Избор раскази од „Декамерон“ (Увод, Босилокот на Изабета, Форезе и Џото, Славејчето, Франческа и огледалото, Приказна за соколот, Маркизот од Салуцо)

Увод (Уводна новела – извадок)
Колкупати, мили дами, размислувам за тоа како сте по природата на срцето милозливи, толку пати сфаќам дека спред вашиот суд почетокот на ова дело ќе биде тежок и мачен, затоа што на челото му е напишан тажниот спомен за минатиот помор и чумата што ја колне секој што чул за неа или што ја проживеал. Но не сакам да го одврати од понатамошното читање стравот дека до крајот на оваа книга ќе ве следат воздишки и солзи. Овој ужасен почеток нека биде она што е за патникот качувањето на каменлива и стрмна планина, зад која се простира прекрасна и природна долина, толку попријатна колку што понапорно било качувањето и слегувањето. И како што се крие болка во дното на најголемата радост, исто така, по секоја неволја следува веселба. По оваа кратка мака (велам кратка, затоа што се состои од малку зборови) следува набргу наслада и уживање што ви ги ветив отпрвин и што можеби немаше да ги очекувате од таквиот почеток, ако не ви ги поткажев. И навстина, да можев да ве поведам по поудобен пат кон она што го сакам, а не по толку стрмна патека како што е оваа, на драго срце ќе го сторев тоа. Но бидејќи не би можел без овој увод да изложам зошто се случило она за кое ќе читате подоцна скоро нужда ме натера да го напишам.
...

Поттикнати повеќе од стравот да не им наштети гниењето на мршите, одошто од сочувството кон починатите, соседите повеќето постапуваат на ист начин: сами или со помошта на носачи, кога можат да ги најдат, ги извлекуваат труповите на умрените од куќите ги положувааа пред врата. Кој ќе поминеше низ градот, особено наутро, можеше да види безброј такви мртовци како лежат пред куќите.
...

Мене самоиот ми е тешко да се запирам на тие маки, затоа ќе ги оставам оние што не морам во овој случај да ги споменувам, и велам дека тогаш, кога нашиот град беше во таква состојба и речиси без жители, се случи почитуваната црква Св. Марија Нова во еден вторник, како што разбрав подоцна од една веродостојна личност, кога во црквата скоро никого немало, присуствувале на светата служба седум млади дами во траурно облекло, како што прилегаше за тоа време. Сите беа помеѓу себе во пријателски, во соседски или во роднински врски; ниедна од нив немаше преку 28 години, ниедна не беше помлада од 18 години. Сите беа умни, од благородно потекло, убави и со убави обноски, љубезни, чесни и мили. Би ви ги кажал нивните вистински имиња, да не ме спречува оправдана причина во тоа. А причината е оваа: не сакам, затоа што го кажувале или што го слушнале, како што ќе чуеме, некој од нив подоцна да се срами. Денеска обичаите во поглед на забавата се некако поограничени од тогаш кога поради веќе споментатите околности, беа многу послободни не само за нивната возраст, туку и за многу повозрасни. Па и не сакам да им дадам повод на завидливите што се секогаш спремни да се закачат за секого што живее чесно со непристојни зборови да им наштетат на честа на оние жени што се достојни за почит. Но за да се разбере без збрка она што го рекла секоја од нив, на секоја ќе и дадеме згодно име што наполно или делумно ќе одговара на нивната нарав. Првата и најстарата меѓу нив ќе ја наречеме Пампинеја, втората Фијамета, Филомена третата, четвртата Емилија; Лаурета ќе се вика петтата, шестата Неифиле, а последната не без причина Елиза. Никаква посебна намера не ги собрала во еден кат на црквата, туку случај. Седнале скоро во круг и воздигнувајќи ги ги оставиле бројаниците и оченашите, па почнале да се расправаат помеѓу себе за оние тажни времиња. По кратко молчење Пампинеја прозборе вака:
- Мили мои дами, како и јас, и вие често сте можеле да чуете дека никого не го навредува тој што се служи често со своето право. Природно е секој што се родил колку што може да си го чува својот живот, да го заштитува и да го брани. Тоа право му се признава на секој човек, но честопати се случило еден човек да отепа друг човек за да си го одбрани својот живот. Па ако тоа го допуштаат законите што се грижат за доброто на секој смртник, колку повеќе право имаме ние, а и секој друг чесен човек, не штетејки никому, да го заштитиме својот живот онака како што знаеме.
...

Никој, значи не може ништо да не приговори, ако се управуваме спред овој свет; ако не сториме така, ќе нè снајде болка, тага, а можеби и смрт. Затоа сметам дека би било добро, ако ви е право, да ги поведеме нашите слугинки и да земеме што ни е нужно, па денеска овде, утре таму, да поминеме во веселба и во забава, како што може да ни даде ова време. Ќе останеме таму и ќе живееме сè дури не видиме (ако не нè најде смртта пред тоа), каков крај одредува небото за оваа неволја. Ве предупредувам уште дека не е посрамотно чесно да се отиде, одошто како многу други во нечесност да останеме овде. Сите други кои ја ислушаа Пампинеја, не само што го пофалија нејзиниот совет, туку и со желба да го примат, почнаа веднаш меѓу себе да се расправаат за подробностите, скоро како да ќе ги тргнат веднаш, штом ќе станат оттука. Но Филомена, која што беше многу разумна забележа:
- Дами мои, колку и прекрасно да ни разјасни Пампинеја за тоа што треба да сториме, сепак, не чини толку да брзаме, како што се гледа дека имате желба. Споменете си дека сме само жени, а ниедна не е толку млада за да не знае каков ум имаат жените и како знаат да се управуваат без машко. Ние сме превртливи, своеглави, готови да се сомневаме, малодушни и страшливи; затоа многу се сомневам ако не земеме некого да нè води дека нашата дружина ќе се распадне пребрзо и помалку чесно одошто е нужно, па затоа би требало добро да се размисли пред да се впуштиме во тоа. Тогаш рече Елиза:
- Навистина мажите им се глава на жените, и без нивно водење ретко да се успее некоја наша работа како што треба. Но како да најдеме мажи ? Секоја од нас знае дека повеќето нејзини роднини изумреле, а тие што се останати живи, се разбегале со различни компании, кој ваму, кој онаму, а ние и не знаеме кај се, за да го избегнат она кое сакаме и ние да го избегнеме. Не е згодно да молиме туѓи, зашто, ако гледаме за наше добро, треба да најдеме начин сè да уредиме така што таму каде што треба ќе одиме за одмор и забава, да не се јават незгоди и срам. Додека тие расправаат така, од црквата влегоа тројца младичи од кои најмладиот немаше помалку од 25 години, а ни лошите времиња ни загубата на пријателите и роднините не можеше да им ја олади љубовта, а не да им ја угасне. Едниот од нив се викаше Памфило, Филострато вториот, а третиот Дионео. Сите тројца беа згодни и со убаво држење. Толку беа тргнале да ги најдат своите љубени, да најдат утеха во таа неволја, а сите три случано беа меѓу оние седум споменати, додека другите беа во роднински врски со младичите. Дамите први ги забележаа младичите, па Пампинеја потсмевнувајки се проговори:
- Еве, среќата ни е уште отпрвин наколнета. Ни пратила умни и добри младичи што ќе нè водат и служат, ако не се стеснуваме да ги земеме во служба.
...

Тогаш Пампинеја, којашто беше со еден од нив роднина, без никакво објаснување стана, им се доближи на младичите што стоеја мирно и ги посматраа, ги поздрави со радосно лице, им го соопшти нивното решение, и од името на сите ги замоли да им се придружат со чисто и братско срце. Младичите отпрвин помислија дека се шегуваат со нив, но кога видоа дека мислат сериозно, весело одговорија дека се готови, па без да чекаат ни миг определија сè што беше нужно да се стори пред патувањето. На следното утро, т.е. во средата, откако го пратија сиот багаж таму кај што намислија да заминат, во муграта, дамите со неколку свои слугинки и тројцата младичи со своите слуги излегоа од градот и тргнаа по пат. Не се одалечија ни добри две милји кога веќе стигнаа на местото што го одредија однапред. Само што дојдоа, изнаседнаа, и Дионео, најзгодниот и мошне духовит младич, проговори:
- Мои дами, ваму нè доведе повеќе вашиот разум, одшто нашата досетливост. Не знам што сте намислиле да сторите со вашите грижи, јас моите ги оставив од онаа страна на градската врата, во часот кога излегов низ неа со вас. Затоа одлучете се да се смеете заедно со мене, да се шегувате и пеете (толку, велам, колку што прилега на нашето достоинство) или пуштете ме да се вратам на моите грижи и да останам во оној тажен град. Пампинеја му одговори весело, токму како да ги отфрлиле сите свои грижи:
- Прекрасно зборуваш, Дионео, треба да живееме весело и да се забавуваме, затоа што друга причина не нè отера од тагата и од жалот. Но, бидејки без вистинска мерка ништо не може да трае долго, јас, којашто бев зачетник на разговорот од кој настана оваа наша дружина, мислам дека е нужно, за да се запази нашето весело настроение, да се сложиме некој помеѓу нас да ни биде глава, па да го почитуваме и да го слушаме како постар, а нему да му биде единствена грижа како да живееме во веселба и радост. А за да го обиде секој товарот на грижите, во едно и сладоста на старешинството па спрема тоа откако ќе го обиде и едното и другото, да не биде завистлив, велам товарот и честа да се доделува секому за еден ден. Кој ќе биде прв нека реши нашиот заеднички избор, а ќе го проследи тој или таа, кога ќе заѕвони ноќен час, којшто или којашто ќе му биде по волја на тој или на таа што владеел тој ден или што владеела: а тој или таа по свој суд нека го определи времето на владеењето, местото и начинот како ќе го помине времето. Тие зборови им се допаднаа на сите и едногласно ја избраа неа прва за првиот ден. Тогаш Филомена побрза до лавровото стебло, зашто многупати беше чула дека лаворот е благородно дрво и за каква почест е достоен тој што е овенчан со него, па скршувајки неколку гранчиња сплете од нив убав венец и со него ја овенча главата. Оттогаш, сè дури дружината беше собрана за секого тоа беше знак на кралско господство и власт.
...

