„Робии“ од Венко Марковски

Заробен во концентрационот логор Ени-Ќој во текот на 1942 година, младиот поет Венко Марковски го пишува македонскиот еп „Робии“. Задоен со идеите на комунизмот, со идеите за рамноправност на сите балкански народи, како и со надежта за конечното ослободување на Македонија од сите ропства, тој го ткае епот во осмерец, во духот на народната македонска епска песна.
На почетокот, со бавен ритам, стариот дедо Каме (цврст како камен), ги повикува своите внуци за да им го остави својот завет пред смртта. Ги бара пушката мартинка, палата змиичка и пиштолот чарклија уште еднаш да ги погали и да ги остави во наследство: на Васил пушката, на Огнен пиштолот, на Илија палата, а на внуката Невена – срцето, и приказните од минатото кои ќе ги раскаже и кои таа треба да ги зачува и прераскаже на своите деца и внуци.
Епот е поделен на четири дела, на четири робии, во кои почнувајќи од турското ропство и ајдутското движење, преку расцепувањето на Македонија и состојбата на Македонците во Грција, па српското господарење и Втората светска војна со бугарските фашисти – е прераскажана целата понова историја на македонскиот народ. Многу љубов кон татковината, многу патриотизам, болка заради постојаните ропства во минатото, но и голема надеж во иднината се проткаени во целиот еп.

Прва робија

Каме со раскажувањето започнува од својата младост, кога на 16 години единствен род му е планината заштитничка, зашто од мал бил сирак. Рано созреан, се почувствувал како на крстопат, кој пат да го одбере? Дали да се школува и ожени, да се смири како домаќин в село, или да го следи патот на татка си и да им се придружи на комитите. Младиот и ведар овчар Стојан се чуди што Каме е нерасположен и го прашува за неговите грижи, на што овој му одговара:

„Подигна Каме клепките,
в очи му солза назреа,
издиши гради, разниша,
почна ко старец да реди:
- Стојане, братко, Стојане,
не можам веќе да сеам
младост по карпи змијарник.
Утре ќе слезам на село
при Спира – чорбаџијата,
ќе му фрлам стадото.
Тешко е братко, Стојане,
мило да немаш крај себе,
сакам на книга да учам,
в очи ми солнце да влезе,
мракој ми душа затнале,
ко лисја капат денови,
в гора мени промени,
одново лист ќе потера,
а мојте братко, младини
не ќе ги видам никога. – “

Стојан го одвраќа од намерата, зашто иако премногу млад, Каме е тој што ги собира помладите во гората, им раскажува јуначки приказни и тој е оној што треба да ја направи четата.
Сепак, Каме одлучува да се обиде да ја побара чорбаџиската ќерка Љуба, во која бил љубен, за жена и да учи и работи. Но, чорбаџијата Спиро, кој се дружи со турските аги и во ништо не е поразличен од нив, го исмева и брка од куќата, а на ќерка си и вели:

„ – Дејгиди кучко погана,
куќа ми, кучко, поцрне.
Ајдук ли либе заљуби,
в ошто се, кажи, заслепе?
Дали во голи рамења,
дали во пусти опинци,
или во стапот овчарски?
Да не те веќе затечам
не ќе те село собере. –“

По ова, на Каме не му преостанува друго, освен да оди во гората и да им се приклучи на ајдуците. Отишол во четата на Петре војвода каде бил најмлад, но најпламен. Тука е опишано како се создавани јунаците уште од колевка, уште кога мајките им ги пееле јуначките песни:

„ - Нани ми чедо, заспи ми,
порасни јунак на мајка,
еднаш те мајка родила,
еднаш те сакам да умреш.
Ако ли глава наведеш,
чедо, пред турци јадачи,
камен да синко залулам
сега в твојава колевка.
Јунашка крв ти предавам
носена чедо в зандани,
срце ти в гради насадив,
срце на земја јунашка,
бори се, сине, бори се,
тлеат и гаснат домови,
в окови капат младини,
а пусти-изгор невести,
ко гламји од жал црнеат...
Расни ми, сине, порасни... – “

Се калел Каме ајдутинот со години низ македонските планини, кога имал 20 главата на бегот Сулејман на колец му ја набиле, кога имал 26 се појавил Гоце војвода во Македонија. Со особена љубов е прикажан Гоце Делчев во епот, неговото појавување, влијанието врз народот, итрината (кога преправен се шетал меѓу Турците), неговата храброст, неговите совети да не се брза со востанието. Прикажани се и акциите на гемиџиите, смртта на Гоце и самото Илинденско востание во кое Каме е еден од војводите.
Чувставата на Каме по смртта на Гоце се опишани преку градацијата во стиховите:

„ Прва му кама забија,
кога го овчар пратиа
и го од златно видело
еднаш за навек тргнаа.
Втора му кама удрија
кога ја Спиро продаде
Љуба во село далечно
на човек в двојни години.
Трета му кама душманот
забоде в срце длабоко
кога го Делче прониза.

