Старохебрејска литература („Библија“) - прераскажани приказни од Стариот завет

Најзначајно дело од старохебрејската литература е „Библијата“. Таа всушност претставува зборник од религиозни творби создавани во огромен временски период од XII век пред наша ева до II век од наша ера. Оваа литература се создавала на повеќе територии и на јазиците хебрејски (иврит) и јидиш. Библијата се состои од два дела: Стар и Нов завет.
Стариот завет се дели на три дела: Петокнижие (составено од петте книги Мојсиеви), Пророци и Писанија (кое содржи псалми, приказни на цар Соломон, песни - „Песна над песните“). Во Стариот завет е опишано создавањето на светот, начинот на живеење на старите Евреи, нивните верувања, нивните сфаќања на доброто и злото, начинот на однесување итн. Стариот завет е свето писмо на Јудеите (Евреите) и христијаните.
Новиот завет го почитуваат само христијаните. Бил напишан на старогрчки јазик и завршен 364 година. Во него преку четирите Евангелија на: Матеј, Марко, Лука и Јован е прикажано раѓањето, животот, учењата, смртта и воскреснувањето на Исус Христос.

Приказни од Стариот завет:

Создавањето на светот

Во почетокот Бог ги создал небото и земјата. Првиот ден ги создал денот и ноќта, вториот ден - копното и водата, третиот ден - зеленилото и дрвјата, четвртиот - ѕвездите, сонцето и месечината, петтиот - сите животни и во морето и на копното и на небото. Видел дека е добро и шестиот ден рекол: ”Да создадеме човек според нашиот образ и според подобието наше. Тој
ќе владее над сите животни и над целата земја“. Така и сторил. Го направил човекот според својот лик од земја и му вдахнал животен дух. Потоа пред него ги донел сите животни за да им даде имиња и да си избере другар кој
ќе му помага во се. Но, од сите животни таков не се нашол, па Господ му пратил на човекот тврд сон, му земал едно ребро и од него ја создал жената. Оттогаш човекот ги остава своите родители и живее со својата жена, а двајцата стануваат како еден човек. Видел Бог дека е добро тоа што го создал за шест дена, па седмиот го благословил и осветил.

Протерување од рајот

На исток, на посебно место, Господ направил рајска градина, каде течеле реки и растеле дрвја. Меѓу сите убави дрвја имало две посебни: едно - Дрво на животот и друго - Дрво на спознанието. Човекот можел да јаде плодови од сите дрвја, освен од Дрвото на спознанието на доброто и злото. Но, змијата, најитрата од сите животни ја поттикнала љубопитноста кај жената.Таа не можела да издржи и пробала од забранетиот плод, потоа му дала и на мажот. Тогаш се се изменило. Тие станале свесни за својата голотија, а мажот за првпат почувствувал страв од Бога. Биле казнети и протерани од рајот. Мажот со мака да го заработува лебот, жената во маки да раѓа, а змијата вечно да ползи. (Според некои преданија адамовото јаболко - машкиот поизразен пршлен на вратот - се создал кога мажот го пробал забранетиот плод.)

Каин и Авел

Адам и Ева биле првото семејство на земјата. Времето минувало и им се родиле деца. Прво - синот Каин, а потоа Авел. Браќата пораснале и им помагале на родителите. Каин бил земјоделец и работел во полето, а Авел станал овчар. Една многу плодна година тие решиле да му се заблагодарат на Бога и да му принесат дарови. Каин принел од плодовите земни, а Авел едно младо јагне. Се случило Господ милозливо да погледне во дарот на Авел, а на Каиновите дарови речиси и да не погледне. Каин го опфатила силна завист и љубомора. Тој го повикал својот брат во полето и го убил. Кога видел Господ што направил Каин, го протерал да биде скитник по земјата, а за никој да не го убие му ставил знак на челото. Тоа било првото братоубиство.

Ковчегот на Ное

Минале многу години и столетија. Животот на земјата продолжувал, но луѓето почнале се повеќе да се оддалечуваат од Бога и да прават се полоши работи. Сепак на земјата имало еден човек кој се разликувал од другите, кој бил праведен и се викал Ное. Бог склучил сојуз со него. Му кажал дека ќе ја потопи целата земја и ќе го уништи животот на неа зашто се исполнила со зло. Ное требал да направи за себе еден огромен кораб - ковчег каде ќе го смести целото семејство и по еден чифт од сите животни и птици и голема резерва храна. Ное направил како што му заповедал Господ и тогаш започнале големите дождови кои траеле 40 дена и 40 ноќи и ја потопиле целата земја. Откако изминале тие дни, ковчегот пловел уште многу време. По 40 дена Ное пуштил гавран кој одлетувал и долетувал додека не се појавило копното. Потоа тој пуштил гулаб, но тој не нашол сува земја и се вратил. По 7 дена кога Ное повторно го пуштил гулабот, тој се вратил со маслиново гранче во клунот. Ное излегол од коработ и му принел жртви на Бога за благодарност. Тогаш Господ рекол дека повеќе нема да ја уништува земјата со потоп и како завет за кажаното го направил божилакот (виножитото). Од тогаш божилакот е знак за сојузот меѓу земјата и Господ.