Кога издаде заповед така накратко што сите ја пофалија, таа весело стана и рече:
- Еве ви градини, еве ледини и други угодни места, каде што секој може да се забавува по своја желба, а кога ќе удри 3 часот, сите ќе се собереме овдека, да пируваме во лад.
...

Само што удри деветиот час, стана кралицата и ги повика своите другарки да станат, а исто така и младичите, тврдејќи дека не е здраво да се спие долго дење. Потоа отидоа на некоја ливада заклонета од сонцето, кадешто тревата беше густа и зелена, а пиркаше благо ветре. По желба на кралицата сите наседнаа на тревата на околу, а таа започна вака:
- Како што гледате, сонцето се кренало високо, а жегата е голема. Освен штурците горе во маслинарниците, ништо друго не се слуша, па секако би било лудо да се оди одовде. Овдека е убаво и свежо, а имаме шах и слични игри па секој може да одбере што му е најмило. Но ако го послушате мојот совет, нема да го поминеме овој врел дел од денот во игри при што духот на едните се заматува, а на другите премногу не ужива, како и на тие што гледаат, туку ќе го поминеме овој врел дел на денот прикажувајќи, па дури едниот прикажува, сета дружина ќе слуша и ќе ужива. Уште ни сите нема да ги довршите приказните, а сонцето веќе ќе зајде на запад, и горештината ќе попушти, па ќе можеме да одиме и да се забавуваме како што ви е драго. Затоа, ако ви се допадна ова што ви го кажувам (затоа што сум готова да им угодам на вашите желби), да сториме вака; а ако не ви се допадне, секој нека се забавува до вечерата како што знае. Дамите и младичите го пофалија нејзиниот совет.
- Значи – почна кралицата – во првиов ден секој нека раскажува слободно за што сака. Потоа обрнувајќи му се на Памфила, којшто и седеше оддесно, љубезно го замоли да почне


Босилокот на Изабета

Во Месина живееја тројца млади браќа, трговци и многу богати по смртта на татка им којшто беше родум од Сан Џимињано. Имаа сестра, по име Изабета, девојка мошне убава и добро воспитана, но не се знае зошто, уште не беше мажена. Тие во еден од своите дуќани имаа некој младич од Пиза, по име Лоренцо, којшто управуваше со сите нивни работи. Лоренцо беше убав и млад човек, и Изабета го виде многу пати, и така и замиле над сè. Лоренцо го забележа тоа неколку пати, па оттргнувајќи се од своите претходни љубовни врски, и се посвети нејзе со сета душа. И сè стана така што се заљубија еднакво еден во друг. За кратко време најдоа пат и начин да го сторат тоа за кое обајцата најмногу копнееја, па така и продолжија. И кога многу слатки часови поминаа заедно, заборавија на претпазливоста, па една ноќ, кога Изабета тргна да оди во собата кајшто спиеше Лоренцо, ја забележа нејзиниот постар брат, а таа не го виде тоа. Брат и беше разумен човек, па макар што му беше тешко тоа што го дозна, сепак без да каже никому, реши да почека до утре, а цела ноќ размислуваше за тоа. А, кога се раздени, им откри на браќа си што дознал минатата ноќ за Изабета и Лоренцо. Долго расправаа сите заедно за тоа и најпосле решија да молчат за да не падне срам на нив и на нивната сестра. Да се преправаат како божем ништо не виделе и не разбрале, сè дури не дојде време кога без штета и незгода ќе се избрише тој срам пред да дознаат други за неа. Додека брбореа со Лоренцо и се шегуваа, како што правеа секогаш, се случи еден ден да го одведат Лоренца надвор од градот, како да одат на прошетка. Кога стигнаа на едно осамено место, и им се укажа згоден случај, тие го убија Лоренцо, којшто и не се надеваше на тоа, и го закопаа, така што и никој не виде. Се вратија во Месина и разгласија дека го испратиле по работа во друг град, што сите поверуваа лесно, бидејќи тоа го правеа често.
Но, бидејќи Лоренцо не се враќаше, Изабета, на која и дотежна долгото исчекување, често и упорно ги испрашуваше браќата за него, па се случи еден ден еден од браќата да ја праша:
- Што значи тоа? Што испрашуваш толку? Што се грижиш толку за Лоренцо? Ако прашуваш и понатаму ќе добиеш одговор каков што заслужуваш.
Заради тоа тажната и нажалена мома, полна со скришен страв, повеќе не испрашуваше и ноќе често го викаше жедно и го молеше да и дојде и плачејќи се жалеше дека толку долго не се враќа, а таа невесело го исчекува.
Една ноќ, кога така долго плачеше за Лоренцо дека не се враќа, се случи да и се јави на сон блед и разбушавен, со раскината и изгниена облека и и се стори дека зборува:
- Ох, Изабето, ти само ме викаш и се жалостиш дека ме нема толку долго и со солзите тешко ме обвинуваш. Затоа знај дека веќе не можам да ти се вратам, зашто последниот ден кога ме виде, твоите браќа ме отепаа.
Кога девојката се разбуди, поверува на сеништето и тажно заплака. Потоа, утрината стана и немајќи смелост да им каже нешто на браќата, се реши да отиде на означеното место и да се увери дали е вистина тоа што и се прикажа на сон. Побара од браќа си дозвола да излезе надвор од градот и со придружничката, која ги знаеше сите нејзини тајни и беше и порано со неа, отиде колку што можеше поскоро на тоа место. Ги исчисти од земјата сувите лисја и почна да копа таму кај што и се чинеше земјата најмека. Не копаше многу кога и се покажа мртвото тело на нејзинот несреќен љубен, уште нераспаднато, и по тоа се увери во вистинитоста на сонот. Растажена над се, сфати дека сега не е време за плачење и да можеше радо ќе го однесеше неговиот труп за да му даде подостоен гроб. Гледајќи дека тоа не може да го стори, како што можеше најдобро, со нож му ја пресече главата од трупот, ја завитка во крпа, трупот го покри со земја, главата и ја даде на слугинката в раце и се врати дома без да ја види некој.
Таму со главата се заклучи во својата соба и над неа плачеше долго и горчливо ја полеваше и ја миеше со своите солзи, и ја опсипуваше со бакнежи. Потоа зеде убав и голем цреп за цвеќе, од оние во кои се сади нане или босилок, главата ја зави во убава ткаенина, ја стави во садот и ја покри со земја, па насади неколку страка прекрасен салернски босилок. Со ништо друго не го полеваше освен со вода од ружи и портокалови цветови и со своите солзи. Така се беше навикнала секогаш да седи сама до својот босилок и да го гледа со копнеж, зашто во садот беше сокриен нејзиниот Лоренцо. Долго гледаше така, а после плачеше над него и така го полеваше босилокот.
Поради долгата и внимателна грижа и мрсната земја од главата што се распаѓаше внатре, цвеќето стана бујно и замириса чудесно. Бидејќи постојано седеше така и плачеше, ја забележаа соседите повеќепати. И кога браќата се чудеа дека така вене и очите и се пропаднати, им рекоа: „Сме забележале дека таа секој ден прави така и така.“ Кога браќата го слушнаа тоа и забележаа, ја прекорија повеќепати, но напразно. Тогаш наредија скришно да и се одземе цвеќето. А кога не го најде упорно го бараше од браќа си, па бидејќи не и го вратија од солзи и плачење се разболе и во болеста прашуваше само за својот босилок. Зачудени од нејзиното упорно барање, браќата сакаа да разберат што има во црепот со цвеќето. Ја извадија земјата и ја најдоа ткаенината и во неа главата уште толку неизгниена за да можат по кадравата коса да ја препознаат дека е на Лоренцо. Изненадени и престрашени младичите брзо ја закопаа главата и заминаа од Месина, уредувајќи сè како да ќе се иселат, и заминаа во Неапол.
Девојката не престана да плаче и да бара да и го вратат црепот со босилокот и така плачејќи умре. Така се сврши нејзината несреќна љубов. Дури подоцна, кога многумина разбраа за случајот, некој состави песна, па уште и денеска ја пеат, а тоа е песната што почнува вака:

Кој беше јунакот,
што ми го украде босилокот...


