„Албатрос“ -Шарл Бодлер


            Луѓе од бродот, често, за забава ги ловат
            албатросите, птици што в морска шир се сами,
            и што со големи крила рамнодушно пловат
            над лаѓата што се лизга над горчливи јами.

            Но кога ќе се најдат врз палубните штици
            тие кралеви на ширта, до пред малку сјајни,
            ќе станат одеднаш смешни и несмасни птици,
            а крилата бели жално ќе се влечат крај нив.

            Тој крилат патник сега колку станал беден!
            Тој, некогаш толку убав, колку е грд вака!
            Со своето луле клунот му го дразни еден,
            куцајќи, друг летачот го подражава сакат!

            Како принц на облаците поетот се крева,
            се подбива со стрелецот и низ луња броди,
            но штом е спуштен на земја, среде џган и врева,
            неговите крила на џин му пречат да оди.

            Песната Албатрос“ претставува симболична слика на величината и падот.
            Преку судбината на албатросот, таа прекрасна, слободна и горда птица, уловена од морнарите на кои им служи за шега и разонода, е претставена величината, но и трагедијата на поетите.
            Гордиот албатрос - владетелот на морињата и небесната шир, фатен и спрострен на бродската палуба, станува смешен и жален. Морнарите се изживуваат со него, го малтретираат со своето луле клунот му го дразнат“, му се смеат и го имитираат неговото жално прпелкање.
            Симболичната слика за албатросот во последната строфа преминува во реална. Албатросот всушност е поетот – принц на облаците“. Но, поетовата возвишеност и вистинска вредност не е сфатена од обичните луѓе. Со огорченост поетот ја завршува својата исповед - неговата позиција во светот каде што не го разбираат. Меѓу џганот, тој се чувствува како албатрос со огромни крилја кому не му даваат да лета.