Вавилонската кула

Минале векови, луѓето се расселиле по целата земја, но зборувале на ист јазик. Тогаш тие решиле да создадат нешто големо, да си изградат град и во него огрмна кула, висока до небото, за да си го овековечат името и да бидат поблиску до Бога. Но, Господ им ги измешал јазиците за да не се разбираат еден со друг, па не можеле да ја довршат својата градба. Луѓето ги растурил по целата земја. На градот му дале име Вавилон.

„Песна над песните“ од „Библијата“


1. Соломоновата Песна над песните


2 Бакни ме со бакнеж на својата уста, твојата љубов е послатка од вино.

3 Мирис на најдобрите мириси, твоето име е разлеано масло, затоа те љубат девиците.

4 Повлечи ме по себе, да бегаме! Царот ме воведе во своите соби. Ќе се веселиме и ќе се радуваме заради тебе, ќе ја славиме твојата љубов повеќе од виното; достојно е да те љубат!

5 Ерусалимски ќерки, црна сум, но убава, како кедровите шатори, како Соломоновите завеси.

6 Не гледајте дека сум поцрнета, зашто сонцето ме опали. Синовите на мајка ми се разгневија на мене, ме поставија да ги чувам лозјата; а моето лозје, не го чував.

7 Кажи ми ти, кого го љуби мојата душа: каде пасеш? Каде одмараш на пладне? за да не скитам, барајќи те, околу стадата на твоите другари!

8 Ако не го знаеш тоа, о, најпрекрасна меѓу жените, излези и следи ги трагите на стадата, и паси ги твоите јариња околу пастирските шатори.

9 Те споредувам со коњите во фараоновите коли, моја возљубена.

10 Прекрасни се твоите образи меѓу ушниците; твојот врат со ѓерданите;

11 Ќе направиме златни обетки, за тебе, со сребрени приврзоци.

12 Додека царот се одморува на своите постели, мојот нард мириса.

13 Мојот возљубен е како страк смирна, што почива меѓу моите гради.

14 Мојот возљубен е како кипров грозд од енгадските лозја.

15 О, ти си прекрасна, моја возљубена; колку си убава! имаш очи како гулабица.

16 О, ти си прекрасен, мој возљубен, и љубезен! Зеленилото е наша постела.

17 Кедрите се греди на нашите куќи, а кипарисите покрив.

2.

1 Јас сум саронски цвет, лилјан во долина!

2 Што е лилјанот меѓу трњето, тоа е мојата возљубена меѓу девиците.

3 Што е јаболкницата сред горските дрва, тоа е мојот возљубен меѓу младите. Сакам да седам во нејзината сенка; а нејзините плодови му се слатки на моето грло.

4 Ме воведе во собите на виното и ме покри со знамето на љубовта.

5 Поткрепете ме со колачиња, освежете ме со јаболка, зашто јас сум изнемоштена од љубов.

6 Неговата лева рака ми е под главата, а со десната ме прегрнува.

7 Ве заколнувам, ерусалимски ќерки, во полските срни и елени, не ја будете и не ја тревожете мојата љубов, додека самата не посака.

8 Гласот на мојот возљубен! ете го, доаѓа, прелетува преку гори, прескокнува брегови.

9 Мојот возљубен е како срна, тој е како еленче. Ете, тој стои зад нашиот ѕид; гледа низ прозорците, наѕира низ решетките.

10 Мојот возљубен почнува да ми зборува: „Стани, моја возљубена, убавице моја, и дојди!

11 Зашто, ете, зимата веќе помина, дождот замина и прекрати.

12 Цвеќињата се покажуваат по земјата, дојде време за пеење; и грличиниот глас се слуша во нашиот крај.

13 Смоквата ги исфрли првите плодови, лозјето мириса во цветање. Стани, моја возљубена, убавице моја, и дојди!

14 Гулабице моја, во каменливи пештери, во стрмните и карпести засолништа! дај да ти го видам лицето и да ти го чујам гласот; зашто твојот глас е милозвучен, а твоето лице е прекрасно!”