Форезе и Џото
Како што честопати најголемите добродетели се кријат во човек со скромен занает, исто така и под грда надворешност често се кријат чудесни душевни способности. За тоа се доказ двајца сограѓани. Едниот од нив се викаше господин Форезе од Работа и беше толку низок, со нескладна фигура, сплескано лице и тап нос, што ќе беше грд и за куќата Баронци, но беше толку вешт во законите што многу умни луѓе го сметаа за ризница на граѓанското право. Другиот, којшто се викаше Џото, беше исто така необично надарен, што немаше таков предмет во природата, мајката на сè што е создадено и двигателка на небесата и на световите, што тој да не можеше со перо или со молив или со четка да го нацрта, и тоа така вешто што не само да биде слично на природата, туку природата сама. И така многупати се случило да се измами човечкото око, да мисли дека е стварност тоа што го насликал тој. Бидејќи и го вратил блесокот на уметноста, кој за многу години беше го закопала заблудата на тие што сликале повеќе да ги забават очите на незнајковците одошто да угодат на духот на мудреците, тој може со право да се вброи меѓу најсјајните ѕвезди на фирентинската слава; и тоа толку повеќе што со најголема скромност одбиваше да го викаат мајстор, макар што целиот живот им беше учител на другите. Тоа име што тој го отфрли, толку повеќе сјаеше во него, колку повеќе со копнеж го присвојуваа тие што знаеја помалку од него или беа негови ученици. Но, колку и да беше неговата уметност голема, тој самиот ни по лик ни по става не беше ни малку поубав од господин Форезе. Туку да се вратиме на приказната.
Господин Форезе и Џото имаа свои имоти во Муџело. Некој ден, во време кога судот не работи, господин Форезе беше отишол да си го види имотот. Враќајќи се на некое позајмено коњче, по пат го сретна Џота, којшто исто така од својот имот се враќаше во Фиренца. Ни неговиот коњ, ни спремата не му беа ништо подобри од тие на Форезе. Бидејќи беа стари, полека јаваа еден до друг, и така се случи, како што се случува често лете, да ги изненади по патот ненадеен дожд, па колку што можеа поскоро, се засолнаа во куќата на некој селанец, свој пријател и познат. По некое време, бидејќи изгледаше дека дождот нема да запре, тие, сакајќи уште дење да стигнат во Фиренца, посакаа од селанецот две стари гуни од груба аба и две шапки целите изабени од старост, зашто не најдоа ништо подобро и тргнаа на пат. Откако јаваа така некое време и добро накиснаа и се искалнија бидејќи коњитњ ги испрскаа (тоа, да кажеме не го зголемува достинството на луѓето), времето се расчисти и тие по долго молчење фатија да разговараат. Господин Форезе, јавајќи и слушајќи го Џото, којшто беше извонреден раскажувач, почна да го загледува од глава до петици и гледајќи на него сè така безоблично и изветвено, а не гледајќи се себеси, почна да се смее зборувајќи:
- Џото, да наидеме случајно на некој туѓинец што не те видел никогаш, мислиш ли дека би поверувал дека ти си најдобриот сликар на светот, како што си навистина?
Џото му одговори спремно:
- Господине, мислам дека би поверувал, ако, гледајќи во вас, поверува дека ја знаете азбуката!
Кога го чу тоа, господин Форезе си ја сфати гршката и увиде дека Џото му врати мило за драго.

Славејчето
Неодамна во Ромања живееше витез чесен и со добро држење, а се викаше господин Лицио ди Валбона. Кога беше веќе во зрели години, му роди жена му, по име госпоѓа Џакомина, ќерка. Девојчето порасна така убаво и мило што немаше поубаво во целиот крај. А бидејќи беше едно на татка и на мајка, ја сакаа премногу и ја чуваа надевајќи се дека ќе ја омажат во некоја добра куќа. Кај нив честопати идеше и се задржуваше еден младич убав и строен, од куќата на Манарди од Бретиноре, наречен Ричардо, гледајќи ја често прекрасната девојка со такво убаво воспитание и веќе стасана за мажење, се заљуби силно во неа, но грижливо ја криеше таа своја љубов. Девојката, сепак, го забележа тоа и не плашејќи се ни малку, исто така го заљуби. Тоа многу го зарадува Ричарда. Многупати посакуваше да и каже некој збор, но плашејќи се од последици, си молчеше. Сепак, еднаш, кога му се стори згоден часот, се осмели и и рече:
- Катарина, ти се молам, не давај да умрам од љубов.
Девојката му одговори веднаш:
- Да не даде господ да умрам јас од љубов по тебе.
Овој одговор уште повеќе го охрабри и го зарадува Ричарда, па и рече:
- Секогаш ќе чинам сè што ќе биде по волја, но ти треба да се потрудиш и да најдеш излез и за тебе и за мене.
На тоа додаде девојката:
- Ти знаеш, Ричардо, како ме чуваат, па затоа не знам како би можел да дојдеш кај мене. Туку, ако знаеш ти нешто што можам да го сторам без срам, кажи ми и јас ќе те послушам.
Ричардо, којшто веќе размислуваше за тоа, веднаш рече:
- Слатка моја Катарино, друго не знам, туку ако можеш да спиеш на балконот што е над градината на татка ти, или барем да дојдеш ноќе таму, без секакво сомнение би измислил како да дојдам кај тебе, макар што балконот е висок.
Катарина одговори:
- Ако не се плашиш да се качиш кај мене, верувам дека ќе успеам да спијам таму.
Ричардо одговори дека ќе дојде. Тогаш набрзина се бакнаа и си отидоа. На другиот ден, бидејќи беше веќе при крајот на мај, девојката почна да се жали пред мајка си дека минатата ноќ не можела да спие од жештина. Мајката и забележа:
- Каква жештина те фатила, ќерко моја. Воопшто не е топло.
На тоа рече Катерина:
- Мајко моја, би требало да кажете „како што ми се чини мене“ и можеби ќе ја кажевте вистината, но би морале да размислите дека девојчињата се многу потопли од жените во години.
Госпоѓата и одговори:
- Право зборуваш, ќерко моја, но јас не можам по своја волја да направам да биде топло или студено, како што би сакала ти. Времето треба да се поднесува така како што го донесува годишното време. Можеби ноќеска ќе биде поладно, па ќе спиеш подобро.
- Дај боже, - одговори Катарина - но не ми се чини дека ноќите ќе станат постудени, кога веќе наближува лето.
- Значи, - рече госпоѓата - што сакаш да сторам?
Катарина одговори:
- Ако му е на татета и вам по волја, јас радо би сакала да ми се приготви легло на балконот што е покрај собата на татета, над градината. Таму би спиела и би го слушала славејчето како пее; бидејќи таму е посвежо, би ми било многу подобро одошто в соба со вас.
Мајка и рече тогаш:
- Смири се дете, ќе зборувам со татка ти, и како што ќе сака тој, така ќе сториме.
Кога госпоѓата му го кажа тоа на господин Лицио, како што беше стар и малку мрзоволен, одговори:
- Каков е тој славеј што ќе ја успие? Ќе ја научам јас да спие при црцорење на штурци.
Кога разбра Катарина за тоа, повеќе од огорченост отколку од горештина не само што не спиеше цела ноќ, туку ни на мајка си не и даваше да склопи око, жалејќи се на запара. А мајка и, слушајќи го сето тоа, уште изутрина отиде кај господин Лицио и му рече:
- Господаре, вие малку го љубите ова девојче. Што ви пречи ако спие на балкон? Цела ноќ од горештина не се смири. А, освен тоа, какво е чуда дека детето сака да слуша славејчиња? Младите луѓе го сакаат тоа што им прилега.
Господин Лицио, кога го чу тоа, одговори:
- Ајде, де наместете и легло, како што сака и обесете наоколу завеси, па нека спие како што сака и нека слуша како пее славејот.
Девојката кога слушна за тоа, веднаш нареди да и се направи постела и бидејќи веќе следната ноќ требаше да спие таму, чекаше сè додека не дојде Ричардо. Тогаш му даде знак, како што беа се договориле, за да знае што да прави. Кога господин Лицио виде дека девојката легнала, ја затвори вратата, што водеше од неговата соба на балконот и си легна и самиот. Ричардо, кога виде дека сè се смирило, со помош на скали се искачи на некој ѕид со голема мака и со опасност да падне се искачи на балконот, каде што убавицата го прими тивко и со најголема радост. Откако се бакнаа многупати легнаа заедно и цела ноќ се збавуваа и многупати го натераа славејчето да запее. Но бидејќи ноќите беа кратки, а сладоста голема, и денот веќе неочекувано се наближуваше, уште така загреани и од топлата ноќ и од забавата, онака голи заспаа. Катарина со десната рака го прегрнала Ричарда, а со левата го фатила тоа што ни мажите не сакаат помеѓу себе да го наречуваат со вистинското име. Обајцата заспале така цврсто, што не се разбудија ни кога се раздени и кога господин Лицио стана. Спомнувајќи си дека ќерка му спие на балконот, тивко ја отвори вратата и си помисли: „Ајде да видиме како славејот ноќеска ја успал мојата Катарина.“
Тивко излезе на балконот, ја крена завесата што ја опкружуваше постелата и ја виде неа и Ричардо како спијат онака голи, прегрнати, како што спомнавме пред малку. Ричарда веднаш го препозна, па брзо излезе оттаму, отиде во собата на жена си и ја викна велејќи и:
- Ела бргу, стани и дојди да видиш како на ќерка ти и замилел славејот, па го фатила и го држи во рака.
Госпоѓата одговори на тоа:
- Како е возможно тоа!
Господин Лицио и одговори:
Ела поскоро, па ќе видиш со свои очи.
Госпоѓата се облече брзо, тивко отиде по господин Лицио и кога дојдоа обајцата до постелата, ја кренаа завесата, а госпоѓата Џакомина убаво виде како ќерка и го фатила и го држи славејот по чие пеење толку копнееше. Госпоѓата, сметајќи дека Ричардо ги измамил, сакаше да вика на него и да го искара, но господин Лицио ја замолче:
- Жено, ако ме љубиш, молкни, зашто ако сакаш по право, штом веќе го фатила, нејзин ќе биде. Ричардо е младич пристоен и богат, подобар маж и не можеме да и најдеме, па ако сака со добро да си отиде од овдека, ќе треба прво да ја земе за жена, па така славејот ќе го става во свој кафез, а не во туѓ.
Госпоѓата се смири и молкна гледајќи дека овој факт не го збунил мажа и, а и си помисли дека ќерка и сигурно убаво ја поминала ноќта и си починала и славејот го фатила. Не мина долго, се разбуди Ричардо и гледајќи дека веќе сосема се разденило, се исплаши смртно, па ја викна Катарина велејќи и:
- Леле, душо моја, сега што ќе правиме? Ме затече ден овдека!
На тоа господин Лицио излезе напред, ја одгрна завесата и одговори:
- Лесно ќе ја наредиме!
А кога го виде Ричардо, му беше како да му го откорнал некој срцето; седна на постелата и рече:
- Господаре мој, смилувајте ми се за бога! Знам дека како нечесен и опак човек сум заслужил смрт, па сторете со мене што ви е драго. Само ви се молам, ако можете да ми го поштедите животот и да не давате да умрам.
Господин Лицио му одговори:
- Ричардо, ова не сум го заслужил од тебе за љубовта и довербата што сум ти ги укажувал секогаш. Но кога е така, и кога младоста те навела на тој грев, за да си го спасиш животот, а мене да ме поштедиш од срамот, земи ја Катарина за своја законита жена, па како што била твоја оваа ноќ, така нека биде дури е жива. Само така можеш и мојот мир да го вратиш и себеси да се спасиш. А ако нејќеш така, помоли му се на бога за душата.
Додека тие така зборуваа, Катарина го пушти славејот, се покри и почна горчливо да плаче и да го моли татка си да му прости на Ричарда, а Ричарда да го стори тоа што го бара од него господин Лицио, за да можат така во мир и сигурност уште многу такви ноќи да уживаат. Многу клетви баш и не беа нужни, зашто кое од срамот поради сторениот грев и желбата да се покае гревот, а кое стравот пред смртта и желбата да и избегне и притоа и пламената љубов и копнеж да го поседува саканото суштество, сторија Ричардо мирно и без колебање да одговори дека е готов да го стори тоа што сака господин Лицио. Затоа Лицио побара од госпоѓа Џакомина еден од нејзините прстени, па истиот час пред нив Ричардо ја зеде Катарина за жена. А кога го сторија тоа, господин Лицио и жена му си отидоа велејќи:
- А сега починете си, тоа ви е можеби понужно одошто да станете.
Кога овие си отидоа, младите се прегрнаа пак и бидејќи таа ноќ минале само шест милји, минаа уште две пред да станат и така помина нивниот прв ден. А кога станаа, Ричардо поразговара мирно за сè со господин Лицио, па по неколку дни, како што прилега, во кругот на пријателите и роднините, повторно се венча со убавицата и свечено ја одведе дома, каде што приреди богата свадба, и потоа со неа долго и на мир ловеше славеи и дење и ноќе, кога ќе му се посакаше.