Првата кама извади
дружина кога поведе,
втората кама заглувна
кога се фрли на борба
третата кој ќе истргне?
Рака му слаба нејака
но очи молскат јаросно
и срце врие, стануе
за страшна лута одмазда.

Остана сирак гората,
остана сирак народот,
најголем сирак борбата
спротиву свети Илија.“

Во текот на востанието, борбата не е само против Турците, туку и против чорбаџиите – Македонци, што му дава ново светло на востанието, една револуционерна нотка. Стојан, пријателот на Каме, го убива чорбаџијата Спиро и нему главата му ја наденува на кол – зашто и тој е крвопиец исто како и поробувачите. Воедно, се осветува во името на пријателот, што не ја дал ќерка си Љуба на сиромашниот овчар, туку ја омажил за двојно постар богат чорбаџија.
Илинденците се горди на својот успех, на Крушевската република, на слободата што ја извојувале. Но, за жал, радоста кратко трае, а осветата на Турците е жестока и крвава. Толку страшна, што народот од страв веќе не сакал ни врата да му отвори на војводата Каме за да го засолни.

Втора робија

За да го опише второто ропство, случувањата во Егејска Македонија, поетот го носи внукот на Каме, Васил, таму на печалба. Во откорнатиот, грчкиот дел, Македонецот посакува да верува во заедничка борба со обесправените Грци за поубава заедничка иднина, но:

„Тлееја Македонците
и на грб нејак влечеа
крвава двојна робија:
едната како славјани,
со јазик туѓ и негрчки,
другата како аргати
што сакат да прегледаат,
да видат бел ден радосен,
заедно со народите
на Балкан братски здружен
во една федерациа.
Првата по е крвава,
потешка и поужасна.
Не можеш болка да кажеш,
на мајкин роден јазик свој
песните што ти пеале
над тиха лулка шарена,
не можеш да ги запееш,
дедовци што ти шепнеле
на скут во ропски години
не можеш да го повториш.
И сума друзи работи
на срце што ти легнале
да не можеш да искажеш,
а сал да збираш и тлееш,
од ден на ден да црнееш,
до дека јазик свој роден
не зарѓа не занеме
и прво млеко цицано
од топли гради мајкини
во отров не се преврти.
Тешко е, мачно, страшно е
В твоата земја таткова
дека за прв пат солнцето
со радост те огреало,
дека за прв пат ваздувот
со мирис благ те запоил,
дека за прв пат земјата
со слаба нога нејака
си ја згазил и проодил –
да тлееш и да гаснееш,
како на црна туѓина,
и да те враг, нов сајбиа,
земјата што ја заграбил,
напреки гледа секога.
Да трпнеш и да мрзнееш,
кога те викне при него
за нешто да те запраша.
Да немаш сила да кажеш,
од кај си што си каков си,
на негов јазик да плеткаш,
да криеш род и роднини,
да ти е мачно и тешко,
кога ти рече в очите
оти не си македонец.
И твојата земја убава
со друго име пред тебе
да ја крсти, прекрстуе,
коските свети народни
паднати за слободата,
од гробот да ги скорива,
по сокак да ги разфрла,
и со нив да се подбива,
а ти да гледаш со очи
да гледаш и да црвееш
и нити збор да не можеш
да кажеш, да му одвратиш.
Да гледаш глава ајдушка
што туку ја одрамиле
и да те прашат: Тој ли е? –
А ти пред нив да не смееш
ни две-три солзи да капнеш.
Да гледаш тело синово
ко камен фрлен крај патот,
гроб да му утре не знаеш,
со цвеќе да го покриеш,
со солзи да го полееш,
да гледаш а да не можеш,
да писнеш и да прозбориш
на последната раздела.
Ни мртов да го прегрнеш,
ни студен да го избациш
и жално да го запрашаш
кај паднал, каде загинал.

Тешко е, мачно, страшно е
туѓинец да си, гост да си,
в својата земја таткова.“

Покрај силниот патриотизам и неприфаќањето на злата судбина на Македонците во Грција, во овој дел Марковски повеќе се задржува на социјалниот момент. Васил работи во фурна од утро до мрак, газдата, со насмевка на лицето го експлоатира и само ветува дека ќе му плати за трудот. Кога го повикуваат да отслужи двегодишен воен рок, тој заминува, а газдата му испратил само двапати пари што му должел. По враќањето, тој не му ги дава преостанатите пари, а не сака ни да го вработи, зашто тој е „букоглав Македонец што потајно ја рие државата“.
Во следните стихови на епот премногу е потенциран комунистичкиот ентузијазам кој го зафатил поетот читајќи ги актуелните книги. Со почетокот на војната во Грција и режимот на Метаксас, повторно Македонците биле најзагрозени. Васил, главниот лик во овој дел на робиите запаѓа в затвор и таму го запознава Лазо Каровски. Тој бил осознаен, напреден, начитан Македонец, преку кого Марковски всушност ги изразува своите ставови. Во тие зборови нема многу поезија, туку е повеќе дидактички, поучен:

- Нација сме или не?
..................................
- Нема три Македонии,
една е Македонија,
и таа Македонија,
досега разделуена
од империалистите,
има свој јазик, обичаи,
економска поврзаност,
историја, територија,
ги има петте белега,
и денес се оформуе
в нова и млада нација.
Думата на Партиата
до триес и четвртата
верна е и отворена.
Националното прашање
има едно решение:
и това е – сталинското.
Не се ли арно разбере,
фактите утре сурови
по глава ќе не зачукат.“

По излегувањето од затвор, Лазо Каровски загинува, а Васил го исполнува заветот на дедо Каме и ја грабнува пушката.
Само овој дел од епот – втората робија, е напишана подоцна, односно 1944 година, што е и забележливо токму во редовите што беа погоре потенцирани, каде Марковски малку пренасилено

Трета робија

За тоа време, внуката Невена ја омажиле во Скопје за печалбар, но набрзо останала млада вдовица со синчето Орде. Доаѓаат стројници кај неа за повторно да ја омажат, но таа му останува верна на својот љубен Цветко. Во ужасни услови, таа едвај успева да се прехрани себеси и детето, а го прима и дедо Каме кај себе. А Скопје...

„А Скопје што ли да каже?
Кому да му се истуши?
Лазич се в него распашал
како во дворој таткови.
Некога в стари времиња
во Скопје Душан царуел,
та сега сакаат правина,
та сега закон исправат.
Кој смее да им одрече?
Силата им е в раците,
влегоа, земја стопија,
бргу ја кумој крштеват,
не била Македонија,
а била Јужна Србија.“


Сиромаштијата и експлоататорскиот однос на чорбаџиите не се ништо поинакви ниту во овој дел на Македонија. Од тие причини, синот Орде е принуден да го напушти школувањето и да почне да работи во скопскиот монопол, да аргатува по незнајни друмови. Тој се вљубува во убавата аргатка Стана, Невена се радува на нивната љубов. Но, по бунтот на аргатите, откако џандарите ги истураат пендреците врз нивните грбови, Орде полека се опоравува, но Стана полека умира. Потоа Орде заминува на фронт каде храбро загинува.

Четврта робија

Во овој дел главен лик е Панче, синот на Илија, внукот на Каме војвода. Тој е од Струмица и на почетокот разговара со Пирин кој многу се смрштил од постојаните ропства. Тој прашува:

„- Ах, кај се мојте другари,
робио нова болгарска,
кажи ми, кај ги поштоме? –“

Панче е воспитан во духот на минатото: 

„ Киниса низ Беласица,
раскопал стари спомени,
сака да види некога
војската на Самоила
кај борба лута водела
и била в бој заробена,
заробена и ослепена
сака да види, да знае,
од каде толку жестокост
најде во себе Васили,
да фрли по војниците.
Страшен е, грозен споменот,
на секој стоте по еден
едноок војник оставен,
за да ја назад заведат
војската на цар Самоил.“

Панче израснува во храбар и строен младич. Заљубува богата девојка, Дена, чија мајка ја подучува да си најде подобра прилика. Тој заминува во Скопје да учи „ука голема“ – филологија, но и читал многу, тогаш актуелни книги како: „Капиталот“, „Борбата на марксизмот“, но и „За македонцките работи“ од Мисирков и „Зборникот“ од Миладиновци – и повторно барајќи ги „петте белега што ја прават нацијата“...

„Над градот е омарнина,
по кеот мрака паднала,
преку мост тропат копита,
а Вардар лудо забрзал,
галеби бели покренал
а в соба тесна таванска
Панче со млади студенти
лист по лист вртат зборници.
Стојан над речник работи,
Никола над историја
а Панче над граматика.
Сите се како часовник,
за сон им време не стига,
одат по стари огништа,
дума по дума собират,
седат на селски трапези,
песна по песна бележат,
сите се бујни, пргави,
се млади, се Македонци...

На време Рацин излезе.
Како што лице огрева
на млада мома убава
кога ја либе пресретна,
така им лице огреа
Рацин со „Белите мугри“.

Молкнаа усти погани,
стариот Белич занема
над книги празни, глупави
за јазик и наречја.
Никола Вулич побесне
в својата археологија
Во „Зора“ Бадев подиве,
Софија не го собира,
лута го змија жегнала.
А расна, вријат младите...
Ко што се бура надига,
чајките кога прелетат,
така се млади надигат
за свое свето огниште.
Пролетна струа народна
вее по Македонија.
Која ли рака, кажи ми,
ќе може да ја позапре
која ли сила варварска
ќе може да ја изгаси?
Побледне Белград посиве,
Софија стана мртовец,
Атина в јарот онеме...“

Панче се вљубува во студентката Вера, но тогаш започнува војната, бомбардирањето на Белград, а бугарските фашисти ја окупираат Македонија. Во текот на војната тие двајцата се заробени и донесени пред суд, каде Панче ќе има можност да ги каже своите прогресивни идеи пред да биде погубен:

„Да, верно е, се бориме
денес за Југославија
но не за довчерашната,
црвите што ја гризеа,
потиснатите народи
в турма вечна што гниеја,
а великашите – големци
за превласт и за господство