15 Ловете ги лисиците, малите лисици, што ги оштетуваат лозјата, нашите лозја во цутењето.

16 Мојот возљубен ми припаѓа мене, а јас нему; тој пасе меѓу лилјаните.

17 Пред денот да издивне и пред да се спуштат сенките, врати се, возљубен мој: биди лесен како срна, како срниче на гората Бетер.

3.

1 Во своето легло, во ноќите, го барав оној, кого го љуби мојата душа; го барав, но не го најдов.

2 И така, ќе станам и ќе го оптрчам градот, по улиците и раскрсниците, ќе го барам оној, кого го љуби мојата душа: го барав, но не го најдов.

3 Ме сретнаа стражарите, кои го обиколуваат градот: „Дали го видовте оној, кого го љуби мојата душа?”

4 Туку што тргнав од нив, го најдов оној, кого го љуби мојата душа. Го фатив и нема да го пуштам, додека не го воведам во домот на мојата мајка, во спалната на мојата родителка.

5 Ве заколнувам, ерусалимски ќерки, во полските срни и елени, не ја будете и не ја тревожете мојата возљубена, додека самата не посака!

6 Што се дига тоа од пустината како столб од дим, од кадењето на смирната и темјанот и на сите милномирисни правови?

7 Ете, тоа е Соломоновата носилка, околу неа, шеесет стројни момчиња, од најсилните во Израел!

8 Сите се вешти со мечевите, обучени се за војна; секому мечот му е на бедрото, заради ноќните опасности.

9 Царот Соломон си направи престол за себе од ливанско дрво.

10 Ги направи неговите столпчиња од сребро, потпирачите за лакти од злато; седиштето од црвено сукно; сè е украсено внатре, со љубовта на ерусалимските ќерки.

11 Излезете, сионски ќерки, и видете го царот Соломон со венецот, со кој го овенча неговата мајка, во денот на неговата свадба, во денот на радоста на неговото срце.

4.

1 Колку си убава, моја возљубена, Колку си прекрасна! Имаш очи како гулабица, под твојот превез; косата ти е како стадо кози, што слегуваат од гората Галад.

2 Забите ти се како стадо на остригани овци, кога се враќаат од капење: одат две по две како близначки и ниедна не е осамена.

3 Твоите усни се како лента од црвено предено и твоите зборови се љубезни; твоите образи се како калинкини половинки, под твојот превез.

4 Вратот ти е како Давидова кула изградена за одбрана: илјада штитови висат во неа, сè јуначки оклопи.

5 Твоите две гради, како две срничиња, близначиња, што пасат меѓу лилјаните.

6 Пред денот да издивне и пред да се опуштат сенките, ќе тргнам на смирнината гора и на темјановото бреже.

7 Целата си прекрасна, возљубена моја, и нема недостаток на тебе!

8 Дојди со мене од Ливан, невесто! Дојди со мене од Ливан! Слези од врвот на Аман, од лавските пештери, од горите на рисовите!

9 Срцето ми го плени, сестро моја, невесто; срцето ми го плени само со еден твој поглед, само со еден бисер од твојот ѓердан.

10 Колку е слатка твојата љубов, сестро моја, невесто! Твојата љубов е послатка од виното, а мирисот на твоите масла е попријатен од сите мириси.

11 Саќин мед капе од твоите усни, невесто, мед и млеко се под твојот јазик, а мирисот на твоите облеки е како ливански мирис.

12 Ти си затворена градина - сестро моја, невесто, затворена градина и запечатен кладенец.

13 Твоите подници се калинкина градина, полна со најодбрани плодови: калинка и шафран,

14 мирислива трска и цимет, со сите темјанови стракови, со смирна и алој, со најдобри мириси.

15 Кладенецот е во мојата градина, извор на жива вода што тече од Ливан.

16 Стани: северец! дувни: јужен ветре! Повеј над мојата градина, нека се разнесат нејзините мириси. Мојот возљубен нека дојде во својата градина, за да ги вкуси нејзините најслатки плодови.

5.

1 Дојдов во мојата градина, сестро моја, невесто, ги берам мојата смирна и моите мириси, ги јадам мојот мед и моите саќи, ги пијам моето вино и моето млеко. Јадете, пријатели, пијте и наситувајте се, возљубени мои!

2 Јас спијам, но моето срце бдее. Одненадеж глас! Мојот возљубен ми потчукнува: „Отвори ми, сестро моја, возљубена моја; гулабице моја, совршена моја; зашто главата ми е полна со роса, а косата со ноќна влага.”