Франческа и огледалото

Некојси Фреско од Челатико имаше внука што на галено ја викаа Часка. Макар што беше со убава става, сепак не беше со таква ангелска убавина што се наоѓа понекогаш. Но затоа пак се ценеше себеси толку многу, што и влезе во крвта да куди и мажи и жени, и сè што ќе види, не обѕирајќи се на себеси. А беше така незгодна, досадна и каприциозна, како ниедна друга, и никогаш со ништо незадоволна. Освен тоа, беше така горда, што би било премногу дури и да му е ќерка на францускиот крал. Кога одеше по улица, толку се муртеше на сè, што само носот го креваше како да и смрди секој што ќе го види или ќе го сретне. Сега, да не ги набројуваме сите нејзини срамни и незгодни навики, ќе ви кажеме еден настан за неа. Некој ден се врати во Фресковата куќа и преправајќи се и муртејќи се, седна покрај него. Фреско ја праша:
- Што си се вратила, Ческо, толку брзо, кога денеска е празник?
Таа му одговори напернато:
- Навистина си дојдов рано, зашто во овој град како да не биле ни мажите ни жените никогаш така досадни и несносни како денеска. Ниеден не помина по улица што да не ми е мрзок како лоша среќа. Верувам дека нема на светов жена на која да и е подосадно да ги гледа овие одвратни луѓе одошто мене. Па за да не ги гледам, си дојдов рано дома.
Фреско, кому ни малку не му се бендисуваа лошите навики на внучката, забележа:
- Ќерко моја, ако ти е така мрско да гледаш непријатни луѓе, немој никогаш да се огледуваш во огледало, ако сакаш да живееш задоволно.
Но, таа празна тиква (а мислеше дека е мудра како Соломон), ги сфати вистинитите зборови на Фреско како што би ги разбрала овца, па му одговори дека ќе се гледа во огледало како другите. Така во својата глупост живееше и векот си го помина.

Приказна за соколот
Копо ди Боргезе Доменики (којшто живееше во нашиот град, а можеби е жив уште), во наше време достоинствен и почитуван маж, бил познат и достоен за вечна слава повеќе по добродетелите и по доброто држење, одошто по благородството. Кога зајде веќе во години, често сакаше да им раскажува на своите соседи и пријатели за минатите времиња. За тоа тој знаеше да раскажува подобро од другите, затоа што зборуваше убаво и накитено, а и сеќавањето го служеше добро. Меѓу другите убави истории, радо раскажуваше за еден младич, син на господин Филипо Албериги, Федериго по име, којшто живеел во Фиренца и по мечување и благородство бил ценет над сите други господа во Тоскана. Како што се случува често меѓу благородниците, тој ја заљуби мона Џована, дама од благороден род, во тоа време една од најубавите и најличните во Фиренца. За да ја придобие нејзината љубов, се бореше на турнири, се натпреваруваше во витешки игри, приредуваше гозби, подаруваше и растураше без мерка. Но, таа, исто толку чесна, колку и убава, не му обрнуваше внимание ни нему, ни на сето тоа што го правеше заради неа.
Растурајќи така Федериго повеќе одошто требаше и можеше, а без да печали ништо, набргу неговото богатство се растури и тој се осиромаши. Не му остана ништо освен некој мал имот од чиј приход живееше многу скудно. Имаше уште и сокол, еден од најдобрите на светот. Макар што неговата љубов беше сè посилна, пресмета дека не може веќе да живее в град како што му прилега, па се пресели во Кампи каде што му беше имотот. Таму, кога можеше, одеше на лов на птици со својот сокол и трпеливо го поднесуваше своето сиромаштво без да бара нешто од некого.
Кога осиромаши Федериго сосема, ненадејно се разболе мажот на мона Џована; чувствувајќи дека смртта му се наближува, направи аманет па сето свое големо богатство му го остави во наследство на својот веќе попораснат син, а бидејќи многу ја љубеше жена си, одреди да го наследи таа, ако умре без законски наследник; потоа умре. Така мона Џована остана вдовица и, како што имаат обичај нашите дами, лете одеше со синот на село на некој свој имот близу до Федериговиот. И така се случи момчето да се спријатели со Федерига и почна да се интересира за птици и за кучиња. Многупати го гледаше соколот на Федерига како лета и го посака. Но не се осмелуваше да го бара гледајќи дека на Федерига му е многу мил. Тогаш момчето наеднаш се разболе. Мајката, натажена, зашто само него го имаше и го љубеше како очите свои, дење и ноќе беше над него и го негуваше и често го запрашуваше да не сака нешто и го молеше само да и каже, а таа сигурно, само ако е возможно, ќе му го најде тоа. Момчето по многуте нејзини молби најпосле рече:
- Мајко моја, ако ми го донесете Федериговиот сокол, сигурно ќе оздравам брзо! - Кога го чу тоа жената, се збуни, а после почна да размислува што да прави. Знаеше дека Федериго долго ја љубеше, а таа никогаш и не го погледнала, па си мислеше:„Како да барам или да пратам некого да му го бара соколот кој како што сум чула е најдобар на светот, а освен тоа го храни својот господар! Како би можела да му бидам толку неблагодарна на тој благороден човек и да му го одземам единственото што му останало!“ Збунета од толку мисли, а уверена дека тој ќе и го даде, ако го побара, не знаејќи што да му одговори на синот, молчеше. Најпосле надвладеа љубовта кон детето па се реши да го задоволи, па што сака нека биде и да не праќа никого, туку да оди сама и да му го донесе. Тогаш му одговори на синот:
- Утеши се, сине мој, и настојувај со сите сили да оздравиш, а јас ти ветувам штом ќе се раздени, веднаш ќе одам и ќе го донесам.
Детето се израдува и истиот ден болеста му тргна на подобро. Госпоѓата утредента ја поведе со себе придружничката па како да ќе оди на прошетка, тргна кон куќичката на Федериго и кажа да го повикаат. Тој, бидејќи не беше време за лов, работеше некои помали работи во градината. Кога чу дека го бара мона Џована, многу се изненади и радостен потрча пред неа. Кога го виде, таа љубезно и мило му тргна во пресрет. Федериго ја поздрави полн со почит, а таа отпоздрави:
- Здрав да си ми, Федериго!
И продолжи:
- Дојдов да ја поправам штетата што си ја претрпел заради мене, љубејќи ме повеќе одошто треба. За оштета, наумив со мојава другарка да ручам денеска кај тебе. Федериго и одговори смирено:
- Госпоѓо, не си спомнувам дека сум претрпел некаква штета заради вас, туку од вас сум доживеал само добро, зашто ако сум чинел некогаш нешто, тоа било поради вашите добродетели и мојата љубов кон вас. И сигурно ова ваше идење ми е многу помило одошто би ми било кога би можел уште еднаш да го потрошам сето она што сум го потрошил во минатото, зашто сте се удостоиле да дојдете кај бедниот домаќин. - Кога го рече тоа, засрамено ја воведе во својот скромен дом, а оттука ја поведе во градината. И бидејќи немаше никого да и прави друштво, рече:
- Госпоѓо, бидејќи нема никого дома, нека ви биде друштво добрата жена на овој селанец, додека јас да ја приготвам масата.
Дотогаш, во сета своја голема сиромаштија, не размислувал доволно во каква немаштија западнал и како лекоумно го растурил сето свое богатство. Но, таа утрина, не наоѓајќи ништо со што би можел да ја почести жената за чија љубов гостел безброј луѓе, си спомни за сè. Тажен и нажален, ја проколнуваше својата лоша судбина и сиот надвор од себеси се меткаше низ куќата не наоѓајќи ни пари, ни нешто да заложи. Времето одминуваше, а тој не сакаше да пропушти да ја почести госпоѓа, а пак не сакаше од никого, дури ни од својот орач да побара нешто. Тогаш му падна в очи неговиот сокол, којшто беше во својот кафез на печката, па немајќи што да прави, го фати и гледајќи дека е доста дебел, помисли дека ќе биде достојно јадење за таква жена. Не размислувајќи повеќе, му го скина вратот и нареди на некоја своја слугинка да го искубе веднаш, да го приготви и надене на ражен да се пече. Тогаш ја посла масата со бели покривки што ги имаше уште, па со ведро лице се врати кај дамата во градината и и рече дека ручекот е готов. Дамата со својата придружничка стана и тргна кон масата. И не знаејќи што јаде го изедоа соколот заедно со Федериго којшто ги нудеше со многу почит. По ручекот се забавуваа со угодни разговори, па кога на госпоѓата и се стори дека е згодна прилика да каже зошто дошла, љубезно му се обрати на Федерига вака:
- Ако си спомнуваш, федериго, за својот поранешен живот и за мојата чесност, што можеби си ја сметал за несмисленост и суровост, не се сомневам дека ќе се зачудиш од мојата смелост, кога ќе чуеш, зошто сум дошла ваму. Но, да имаш деца, или да си ги имал, би сфатил колку е силна љубовта на родителот кон нив и сум уверена дека заради тоа би ми простил. Туку, бидејќи ти немаш деца, а јас имам син единец, ни јас не можам да им избегам на законите што важат за сите мајки на светот. Па бидејќи морам да им се покорам на тие закони, морам и против своја волја и против вообичаените правила да побарам од тебе да ми дадеш нешто што ти е, знам, помило од сè. А и право е така, бидејќи тебе, немилата судбина не ти оставила никаква друга разонода, ни радост, ни утеха. Та, ти се молам да ми го подариш твојот сокол, кого мојот син силно сака да го има, па се плашам, ако не му го донесам, дека болеста ќе му се влоши и ќе го изгубам синот. Затоа, ти се молам, не во името на твојата љубов кон мене (којашто не те обврзува кон ништо), туку во името на благородството што те краси повеќе од секој друг витез, да ми го подариш соколот за да му го спасам животот на сина ми, а тој ќе ти биде благодарен до век. - Кога чу Федериго што му бара жената, а знаејќи дека не може да и ја исполни желбата бидејќи го даде соколот да се изеде, почне пред неа да плаче молчејќи. Госпоѓата помисли дека плаче од болка дека мора да се раздели од соколот и веќе и беше на јазик да му каже како не го сака. Но се здржа и почека Федериго да престане да плаче, па да и одговори. Тој проговори вака:
- Госпоѓо кога господ веќе сакал да ви ја подарам вам сета моја љубов, ми се чинеше дека судбината ми е во сè противна и се жалев од неа. Но сето тоа не беше ништо спрема ова што ме најде сега. Никогаш нема веќе да се измирам со мојата лоша среќа кога ќе си помислам дека вие сте дошле во мојот беден дом, додека не ме удостоивте да дојдете дури бев богат. И сега, кога барате од мене таков незнатен подарок, судбината сака да не можам да ви го дадам. А зошто е така, ќе ви кажам накратко. Кога чув дека вие милозливо сакате да ручате со мене, почитувајќи ја вашата возвишеност и вашата чесност, сметав за достојно според моите можности да ве почестам со јадење поскапоцено одошто би понудиле други. Си спомнав за соколот и за неговата извонредност и сметав дека тој е достојно јадење за вас. Денеска го имавте печен на чинија, и мислев дека не сум можел подобро да го употребам. Но, сега, кога гледам дека вие сте го сакале поинаку, неизмерно ме боли дека не можам да ја примам вашата молба и затоа никогаш нема да имам мир.
Кога го рече тоа, нареди да ги донесат пред неа пердувите, нозете и клунот, за доказ.
А, кога дамата го виде сето тоа, прво го прекори дека отепал таков сокол за да почести некоја жена, а во себе го пофали неговото благородство што сиромаштијата не можела да го намали. А тогаш, губејќи секаква надеж дека може да го добие соколот, и загрижена за здравјето на сина си, замислена се се врати кај него. А синот, било од жал дека не може да го добие соколот, било болеста да го налегна, не мина многу и на најголема жалост на мајка си, умре. Откако го оплакуваше долго и горчливо, а бидејќи беше многу богата и уште млада, многу пати браќа и ја наговараа да се премажи. Таа никако не сакаше, но бидејќи упорно навалуваа, си спомна за добриот Федериго и за неговото благородство, особено за неговата последна постапка кога отепа онаков сокол за да ја почести, па им рече на браќата:
- Јас би сакала најмногу, ако ви е право, да останам вдовица, но кога сакате да се премажам, бидете уверени дека нема да појдам за никого освен за Федерига дели Албериги.
Браќата ја исмеваа велејќи:
- Што зборуваш така лудо, како да го земеш него кога нема ништо на светов?
А таа им одговори:
- Браќа мои, добро знам дека е така како што кажувате, но помил ми е човек без богатство, одошто богатство без човек.
Кога чуја браќата како мисли таа, а знаејќи дека Федериго е добар, макар и беден, по нејзина волја му ја дадоа за жена со сето нејзино богатство, како мираз. А тој, кога доби таква жена, којашто долго и така силно ја љубел, и кога така се обогати, задоволно живееше со неа до крајот на својот живот, само што овој пат знаеше подобро да господари со својот имот.

