
Ни летописецот што тоне сиот в пот
не би можел со неа легенда да краси,
а камо ли поет со лаги да ја спаси.

5.
Не се плашел од грев - во гревот тонел цел;
по патот тргна сам што в неморал го тера.
Но - една љубел тој со силен занес врел -
па сепак, можеби, во себе немал вера.
Со ласки развратни кон неа имал мера:
на својот идол свет тој не фрлил со кал:
та неверен би бил и утре како вчера!
Би била скршена од клетников без жал:
да скине оков јак тој потем се би дал.

6.
Од сешто заситен без желба и без страст,
не сакаше да види близок другар сега.
Во очите му често солза видов јас,
но знаеше со гордост срце тој да стега.
Скитајќи в мисли, сам, се реши не на шега
да напушти за долго бучен, роден кат.
Од својата судбина тој нејќеше да бега:
би примил удар нејн, тргајќи Чајлд на пат,
би барал нови луѓе, макар и сред ад!

10.
Не прегрна тој мајка штом на пат се крена,
ни сестра си ја виде пред да тргне в свет.
Тој замина со тага душа што му свена.
Без поздрав другарски по море тргна, клет.
Не затоа што беше корав, студен сет -
та не! Но само оној којшто љубел знае
од ошто толку многу болката без ред
засилува, та човек - колку корав да е -
на разделба од тага не може да трае.


По описот на главниот лик следува Прошталната песна во која преовладува возвишениот и патетичен тон на разделбата на главниот јунак од својата татковина.
Песимистичкото расположение и копнежот по светли хоризонти се причината тој да ги изрече топлите исповедни зборови на љубов кон родниот крај, родителите и пријателите.

Проштална песна

О, збогум, роден крај. Ти сив
исчезнуваш зад морска шир.
А ветрот јачи; галеб див
со својот пискот руши мир.
На запад сонцето се крие
и ширта морска губи сјај;
се губиме по патот ние...
О, добра ноќ, мој роден крај!

По час и друг, пред зора-ал
ќе прсне тоа лачи пак;
ќе сретнам тогаш море сал,
но не и тебе брегу драг.
Глеј, дреме мојот замок убав;
во каминот ни плам, ни жар.
Во бршлан ѕидишта се губат
и вие таму песот стар.

„Мој пажу мал, приближи се
и речи зошто плачеш ти?
Те плаши бранот бурен, не?
Ил мракот злобен, можеби?
Избриши се и глава горе:
На коработ е се вввво ред;
одвај да може најбрз орел
тој кораб да го стигне в лет.

И нека да не лула бран,
и ветрот нека праќа крик;
не ме плаши ни океан,
ни бурата со својот рик.“

— Не чудете ми се, ве молам
сер Чајлд, што в тага тонам цел.
Разделбите со блиски болат...
Ме пратија по светот бел.
Од тате испратен јас бев,
му видов в очи светол лач;
за мама појќе ми е грев
што долго ќе ја гуши плач...

„Да, чудно солзите ти стојат;
успокојуваат, јас знам.
Да имав невиност јас твоја
би плачел како ти и сам.
Ти ела, верен слуго мој!
Зар повторно од бледност знак?
Те плашат бури ли без број,
а можеби и Француз-враг?“

— В малодушност јас не сум свенат.
Сер Чајлд, не се плашам ни јас!
Но дома оставив и жена.
Ме сакаше со силна страст.
Со децата и минат дни
крај личниот ви голем двор.
Но, штом го спомнат татка си
— што ќе рече тој тажен створ?

„Те разбирам, ќе страда често.
Се запознав со твојот бол.
Но и да сум на твое место
со потсмев би го примил зол.
Зар има уште таков маж
што верува во женски стон?
Штом не си тука — нова драж
ќе блесне кај нив и во сон!
А страстите се стара тема;
за идни ништо не би дал.
Јас жалам само зашто нема
за некого да сум во жал.

А вака сам, сред море, мрак,
ко крадец некој што се скрил —
кај човечки ќе најдам траг
штом туѓ за луѓето сум бил!
Да, мојот пес... Два-три дни само
(дур не свикне!) тој жал ќе таи,
но ако пак се вратам ваму
— ќе бидам пречекан со лај.

Мој корабе, да одиме!
Ти сечи бран, на долг сме пат!
Кај сакаш таму води ме,
но само не во татков кат.
Јас поздрав искрен вам ви праќам
о, бранови со таква моќ.
На поздрав — поздрав, земјо, враќам:
мој крају роден — добра ноќ!“

Во продолжение на песната, во дијалог со пажот, неговото расположение се менува. Пажот е тажен што ја остава татковината, жена си и децата, а Чајлд сфаќа дека нема по кого да тагува. Тој зад себе не остава никого, освен празниот дворец и песот. Не остава никого кој му е важен. Затоа осамен, отуѓен од сите, без навистина блиски луѓе, тој решително ја напушта татковината. Без поздрав, заминува во потрага по егзотични места, каде ќе размисли за сè и можеби ќе успее да ги реши внатрешните дилеми.
Најпрвин ги посетил Португалија и Шпанија, каде иако се земји со древна цивилизација, луѓето страдаат и се потчинети. Тој се надева дека славните витешки времиња повторно ќе се вратат и луѓето ќе се ослободат од ропската потчинетост. Неговата лична тага и разочараност се зголемува и прераснува во светска тага поради доминација на злото и несреќата.

2 песна

Чајлд Харолд чувствувајќи симпатии кон поробените народи го продолжува своето патување во Грција и Албанија каде се соочува со истото страдње и несреќа. Поетот не може да сфати дека потомците на Античка Грција можат да го поднесат теророт што се врши врз нив од страна на османлиската власт. Сликата на Балканот е мрачна и крвава.

Албанецот, со чалма, застанал на патот,
а пиштолот со резба беше шарен сет,
навезена му беше дреата со злато...
Македонец со појас, крвав, сиот блед
крај делија што држи јатаган...И ред
од вакви робје гледаш...

Особено е воодушевен од љубезноста и гостопримството на Албанците. Во оваа песна освен разочараноста која ја чувствува, поетот повикува на борба .

3 и 4 песна

Харолд го продолжува своето патување во Холандија, Германија, Швајцарија и други европски земји за да го задоволи својот авантуристички дух, како и да се пронајде себе.
Во овие песни е поприсутен мотивот на осаменоста, како и мотивот на природата која е единственото нешто недопрено од човекот и можност да се избега во нејзините прегратки. Пејзажот е во функција на романтичарскиот идеал каде човекот го пронаоѓа својот мир и спокојство. Единствено во природата Харолд се чувствува исполнет и среќен.
Во последната песна при посетата на Италија исто така се навраќа на нејзиното античко минато. Тој и понатаму е во истото расположение, осамен бунтовник кој останува само набљудувач на општествените збиднувања.

Основни карактеристики на Бајроновиот романтичен јунак се чувството на светската тага, откривањето на нови егзотични простори и поддршка на борбата за ослободување на угнетените европски народи.
Бајронизмот како движење влијаело врз англиската и европската литература. 
Под бајронизам се подразбира: култ кон слободата, желба за патување во далечни и егзотични земји, потенцирање на индивидуализмот, човековото разочарување кое преминува во светска тага, величање на славното минато (античко и витешко) и недопрената природа.