3 „Ја соблеков мојата облека, како да ја облечам? Ги измив нозете, како да ги извалкам пак?”

4 Мојот возљубен ја провна раката низ отворот и сета моја внатрешност се возбуди од него.

5 Станав, за да му отворам на мојот возљубен, а од мојата рака капеше смирна и потече низ прстите на рачката на клучалката.

6 Му отворив на мојот возљубен, а тој веќе се беше оддалечил и исчезнал; останав без здив кога замина. Го барав, но не го најдов, го викав, но не се одѕва.

7 Ме сретнаа стражарите, кои го обиколуваат градот; ме биеја, ме ранија; и ми ја зедоа наметката чуварите на ѕидовите.

8 Ве заколнувам, ерусалимски ќерки, ако го сретнете мојот возљубен, што ќе му речете? Дека јас изнемоштувам од љубов.

9 „Во што е твојот возљубен подобар од другите, о, најлична меѓу жените? Во што е твојот возљубен подобар од другите, па нè заколнуваш така?”

10 Мојот возљубен е бел и румен, повеќе од десет илјади други.

11 Неговата глава е како злато - чисто злато; кадриците од косата, како млади палмини гранчиња, црни како гавран.

12 Неговите очи се како гулаби над поточната вода. Забите му се како измиени со млеко, наредени во рамка.

13 Неговите образи се како леи со мирисливи билки; како благомирисно цвеќе, усните му се лилјани, од кои тече смирна.

14 Рацете му се златно прстење, полно со скапоцености; неговите гради - како извајани од слонова коска, покриена со сафири.

15 Нозете му се столбови од мрамор на златни подножја; растот му е како Ливан, величествен како кедар.

16 Говорот му е сладок и сиот е од љубезност. Таков е мојот возљубен, таков е мојот пријател, ерусалимски ќерки!

6.

1 „Каде отишол твојот возљубен, о, најубава меѓу жените? Каде го снема твојот возљубен, за да го бараме со тебе?”

2 Мојот возљубен слезе во својата градина, при леите со мирисливи билки, да пасе по градините и да собира лилјани.

3 Јас му припаѓам на мојот возљубен, мојот возљубен ми припаѓа мене; тој пасе меѓу лилјаните.

4 Убава си, моја возљубена, како Терса, красна си како Ерусалим, страшна како војска под знамињата.

5 Одврати ги твоите очи од мене, зашто ме збунуваат.

6 Твојата коса е како стадо кози, што слегуваат од Галад. Забите ти се како стадо истригани овци кога доаѓаат од капење: идат две и две како близначки, и ниедна не е осамена.

7 Твоите образи се како калинкини половинки под твојот превез.

8 Има шеесет царици и осумдесет наложници и безброј девици.

9 Но само една е мојата гулабица, мојата совршена единствена на мајката, избраница на својата родителка. Девиците ја видоа и и заблажеваа, а цариците и наложниците ја пофалија.

10 Која е оваа која доаѓа како мугрите што осамнуваат, прекрасна е како месечината, сјајна како сонцето, страшна како војска под знамињата?

11 Слегов низ ореови насади, за да ги видам младите растенија во долината, за да видам дали распупиле лозјата, дали цветаат калинките?

13 „Врати се, врати се, Суламко, врати се за да те гледаме.” Што ќе видите на Суламка, која игра во две дружини?

7.

1 Колку се убави твоите нозе во обувките, кнежевска ќерко! Заобленоста на твоите бедра се како огрлици, дело на рацете на искусен уметник.

2 Папокот ти е тркалезна чаша, што никогаш не е без пијалак; мевот ти е како стог пченица, заграден со лилјани.

3 Твоите две гради се како две срничиња- близначиња на срната.

4 Твојот врат е како столб од слонова коска. Твоите очи се како езерчињата во Есевон, кај Ватравимската Врата. Носот ти е како ливанска стражарница, што гледа кон Дамаск.

5 Твојата глава е како гората Кармил, а косата на главата како црвено сукно, и царот се сплетка во нејзините плетенки.

6 Колку си прекрасна, колку си привлечна, о, највозљубена, меѓу милините!

7 Растот твој е како палма, твоите гради се гроздови.

8 Си реков: ќе се искачам на палмата, да ги дофатам нејзините врвови; а твоите гради ќе бидат како гроздови на лоза; мирисот на твојот здив како јаболка.

9 Твојата уста е како најдобро вино, што тече направо кон мојот возљубен, како што тече низ усните на заспаните.

10 Јас му припаѓам на мојот возљубен, и тој има желба по мене.