Маркизот од Солуцо

Пред многу години меѓу маркизите ди Салуцо најстар член на фамилијата беше еден младич по име Гвалтиери. Бидејќи беше неженет и немаше деца, времето го поминуваше само на лов со птици и пци. Не му идеше на ум да се жени и да има деца, затоа го сметаа за мошне умен човек. Но тоа на неговите поданици не им беше баш мило, па често го молеа да се ожени, за да не умре без пород, и така тие да останат без господар. Дури, му нудеа да му најдат жена, и тоа од такви татко и мајка, да може да се надева дека ќе биде задоволен. Гвелтиери им одговори:
- Пријатели мои, ме присилувате на нешто што бев решил да не го сторам никогаш, зашто знам како е тешко да се најде жена што ти одговара по карактер и навики, а бидејќи има многу примери за спротивното и бидејќи му е тежок животот на тој што ќе најде жена што не е за него. Тоа што ми го кажувате дека ќерката може да се познае по таткото или по мајката, и дека по тоа ќе одберете жена што ќе ми се допадне, е голема глупост. Зашто не знам како ќе го запознаете таткото, ни како тајните на мајката, а и да ги запознаете, често ќерките се сосема различни и од таткото и од мајката. Но, кога веќе сакате да ми натурите такви синџири, се согласувам. Туку, за да не се жалам на други, а на самиот себеси, ако наидам на зло, сам ќе си одберам жена. Само ова ви го велам, ако не ја почитувате како дама таа што ќе ја земам, ќе сетите на вашата кожа како ми е тешко што сум зел жена против своја волја, а на ваша молба.
Добрите луѓе му одговорија дека се задоволни, само нека се ожени.
На Гвалтиери веќе одамна му се допаѓаше некоја сиромашна девојка од соседното село, а бидејќи му се гледаше и убава, мислеше дека ќе живее со неа среќно. Па не барајќи понатаму, реши да се ожени за неа. Нареди да го повикаат татка и, отепан сиромашец, и се договори со него да ја земе ќерка му за жена. Потоа, Гвалтиери ги собра сите свои пријатели од својот крај и им рече вака:
- Пријатели мои, вие сакавте и сакате да се оженам, а јас се согласив со тоа, повеќе да ви угодам вам одошто себеси. Вие знаете што ми ветивте, а тоа е дека ќе бидете задоволни и ќе ја почитувате како своја господарка таа што ќе ја земам. Ете, дојде време да го исполнам моето ветување, но сакам и вие да го исполните вашето. Избрав девојка по срце од нашиот крај. Се решив да ја земам за жена и да ја доведам дома по неколку дена. Затоа гледајте свадбата да биде убава и да ја примите невестата со почести, за да бидам јас задоволен како што ќе бидете и вие.
Добрите луѓе радосно одговорија дека така им е драго и дека ќе ја почитуваат како дама и господарка, па која и да е таа. Потоа сите се потрудија да приготвата свечена и убава свадба, а исто така и Гвалтиери. И тој нареди да се приготви сè за да биде сјајна свадбата, и повика многу свои роднини и пријатели и многу благородници од тој крај. Освен тоа, нареди да се скрои и да се сошие прекрасна и богата облека спрема ставата и висината на некоја девојка што му се чинеше слична на таа што се решил да ја земе. Тогаш приготви уште и колани и прстења и прекрасен скапоцен венец и сè што е нужно за невеста. Во денот одреден за свадба, Гвалтиери пред трите часот го јавна коњот, а тоа го сторија сите што дојдоа со своето присуство да ја почестат свадбата. Наредувајќи сè што е нужно, рече:
- Господа, време е да одиме по невестата.
И со својата придружба се упати кон селцето. Кога дојдоа пред куќата на татко и на девојката, ја најдоа како брзо се враќа од извор, за да оди со другите жени да ја пречека невестата на Гвалтиери. Кога ја виде Гвалтиери, ја викна на име, тоест Гризелда и ја праша кај е татко и. Таа одговори срамежливо.
- Господаре, дома е.
Тогаш Гвалтиери слезе од коњ и им нареди на сите да го почекаат, а самиот тој влезе во сиромашната колиба, каде што го најде татка и, по име Џануколе, и рече:
- Дојдов да ја земам Гризелда за жена, но сакам најнапред да разберам нешто од неа во твое присуство.
Тогаш ја праша дали секогаш ќе се труди, ако ја земе за жена, да му угоди во сè, и никогаш нема да се лути што и да и стори или да и рече, дали ќе биде покорна и многу други работи. На сето тоа таа одговори дека сака. Тогаш Гвалтиери ја зеде за рака, ја изведе и, во присуство на целата своја придружба и сите други што беа таму, и нареди да се соблече сосема, а на слугите им нареди да му ја донесат облеката што ја приготвил и да ја облечат веднаш. Тогаш на главата, на онака разбушавената коса како што и беше, и го стави венецот. Бидејќи сите се зачудија на ова, рече:
- Господа, оваа е таа што решив да ја земам за жена, ако ме сака таа за свој маж.
А тогаш и се обрати нејзе којашто сета засрамена, со наведната глава и изненадена стоеше и ја праша:
- Гризелдо, сакаш ли да ме земеш за маж?
На тоа таа одговори:
- Сакам, господаре.
А тој одговори:
- И јас те сакам за жена.
Така во присуство на сите се венчаа. Тогаш тој ја качи на коњ и со голема придружба ја одведе дома, каде што беше приредена свечена свадба и толку сјајна, како да ја зел за жена черката на францускиот крал.
Но, изгледаше дека невестата со својата облека си ги изменила и навиките. Таа беше, како што рековме веќе, со танка става и лична во лицето, па како што беше убава, набргу стана така мила и пристојна, како да не е ќерка на Џануколе и како да не пасела овци до вчера, туку како да е ќерка на благородник. И сите што ја познаваа од порано, се восхитуваа од неа. Освен тоа, толку му беше понизна и покорна на својот маж, што тој се чувствуваше како најсреќниот и најзадоволен маж на светот. И кон поданиците на својот маж исто така беше љубезна и мила, што немаше човек којшто не ја сакаше повеќе од себеси и што не ја почитуваше, молејќи се за нејзиното добро и нејзина среќа. И додека порано имаа обичај да зборуваат дека не е умно од Гвалтиери што ја зел за жена, сега сметаа дека тој е навистина најпаметниот и најразумниот човек на светот, зашто никој никогаш, освен него, не сфатил дека под онаа сиромашка и селска облека се крие душа така полна со добродетели. И накратко, не само низ нивниот маркизат, туку и понатаму, многу брзо се рашири гласот за нејзината добрина и за нејзините дела, па сите го напаѓаа тој што ќе речеше макар нешто против нејзиниот маж што ја зел за жена.
Таа не живееше долго со Гвалтиери кога затрудне и во одредено време роди ќерка на најголема радост на Гвалтиери. Но, малку потоа, во главата му се заврте чудна мисла да ја искуша жената и на најневеројатни начини да ја испита нејзината трпеливост, па најнапред почна да ја мачи со зборови, лутејќи се на неа и зборувајќи и дека неговите поданици се многу незадоволни од неа поради нејзиниот низок род, апоготово сега, кога гледаат дека раѓа. И зборуваше дека тие непрестајно мрморат откако и се родила ќерката. На тие зборови, жената, не изменувајќи се ни во лицето, ни во душата, рече:
- Господаре мој, стори од мене тоа што сметаш дека ти налага твојата чест и што ќе ти донесе мир, а јас ќе бидам задоволна со сè, зашто знам дека сум од низок род и дека не сум била достојна за честа и положбата на која ти ме издигна милостиво.
Тој одговор многу му се допадна на Гвалтиери, зашто сфати дека не се возгордеала поради честа што и ја искажуваше и тој и другите. Малку време потоа, откако зборуваше онака дека поданиците не му ја поднесуваат ќерката, се договори со некој свој слуга и го испрати кај неа, а тој со тажно лице и рече вака:
- Госпоѓо, ако ми е мил животот, треба да го сторам тоа што ми наредил господарот, атој ми заповеда да ја земам ќерка ви и да...
И молкна.
Кога госпоѓата ги ислуша зборовите и го виде неговото лице, па кога си ги спомни зборовите на својот маж, сфати дека му е наредено да го отепа детето. Веднаш го зеде девојчето од колепката, го бакна и го благослови и макар што срцето и се кинеше од жал, не се измени во лицето, туку му го даде детето но слугата в раце зборувајќи:
- Земи ја и стори точно така како што наредил твојот господар. Но немој да ја оставиш да ја изедат ѕверови и да ја растргнат грабливи птици, ако не ти наредил тој.
Слугата го зеде детето и зборовите на госпоѓата му ги соопшти на својот господар, а тој се восхити од нејзината постојаност. Слугата и детето ги испрати во Болоња кај некоја своја роднина, молејќи ја да го одгледа грижливо и да го воспита, но никому да не кажува чија ќерка е. Набргу потоа госпоѓата пак затрудне и во одредено време роди машко чедо на голема радост на Гвалтиери. И не му беше доста тоа што веќе го стори, туку уште потешко го рани срцето на жената, кога еден ден, божем налутено и рече:
- Жено, откако ми го роди и синот, не можам веќе да живеам во мир со моите поданици, туку се жалат дека внукот на Џануколо по мојата смрт ќе стане нивни господар. Сè се плашам дека ќе треба да сторам како што сторив порано, и најпосле треба да те оставам и да земам друга жена, ако не сакам да ме прогонат од земјата.
Госпоѓата го ислуша трпеливо и само одговори:
- Господаре мој, мисли само на тоа како да си угодиш себеси и да ги задоволиш своите желби. На мене немој да мислиш, зашто мене ми е мило само тоа што ти е тебе по волја.
По неколку дена Гвалтиери исто така, како што ја зеде ќерката, го испрати слугата по синот и како божем го отепал, го испрати во Болоња, како и ќерката. Ни тогаш госпоѓата не се измени во лицето, ниту пак рече нешто друго освен тоа што го рече за девојчето. Гвалтиери и се восхитуваше и беше уверен дека ниедна друга жена на светот не би можела да постапи така. И да не ги љубеше така своите деца, додека тоа му беше по волја, би помислил дека не се грижи за нив, но знаеше дека тоа го прави зашто е умна. Неговите поданици, мислејќи дека наредил да се отепаат децата, го напаѓаа поради нечовештина, додека кон жената имаа големо сочувство. А таа на своите дами, што ја жалеа поради смртта на децата, никогаш ништо друго не им рече, освен дека е задоволна со тоа што сака тој што ги зачнал со неа.
А кога поминаа многу години по раѓањето на девојчето, Гвалтиери намисли за последен пат да го искуша трпението на жената, па на мнозина им изјави дека за ништо на светот ја нејќе веќе Гризелда за жена, и дека сега ја сфатил својата младешка лудост и дека со сите сили ќе настојува папата да му го поништи бракот, за да може да ја остави Гризелда и да доведе друга жена. Заради тоа, сите добри луѓе го кудеа мошне, а тој им одговараше дека така мора да биде. Госпоѓата го дозна тоа и во срцето силно се нажали, зашто и се чинеше дека ќе мора да се врати во куќата на татка си и можеби пак да пасе овци како порано, а на нејзино место ќе дојде друга жена и ќе ја ужива љубовта на тој кого таа го љубеше најмногу на светот. Но како што ги претрпе сите несреќи што и ги испрати судбината, така се реши со мирно лице да го прими и ова.
Не мина многу и по Гвалиериева наредба пристигнаа од Рим лажни писма со кои им докажа на своите поданици дека папата го поништил неговиот брак и му дозволил да земе друга жена. Затоа ја повика Гризелда и во присуство на многу луѓе и рече:
- Госпоѓо, со папина дозвола можам да земам друга жена, а тебе да те оставам. Бидејќи моите претци биле луѓе од висок род, и господари на оваа земја, атвоите биле селани, се решив да го растурам нашиот брак и ти да се вратиш во куќата на Џакуноле со миразот што си го донела; а јас ќе си доведам друга жена што прилега на мојот положај.
Кога ги ислуша овие зборови госпоѓата одвај ги задржа солзите и со напор што ја надминува женската сила одговори:
- Господаре мој, никогаш не ми излегло од ум дека моето ниско потекло не одговара на вашето благородство, а за положајот на кој ме издигнавте вие, ви благодарам вам и на бога и никогаш не сум сметала дека тој дар е моја сопственост, туку сметав дека ми е само позајмен. Си го сакате ли назад? Мене мора да ми е по волја, и ми е, да ви го вратам. Еве ви го прстенот со кој сте ме венчале, земете го. Ми наредувате да си го однесам миразот што сум го донела: за тоа ниту вам ви е нужен ризничар, ниту мене бисаги и добиче зашто не сум заборавила дека ме одведовте гола од дома. Па ако сметате дека е чесно сите да ја видат снагата во чиј скут сум ги носела децата што сум ги зачнала со вас, гола ќе си одам. Но, ви се молам, како награда за мојата девственост што ја донесов, а не ја однесувам, да ми допуштите со миразот да однесам само една кошула.
На Гвалтиери му беа очите полни со солзи, но во лицето остана тврд зборувајќи:
- Однеси ја кошулата.
Сите што беа таму го молеа да и подари барем еден фустан, да не излезе од неговата куќа така сиромашки и така срамно, само по кошула, таа што тринаесет и повеќе години била негова жена. Но сите молби беа попусто. Тогаш госпоѓата, боса, само по кошула и со непокриена глава, ги благослови сите, излезе од куќата и се врати кај татка си исплакана и изжалена од сите што го видоа тоа. Џануколе, којшто никогаш не можеше да верува дека Гвалтиери навистина ќе ја држи ќерка му за жена и секој ден чекаше да стане ова, беше ја дочувал нејзината облека што ја соблекла тој ден кога ја зеде Гвалтиери за жена. Тој и ја врати облеката и таа ја облече пак и се посвети на домашните работи како и порано, храбро поднесувајќи го тешкиот удар што и го нанесе немилосрдната судбина.
Кога го стори тоа Гвалтиери, ги увери сите дека зел за жена ќерка на еден од грофовите Панаго и со големи подготовки за свадба и порача на Гризелда да дојде кај него. А кога дојде и рече:
- Ќе доведам дома нова невеста, па сакам да ја пречекам достојно. А ти знаеш дека во куќата нема жени што би знаеле убаво да ги суредат собите и да приготват сè друго што е нужно за ваква свеченост. И бидејќи никој тоа не би го сторил тоа подобро од тебе, уреди ти сè што треба, повикај дами кои мислиш и прими ги како да си овдека господарка. По свадбата можеш да си одиш дома.
Макар што тие зборови беа остри ножеви забодени во срцето на Гризелда, зашто не можеше да се откаже од љубовта кон него, како што се откажа од среќата, одговори:
- Господаре мој, готова сум да постапам по вашата земја.
Тука во својата проста и груба облека влезе во куќата од која неодамна излезе само по кошула, па почна да ги чисти и да ги суредува собите и со помошта на слугите да закачува завеси и да постила килими по салоните, да приготвува сè во кујната и да ги свршува сите работи како да е последна слугинка во куќата. И не се запре дури на намести и суреди сè, како што треба. Тогаш од името на Гвалтиери ги повика сите дами од околината и почна да ја чека свеченоста. А кога дојде денот на свадбата, макар што на неа беа сиромашки алишта, таа отмено и господски, со радосно лице ги прими сите дами што дојдоа.
Меѓутоа, по желбата на Гвалтиери неговите деца беа грижливо воспитани во Болоња кај некоја негова роднина што беше мажена во куќата на грофовите Панаго. Ќерка му беше сторила веќе дванаесет години и по убавина немаше рамна на неа, а момчето имаше шест години. Тој испрати во Болоња порака молејќи го својот роднина да се удостои да дојде со неговата ќерка и синот во Салуцо и да поведе убава придружба, а секому да кажува дека девојката му ја води нему за невеста, но никому да не ја открива вистината. Благородникот стори сè како што го молеше маркизот и тргна на пат, па по неколку дена со девојката и брат и и со убавата придружба дојде токму во време ручек во Салуцо, каде што сите селани, а и многу луѓе од околината ја дочекуваа новата невеста на Гвалтиери. Дамите ја примија и ја одведоа во салонот каде што беа поставени масите, а Гризелда во онаа сиромашка облека и излезе во пресрет зборувајќи:
- Добре дошла, госпоѓо!
Дамите го молеа и го колнеа Гвалтиери да и дозволи на Гризелда да остане во некоја соба или барем да и позајми некој од фустаните што биле нејзини, да не излезе така пред гостите, но попусто. Сите дами седнаа на трпеза и слугите зедоа да ги послужуваат. Девојчето го гледаа сите и сите се сложуваа во тоа дека Гвалтиери добро избрал, а најмногу ја фалеше Гризелда, и неа, и нејзиниот малечок брат.
На Гвалтиери сега му се чинеше дека ја задоволил својата желба и дека наполно се увери во стрпливоста на жена си, па гледајќи дека ништо не може да ја поколеба и дека причината за тоа не е глупавост, зашто знаеше дека е умна, се реши да ја ослободи од горчината за која наслутуваше дека ја крие под мирното лице. Затоа ја повика и во присуство на сите ја праша:
- Како ти се допаѓа нашата невеста?
- Господаре, - одговори Гризелда - ми се допаѓа многу, и ако е така умна, како што е убава, а верувам дека е, не се сомневам во тоа дека со неа ќе бидете најсреќниот човек на светот. само ве молам од срце и ве колнам да не ја мачите како што ја мачевте таа што беше некогаш ваша жена зашто не верувам дека би можела да поднесе бидејќи е млада и израсната во богатство, додека првата од детството беше навикната на труд и на мака.
Гледајќи Гвалтиери како таа е цврсто уверена дека довел нова невеста, а сепак зборува само добро за неа, и предложи да седне до него зборувајќи:
- Гризелда, дојде време да примиш награда за твојата долга трпеливост и тие што сметаа дека сум суров, опак и груб, да сфатат дека сето тоа сум го правел со определена цел, да те научам тебе да бидеш добра жена, а нив да знаат да одберат жена, па така да си создадам мир, сè додека да живеам со тебе. Имав страв кога те земав за жена дека нема да биде така. Па за да те искушам, те навредував и те измачував како што знаеш. А сега, кога се уверив дека ни со збор, ни со дело не си сторила ништо што да се противи на мојата волја, мислам дека ти ќе ми го пружиш бараното задоволство, па решив да ти вратам веднаш сè што сум ти одзел во многу денови и со најголема љубов да ја ублажам болката што сум ти ја задал. Затоа, со радосно срце прими ја како мое и твое дете таа за која мислеше дека ми е невеста и нејзиниот брат. Тие се децата, за кои ти, а и други долго веруваа дека сурово сум наредил да се отепаат, а јас сум ти маж што те љуби над сè, и знам дека никој не може да се пофали со својата жена како јас.
Кога го рече тоа, ја прегрна и ја бакна, додека таа плачеше од радост, отидоа до местото каде што седеше ќерка им и сета збунета го слушаше разговорот. Нежно ја прегрна и ја бакна неа и брат и, па така неа и сите други ги изведоа од заблудата. Сите дами зарадувани станаа од масата и со Гризелда отидоа во нејзината соба. Честитајќи и, ја соблекоа од неа сиромашката облека и ја облекоа раскошно; па како дама, а таа изгледаше како таква и во партали, ја одведоа во салонот. Тогаш започна голема веселба и радост, а гозбата и забавата продолжија уште многу дни. Сега сите беа на мислење дека Гвалтиери е умен човек, но дека беа претешки и немилосрдни искушенијата што ги претрпе неговата жена, а сите од ред ја сметаа Гризелда за извонредно умна жена. Грофот Панаго по неколку дни се врати во Болоња, а Гвалтиери го оттргна Џануколе од орачката работа и како свој дедо го доведе во куќата кајшто ја заврши својата старост задоволен и почитуван од сите. Подоцна Гвалтиери одлично ја омажи ќерка си и уште долго живееше среќно со Гризелда и секогаш ја почитуваше многу.
Што би можеле да кажеме уште, ако не тоа, дека и во сиромашките колиби небото испраќа возвишени духови, како што и во кралските дворови понекогаш се раѓаат такви што заслужуваат поскоро да чуваат свињи одошто да владеат! Кој друг би можел како Гризелда со мирно и весело лице да ги поднесува страшните и нечуени искушенија што и ги наметнал Гвалтиери? А тој секако би заслужил да наишол на жена што, кога ја истерал само по кошула, да отиде кај друг да и го истресе кожувчето, па не би и недостигнал убав фустан.
Фра Чипола и светиот јаглен