11 Дојди, возљубен мој, ќе одиме во полето, ќе ноќеваме во селата.

12 Наутро ќе одиме во лозјата, за да видиме дали распупува лозата, дали се зафаќа грозјето, дали расцветаа калинките? Таму ќе му ја дадам мојата љубов.

13 Калинките шират мирис, во нашите куќи има секакви овошки: нови и стари, за тебе ги чував, о највозљубен мој!

8.

1 О, да си ми брат, да ги цицаше градите на мојата мајка! Тогаш, сретнувајќи те на улица, ќе те пољубев и никој немаше да ме осуди за тоа.

2 Би те повела и би те вовела во домот на мајка ми; ти би ме учел, а јас би те поела со најдобро вино и со сок од калинки.

3 Неговата лева рака ми е под главата, а со десната ме прегрнува.

4 Ве заколнувам, ерусалимски ќерки, не будете ја и не тревожете ја мојата возљубена, додека самата не посака!

5 Која е таа што доаѓа од пустината, потпрена врз својот возљубен? Те разбудив под јаболкницата, каде те роди мајка ти, каде твојата родителка те донесе на свет.

6 Стави ме како знак на срце, како печат на твојата рака; зашто љубовта е силна како смртта, а љубомората е цврста како гроб. Нејзиниот жар е жар на огнот, нејзините пламења, Господови пламења.

7 Големи води не можат да ја угаснат љубовта, ниту реките да ја потопат. Да го дава некој за љубовта сето богатство на својот дом, тој би навлекол презир врз себе.

8 Имаме мала сестра, која уште нема гради; што ќе правиме со нашата сестра, кога ќе стане збор за неа?

9 Ако биде како ѕид, ќе изградиме врз него сребрен дворец; ако биде како врата, ќе ја обложиме со кедрови даски.

10 Јас сум ѕид и моите гради се стражарници, затоа јас ќе бидам во неговите очи, како онаа што достигнала до полнота.

11 Соломон има лозје во Вал Амон; им го даде на чуварите и секој треба да донесе за неговите плодови илјада сребреници.

12 Моето лозје е пред мене: а Соломоне, за тебе илјада, а двеста на оние што ги чуваат плодовите.

13 О ти, која живееш во градините, другарите го слушаат твојот глас, дај и јас да го чујам.

14 Побрзај, возљубен мој; биди како срна и како еленче во мирисливите гори!


Не сакам да бидам против религијата и христијанството, ама навистина не можам да сфатам зошто најубавата љубовна песна - „Песната над песните“ христијаните мора да ја толкуваат на религиозен начин? Каде е тука љубовта кон Бога? Каде ја пронајдоа алегоријата, метафората? Па ова е толку проста и страстна љубовна песна - за неиздржливата љубов што ја чувствуваат двајца - црната жена и белиот маж, што нема место за љубов кон нешто друго... Да, ако ја сфаќаме љубовта како дар од Бога, тогаш се сложувам, но не и само љубов кон Бога... зашто тука се воспева убавината на жената и убавината на мажот и нивната меѓусебна привлечност, телесна привлечност, страст...

„Бели мугри“ - Кочо Рацин

            Денови

            Како на вратот ѓердани
            ниски камења студени,
            така на плешки денови
            легнале та натежнале

            Денови ли се — денови
            аргатски маки големи!

            Стани си утре порано
            дојди си вечер подоцна,
            наутро радост понеси
            навечер тага донеси —

            ај пуст да е, пуст да би
            останал живот кучешки!

            Роди се човек — роб биди
            роди се човек — скот умри
            скотски цел живот работи
            за други, туѓи имоти.

            За туѓи бели дворови,
            копај си црни гробови!

            За себе само ’ргај си
            за себе маки тргај си —
            нижи си ѓердан денови
            нижи си алки ковани,

            нижи си синџир железен
            околу вратот навезен!

            На почетокот од песната, преку компарација, поетот ги опишува тешките аргатски денови. Тие се толку мачни - како ѓердан од камења постојано висат на вратот од аргатот.
            Во продолжение, Рацин ги опишува аргатските денови, долги, неиздржливи, денови што започнуваат со надеж дека нешто ќе се смени, но завршуваат со истата тага и очај дека ништо не се сменило. Употребувајќи го контрастот (наутро радост понеси - навечер тага донеси) тој го засилува чувството на безнадежност. И уште повеќе: со метафората живот кучешки го завршува овој дел.
            Врвот на незадоволството и деградацијата на наемните работници е претставена во третиот дел од песната. Аргатите се принудени да работат за друг за да преживеат. Тие повеќе не се слободни луѓе, туку се робови на експлоататорите кои им плаќаат толку малку, колку да сврзат крај со крај. Повторно употребувајќи го контрастот (бели дворови - црни гробови) ја потенцира огромната социјална разлика (некој може да живее раскошно, а за другите гробот е доволен).
            Во завршните стихови, во исчекување на барем малку оптимизам - го дочекуваме крајниот безизлез. Поетот го прикажува постојаното, трајно страдање на аргатите кои до крајот на својот живот ќе си го нижат ѓерданот од тешки денови. Метафорично го претставува како железен синџир од алки ковани.
            Освен наведените стилски фигури, поетот употребува епитети (камења студени, маки големи, живот кучешки, скотски живот, бели дворови, црни гробови, синџир железен); како и анафора (повторување на исти зборови на почетокот од стихот - роди се..., за себе...,нижи си...). Според мотивот (аргатски), песната е под директно влијание на народната поезија. Со бавен ритам и патетичен тон се искажани елегичните чувства за тешкиот живот на македонскиот народ.
            Песната ја сочинуваат осум строфи и тоа четири со по четири стиха (катрени) и четири со по два стиха (дистих). Стихот е осмерец и не е римуван (бели стихови).

            Тутуноберачите

            На кантар студен со туч го мерат
            а можат ли да го измерат,
            нашиов тутун — нашава мака
            нашава солена пот!

            Од темни зори на утрини летни
            до никоја доба на вечери зимни
            тој гладно пие тагата наша
            и потта и крвта и снагата ни.
            Жолт — жолти прави лицата бледни
            и жолта гостинка у градите носи.

            По утрини росни, по мугрите пресни,
            наведени ничкум по полињата родни
            Зачмаени ние го береме.
            Лист по лист кини,
            лист по лист нижи,
            лист по лист превртуј, притискај,
            лист по лист милно, таговно реди
            и на долга низа од капки пот
            и надеж со клетва и зелена јад,
            со коров поглед на очите матни
            по кревките лисја жолтозлатни
            прикаска горка на живот клет
            нанижи безгласна а така јасна.

            Та не знаеш ли?

            Денот ли дојде тој да се мери —
            мерка му нема, а в градите длаби
            без да се запре, без дно да најде
            не тага а клетва, и в очите матни
            и не сакајќи сама се дига
            фуријата.
            Кантарот носи лисјето златно
            а в гради луто далгите беснат
            на жолтата мака — на жолтиот тутун
            на жолтата пот на рацете ни!

            Вечната македонска мака со тутунот и тутуноберачите Рацин поетски ја преточил во оваа песна.
            На почетокот од песната се прикажани тутуноберачите кои го носат својот тутун на мерење (за откуп), но трудот што е вложен при обработката, никој не може да го плати. Преку реторско прашање поетот ја дава почетната слика на маката и безизлезот.
            Во продолжение го потенцира лошото влијание на тутунот врз работниците, нивната работа од утро до мрак и жолтата болест (туберкулозата) која тутунот ја носи поради нивната незаштитеност. Поетската силина во овој дел е постигната со персонификација на тутунот (оживување) — тој ја пие тагата и животот. Покрај тоа, со инверзија и полисиндетон (нижење на сврзници) тој уште повеќе го засилува страшното влијание на тутунот (и потта и крвта и снагата ни).
            Описот на работата на тутуноберачите е најубавиот дел од песната. Поетот со спокоен тон ја раскажува приказната за листот и неговиот пат, за работниците кои својот живот му го посветиле нему и ропски му се предале. Со употреба на анафората се постигнува силниот впечаток на доминација на листот — тој е главниот носител на преживувањето (заработка), но и на маката и смртта.
            Во продолжение, кога доаѓа моментот на откуп, веќе спомнат на почетокот од песната — трудот, маката, деноноќната работа, болеста, замагленоста на очите — никој не може да ја плати.
            Песната завршува како и „Денови“, без надеж дека нешто ќе се подобри. Се чувствува само маката и тивкиот револт на тутуноберачот и неговата помиреност со судбината. Горчливоста на животот речиси ја чувствуваме и гледаме преку жолтата боја која е доминантна во песната. Жолти се листовите, тутунот, жолти се лицата, жолта е гостинката во гради, жолта е маката и жолта е потта.
            Песната не е организирана во строфи, туку во слободни делови со нерамномерен број стихови.