Черталдо е гратче во долината на Вал д`Елза, недалеку од нашиот град. Макар што тоа беше мало гратче, некогаш во него живееја благородници и имотни граѓани. Бидејќи таму имаше добра жетва, редовно секоја година по еднаш идеше по некој калуѓер од редот на свети Антонио, да собира милостина што му ја даваа будалите. Тој калуѓер се викаше фра Чипола и во Черталдо го сакаа поради неговата набожност, а и поради неговото име (чипола на италијански значи кромид), зашто во тој град расте кромид познат низ цела Тоскана. Брат Чипола беше низок човек, црвенокос, со ведро и румено лице, и многу весел. Макар што прост, беше извонреден и итар говорник, па секој што не го познаваше, го сметаше не само за голем говорник, туку за некој Тулиј или можеби Квинтилијан. Освен тоа на сите во тој крај им беше кум и пријател или барем драг познат.
По својот обичај пристигна таму еднаш во месец август, па во некоја недела изутрина, кога сиот народ од околните села се собрал во жупната црква, во згоден час излезе пред нив и рече:
- Браќа и сестри, како што знаете, вие имате обичај секое лето да им испратите на сиромасите на нашиот господар свети Антонио, пченица и друго жито, кој повеќе кој помалку, според своите можности на набожност за да ви ги чува пречесниот свети Антонио воловите, магарињата, овците и прасињата. Притоа уште имавте обичај да платите малку нешто и во пари, што се плаќа секоја година, а тоа особено тие што се запишани во нашето братство. Мојот старешина, господин опатот, ме испрати да го приберам тоа. Затоа, со благослов божји, по девет часот, кога ќе заѕвонат ѕвончињата, елате вака пред црква, кајшто обично ќе ја слушате мојата проповед и ќе целивате крст. Освен тоа, (бидејќи знам дека сите го почитувате нашиот господар, свети Антонио) ќе ви покажам како особена милост една пресвета и чудесна реликвија што сум ја донел некогаш од света земја, отаде морето. А тоа ви е пердушка од крилото на арханѓелот Гаврил што му паднало во собата на пресвета Богородица кога бил во Назарет да и каже за безгрешното зачнување.
Така им кажа, па продолжи да ја служи службата. Додека Фра Чипола го зборуваше тоа, меѓу другите во црквата имаше двајца мошне препредени младичи, едниот се викаше Џовани дел Брагониела, а другиот Браџо Пицини. Тие се насмеаја во себе на светите мошти на Фра Чипола, па се договорија како да го насамарат со таа пердушка, макар што му беа пријатели и се дружеа со него. Разбраа дека Фра Чипола ќе руча тој ден во градот кај некој свој пријател, и штом слушнаа дека е на трпеза, излегоа и отидоа во гостилницата кај што беше отседнат Фра Чипола, со намера Бјаџо да го залаже со разговор момокот на Фра Чипола, а Џовани за тоа време да ја побара пердушката меѓу предметите на калуѓерот, па да му ја украде за да видат како тогаш калуѓерот ќе се извлече пред народот.
Фра Чипола имаше слуга кого едни го викаа Гучо Китот, други Гучо Извалканиот, а некои Гучо Прасето, а беше толку лош што ни самиот Липо Топо не му беше рамен. Често пати Фра Чипола се шегуваше на сметка на тој свој слуга велејќи:
- Мојот слуга има девет такви својства што само едно од нив би моѓело да ги потемни сета крепост, ум и светост дури и на Соломона, Аристотела или на Сенека. Замислете сега каков е тој човек во кој нема ни трошка крепост, ни мудрост, ни светост, а има девет својства. - А кога го прашаа кои се тие девет својства, тој им одговараше во стих:
- Еве ќе ви кажам: груб, извалкан, лажлив, заборавлив, презборува, притоа мрзлив, непослушен, недоделкан и кај што ќе стигне, сè сплетки прави. Освен тоа има и некои други поситни мани, а што е најсмешно од сè, во кое место да дојдеме, сака да се жени и да изнајми куќичка. И си замислува дека со онаа бујна, црна, маслена брада е толку убав и мил ерген, што ниедна жена не може да му одолее. А да го пуштиш, би летал по сите дури да го испружи јазикот. Вистина, имам голема помош од него, зашто никогаш не се случува некој да сака да ми соопшти нешто скришно, а тој да не присуствува; ако пак ме праша некој нешто, толку се плаши дека јас нема да знам да одговорам, што брзо одговара „да“ или „не“, како веќе сам што ќе помисли дека треба.
Ете на таков момок, оставајќи го во гостилницата, Фра Чипола му наредил будно да пази да не фети некој нешто, а посебно да ги чува неговите бисаги зашто во нив му се светите предмети. Но на Гуча Извалканиот повеќе му беше мила кујната одошто на славеј зелено гранче, а особено ако надуши таму некое слугинче. Бидејќи во крчмаровата кујна здогледа една кусичка, тркалезна и со две дојки како две кочници за ѓубре, а грда како да е од куќата на Баронци, и уште сета испотена, маслена и исчадена, тој го остави багажот на Фра Чипола и како јастреб на мрша, така се слета во кујната. Макар што беше август, седна до огништето и со девојката, Нута се викаше, заврза долги разговори, кажувајќи и како е тој благородник со напишана грамота, како има флорини како дожд, и да не ги брои тие што ги должи, а ги повеќе одошто помалку, и дека тој знае и разбира многу нешто, толку што е тоа домине пуре укванкве. И покрај својата цуцулка, толку маслена што со маста би можела да запржи манџа во голем котел за сиромасите во Алтопашо, и во својот искрпен и ветов елек што околу вратот и под мишки светеше од пот и беше украсен со толку дамки и шарки, какви што нема ни на татарските ни на индиските ткаенини, потоа со искинатите опинци и распараните бечви, и кажа како да е Сири од Кастиљоне, дека ќе ја облече убаво и ќе ја дотера. Потоа ќе ја спаси од сиромаштијата и од служењето на туѓи луѓе и дека, иако таа нема ништо свое, ќе и го покаже патот во поубава иднина, и уште такви редица глупости и надроби, што сето, макар што кажуваше љубезно, го однесе ветрот и се изјалови како и сите негови ветувања.
Така двајцата младичи го најдоа Гуча Прасето зафатен со Нута. Задоволни со тоа, зашто работата сега им беше наполу полесна, бидејќи никој не им пречеше, влегоа во собата на Фра Чипола што ја најдоа отклучена. Прво што им падна в раце барајќи, беа бисагите во кои беше перото. Го отворија и најдоа ковчеже добро завиткано во свилена ткаенина, а во неа перо од опашка на папагал, па се досетија дека тоа ќе е перото што вети да им го покаже на жителите на Черталдо. И тој навистина лесно можеше да го измами светот со тоа перо, зашто во тоа време во Тоскана беше дошол од Мисир само мал дел од оној раскош што подоцна изобилно идеше ваму на несреќа на цела Италија. А понекаде ако и знаеше некој нешто, на народот од тој крај им беше сосема непознато. Уште повеќе, во тој крај владееше простичката чесност на нивните претци, па не само не беа виделе никогаш папагал, туку никој на далеку и на широко не чул ништо за него.