            Балади

            Балади се: „Ленка“, можеби најпознатата, антологиската песна на Рацин и  „Балада за непознатиот“.
            Баладата за девојката Ленка, Рацин ја започнува директно, концизно и јасно, со принуденоста на девојката да го остави подготвувањето на својот чеиз и поради сиромаштијата да оди и да работи во монополот. Таа мачна работа не е за девојки и таа веднаш се изменила во ликот и се разболела.
            Во вториот дел, поетот револтирано извикува дека Ленка не требала да оди и да работи, бидејќи тутунот е отров кој за таквото нежно и младо суштество ќе биде кобен.
            Преку градација, во третата строфа, со многу стегнат израз, само во шест стиха, поетот успева да ни ја претстави нејзината трагедија. Нејзината болест (грутка в срце), нејзината претсмртна мака (болест ја в гради искина) и нејзината смрт (земјата покри снагата). Во тие услови толку вреди човековиот живот — шест стиха!
            На крајот, поетот не може да не ја изрази својата тага за залудно загубениот живот, за неоствареноста на девојчините соништа, да се омажи и да создаде семејство.

            Ленка

            „Билјана платно белеше...“

            Откако Ленка остави
            кошула тенка ленена
            недовезена на разбој
            и на наломи отиде
            тутун да реди в монопол -
            лицето и се измени
            веѓи паднаја надолу
            и усти свија кораво.

            Не беше Ленка родена
            за тија пусти тутуни!
            Тутуни — жолти отрови
            за гради — китки розови.

            Прва година помина
            грутка в срцето и легна,
            втора година намина
            болест ја в гради искина.
            Трета година земјата
            на Ленка покри снагата.

            И ноќе кога месечко
            гроб и со свила виеше.
            Ветерчок тихо над неа
            жална и тага рееше:
            „Зошто ми, зошто остана
            кошула недоткаена?
            Кошула беше даровна...“

           
            Мотив за пропаднатите занаети

            Со мотивот на пропаднатите занаети, Рацин се преокупира во циклусот песни „На Струга дуќан да имам“. Циклусот содржи седум песни кои може да се поделат на два дела: првите - во кои се искажува тагата заради пропаднатите занаети; и вторите - во кои се искажува револтот против капиталистичкото општество.
            Циклусот, жанровски го определуваме како елегија, во која се искажува носталгијата по некогашниот чаршиски живот, љубовта меѓу луѓето, љубовта кон саканата и желба за враќање на старите времиња.

            Експресионистичко - револуционерен мотив

            Разочараноста на поетот од животот на работниците во капиталистички услови е основен мотив во целата збирка песни. Тој речиси во сите песни се помирува со таквиот живот, односно само ја потенцира тешкотијата без да даде предлог како тој живот да се подобри. Единствено во песната „Копачите“, поетот јасно повикува на борба против таквиот живот (револуција).

            Копачите

            Се к’ти ноќта црна!
            Се рути карпа — мрак!
            И петли в село пеат
            и зората се зори —
            над карпа в крв се мие
            и темнината пие
            силно
            светнал
            ден!
            Пробудете се морни
            копачки и копачи —
            на трудот
            црн
            народ!

            Со мотика на рамо
            за корка сува леб,
            по патиштата стрмни,
            по полињата рамни,
            у вивналиов ден
            да тргнеме и ние
            страдалници од век!
            . . . . . . . . . . . . . . . . .

            Да прокопаме меко
            полињата родни
            афион, тутун, житце
            да родат благородни.

            И по кривите вади
            да пропуштиме води
            за оризите млади
            и зелени лободи.

            На работа!
            На труд!
            . . . . . . . . . . . . . . . . .
            . . . . . . . . . . . . . . . . .

            Та не сме саде ние
            та не сме саде тука —
            ние сме по цел свет
            безбројни
            милиони,
            на трудот
            црн —
            народ!

            Да биде честит денот
            и првата ни стапка
            у првиот ни век!
            Ќе мине силен ек
            Ќе б’сне сонце златно —
            по секаде на светот
            ќе згине срамно гнетот —
            ќе л’сне живот нов!

            И реки ќе потечат
            и бреме ќе одвлечат
            на вековите смрт!

            Реките од живи
            и пробудени сили
            на копачи
            копачки
            и страдни
            голи
            гладни
            по целата земја!

            Се к’ти ноќта црна!
            Се рути карпа — мрак!
            И петли в село пеат
            и зората се зори —
            над карпа в крв се мие
            и темнината пие
            силно
            светнал
            ден!
            Пробудете се морни
            копачки и копачи —
            на трудот
            црн
            народ!