Младичите среќни дека го нашле перото, го зедоа и за да не го остават празно ковчежето, го наполнија со јаглен што го најдоа во аголот на собата. Го затворија ковчежето, сè доведоа в ред како што беа нашле, па си отидоа незабележани со перото и зедоа весело да чекаат што ќе прави Фра Чипола кога место перото ќе најде јаглен.
Припростиот народ што се најде во црквата, кога разбра дека по девет часот ќе го види перото од архангелот Гаврил, се врати по свршената служба дома, и од сосед до сосед, од кума до кума се разгласи веста по селото.
....
(пред собраниот народ Фра Чипола) Прво очита некои молитвички во слава и чест на архангел Гаврил и светите мошти, тогаш го отвори ковчежето и кога виде, тоа беше полно со јаглен. Тој не се посомнева дека тоа му го направил Кучо Китот, зашто знаеше дека не способен за тоа, не го проколна дека слабо пазел друг некој да не му го направи тоа, туку во себе опцу тивко дека нему му поверил да ги чува бисагите знаејќи го колку е негрижлив, глупав, лажлив и заборавлив. Ни бојата на лицето не му се смени заради тоа, туку подигнувајќи ги погледот и рацете кон небото, гласно извика:
- О, боже, нека е вечна слава на твојата семоќност!
Потоа го затвори ковчежето и обрнувајќи му се на народот, продолжи:
- Браќа и сестри, треба да знаете дека мојот старешина, додека бев уште многу млад ме испрати во земјите откаде што изгрева сонцето со особена наредба дотогаш да барам Порчелански повластици, додека не ги најдам; тие макар што не вредат ништо, многу им се покорисни на други одошто нам. Затоа тргнав по патот на Венеција, минав преку Борга де Гречи, па отидов во Гарапското кралство и преку Балдака стигнав во Парионе, а оттаму, заѓеднет мошне, по кратко време стигнав во Сардинија. Но зошто да ви ги спомнувам сите тие градови и земји што сум ги минал барајќи? Пребродувајќи го ракавот Сан Џорџо, пристигнав во Труфија и Буфија, земји многу населени со моќни народи. Оттука тргнав во земјата Лагарија каде што најдов многу наши калуѓери, а доста и од другите редови што ја избегнуваа немаштијата бога ради, малку се грижеа за туѓиот труд, се грижеа само за своја полза и по сите тие земји трошеа само нековани пари. Тогаш минав во земјата Абруци каде што и машко и женско со цокули се качуваа по планините, а прасињата ги облекуваат во цревата. Малку понатаму најдов народ што го носи лебот на ластегарки, а виното во вреќи. Оттаму стигнав до Црвливите планини каде што сите води течет надолу. Накратко, патував толку далеку што стигнав, мили мои, до Индија нечистата каде што видов, ви се колнам во облеката што ја носам, како летаат перја, кое навистина тешко ќе го поверува тој што не видел. А дека не ве лажам, сведок ми е Мазо дел Саџо кого таму го најдов како голем трговец; кршеше ореви и ги продаваше лушпите на мало. Бидејќи не можев да најдам тоа што барав, бидејќи натаму се патува по море, се вратив и на враќање до овие свети земји каде што лете продаваат студено јадење за четири пари, а топло за бадијала. Таму го најдов пречесниот отец Повели Неколниме, многупочитуван ерусалимски патријарх. Од почит кон облеката на нашиот господар свети Антонио, што секогаш ја носам, сакаше да ми ги покаже сите реликвии што ги имаше кај себа, а ги имаше толку што би ми требале неколку милји кога би сакал да ви ги набројам сите и уште би ми било малку. Прво ми го покажа прстот на светиот дух, зрав и цел, каков што некогаш бил, потоа парче од косата на серафимот што му се прикажал на свети Фрањо, потоа еден нокот од херувим, едно од ребрата на зборот што станал дело, и облеката на светата Вера Католичка, и неколку зрака од ѕвездата што им се покажала на тројцата мудреци од Исток; и канче со потта што го облеала св.Михаила кога се борел со сатаната, и вилицата на смртта на свети Лазар и уште триста чуда и други светињи. А кога доброволно му дадов опис на брдото Монте Морело на народен јазик и препис од Капрецио што ги барал веќе доста долго, ме направи ортак на своите свети мошти, и од своја страна ми подари еден заб од светиот Крст и во канче малку од звукот на ѕвоното од Соломоновиот храм и перото на арханѓел Гаврил за кое веќе ви зборував, цокулата на свети Герардо Виламањски. Неа неодамна ја подарив на неговиот голем почитувач Герардо ди Бонси од Фиренца; и уште ми даде нешто јаглен на кој се печел блажениот маченик св. Лаврентиј. Сите тие светињи ги донесов ваму со мене и побожно ги чував. Навистина, мојот старешина никогаш не ми дозволи да ги покажувам додека не се увери дека се вистински. И сега по некои чудеса што се случија по патријарховите писма се сведочи за нивната вистинитост, па ми дозволи да ги покажам слободно. И јас ги носам сакогаш со мене, плашејќи се да ги поверам некому. Вистина е дака перото на архангел Гаврил го носам во ковчеже да не се оштети, а во друго исто такво ковчеже јагленот на кој се печел свети Лаврентиј, па често се излажувам и го земам едното наместо другото. Ете, тоа ми се случило и овојпат, па мислејќи дека сум го зел тоа со перото, сум го зел тоа со јагленот. Но, не сметам дека е тоа заблуда, дури сум убеден дека е тоа волја божја, и дека сам господ ми го ставил в рака ковчежето со јагленот, зашто сега баш ми текна дека по два дни од денеска е празникот на свети лаврентиј, па сам господ сакал да запалм во вашите срца побожност кон него, покажувајќи ви го јагленот на кој се печел светецот. Не ми дал да го земам перото, како што си мислев, туку благословениот јаглен, угаснат од сокот на пресветото тело. Затоа, деца мои блажени, симнете ги капите и приближете се со скрушено срце ваму за да го видите. Но, најнапред сакам да знаете дека секого што ќе го допрам со овој јаглен во знак на крст, може да биде сигурен дека цела година нема да го допре огин, а да не го сети.
По оваа беседа му запеа химна на свети Лаврентиј, го отвори ковчежето и им го покажа јагленот. Глупавиот народ некое време го гледаше восхитено и побожно, а после нагрнаа како стадо кај Фра Чипола, давајќи му поголеми дарови од обично и молејќи го да ги допре со јагленот. Фра Чипола го зеде јагленот в рака и почна по нивните бели елеци и забани и по забратките на жените да шара толкави крстови колку само што можеше, уверувајќи ги дека подоцна во ковчежето ќе се направи толку јаглен колку што ќе се потроши, како што многупати се уверил во тоа. Така, на своја голема полза го прекрсти сиот народ и со својата досетливост ги насамари тие што, земајќи му го перото, мислеа да го осрамотат него. Младичите беа на проповедта и слушаа како зборуваше и како се извлече од стапицата, па од пуста смеа вилиците скоро им се разглобија. Откако се разотиде народот, дојдоа кај него и во смеа и шега му открија што сториле, а потоа му го вратија неговото перо што идната година му донесе не помала полза одошто дента јагленот.