            Уште на почетокот од песната, поетот со извична интонација ги повикува работниците (копачките и копачите) да тргнат во новиот ден кој силно ќе светне (слободата). Тој ги повикува да се разбудат, да ја кренат главата од ропството во кое се наоѓаат и самите да си го создадат подобриот живот.
            Во продолжение го опишува мизерниот живот на работниците, нивните страдања и работа од утро до мрак за да преживеат. Поетското јас почнува да се поистоветува со работниците (пее во 1л. множина), тој е подготвен да им се придружи во борбата. Симболично, преку работата на копачите е претставена борбата и револуцијата (Да прокопаме меко / полињата родни) - тие треба да го сменат општествениот поредок за да живеат човечки.
            Повикот за борба е содржан во стиховите: на работа, на труд! што го повторува трипати како рефрен за да ја потенцира неопходноста од револуција, која поетот ја сфаќа сериозно и сеопфатно. Тој  мисли на светска револуција, на револуција против сите експлоататори (Та не сме саде ние / та не сме саде тука).
            Песната, за разлика од претходните, завршува оптимистички, односно со надеж за подобар живот.
            На крајот, поетот је повторува првата строфа за да ја искаже својата увереност, а и уште еднаш да поттикне и да нагласи дека времето за револуција е дојдено.

 

„Робии“ од Венко Марковски

Заробен во концентрационот логор Ени-Ќој во текот на 1942 година, младиот поет Венко Марковски го пишува македонскиот еп „Робии“. Задоен со идеите на комунизмот, со идеите за рамноправност на сите балкански народи, како и со надежта за конечното ослободување на Македонија од сите ропства, тој го ткае епот во осмерец, во духот на народната македонска епска песна.
На почетокот, со бавен ритам, стариот дедо Каме (цврст како камен), ги повикува своите внуци за да им го остави својот завет пред смртта. Ги бара пушката мартинка, палата змиичка и пиштолот чарклија уште еднаш да ги погали и да ги остави во наследство: на Васил пушката, на Огнен пиштолот, на Илија палата, а на внуката Невена – срцето, и приказните од минатото кои ќе ги раскаже и кои таа треба да ги зачува и прераскаже на своите деца и внуци.
Епот е поделен на четири дела, на четири робии, во кои почнувајќи од турското ропство и ајдутското движење, преку расцепувањето на Македонија и состојбата на Македонците во Грција, па српското господарење и Втората светска војна со бугарските фашисти – е прераскажана целата понова историја на македонскиот народ. Многу љубов кон татковината, многу патриотизам, болка заради постојаните ропства во минатото, но и голема надеж во иднината се проткаени во целиот еп.

Прва робија

Каме со раскажувањето започнува од својата младост, кога на 16 години единствен род му е планината заштитничка, зашто од мал бил сирак. Рано созреан, се почувствувал како на крстопат, кој пат да го одбере? Дали да се школува и ожени, да се смири како домаќин в село, или да го следи патот на татка си и да им се придружи на комитите. Младиот и ведар овчар Стојан се чуди што Каме е нерасположен и го прашува за неговите грижи, на што овој му одговара:

„Подигна Каме клепките,
в очи му солза назреа,
издиши гради, разниша,
почна ко старец да реди:
- Стојане, братко, Стојане,
не можам веќе да сеам
младост по карпи змијарник.
Утре ќе слезам на село
при Спира – чорбаџијата,
ќе му фрлам стадото.
Тешко е братко, Стојане,
мило да немаш крај себе,
сакам на книга да учам,
в очи ми солнце да влезе,
мракој ми душа затнале,
ко лисја капат денови,
в гора мени промени,
одново лист ќе потера,
а мојте братко, младини
не ќе ги видам никога. – “

Стојан го одвраќа од намерата, зашто иако премногу млад, Каме е тој што ги собира помладите во гората, им раскажува јуначки приказни и тој е оној што треба да ја направи четата.
Сепак, Каме одлучува да се обиде да ја побара чорбаџиската ќерка Љуба, во која бил љубен, за жена и да учи и работи. Но, чорбаџијата Спиро, кој се дружи со турските аги и во ништо не е поразличен од нив, го исмева и брка од куќата, а на ќерка си и вели:

„ – Дејгиди кучко погана,
куќа ми, кучко, поцрне.
Ајдук ли либе заљуби,
в ошто се, кажи, заслепе?
Дали во голи рамења,
дали во пусти опинци,
или во стапот овчарски?
Да не те веќе затечам
не ќе те село собере. –“

По ова, на Каме не му преостанува друго, освен да оди во гората и да им се приклучи на ајдуците. Отишол во четата на Петре војвода каде бил најмлад, но најпламен. Тука е опишано како се создавани јунаците уште од колевка, уште кога мајките им ги пееле јуначките песни:

„ - Нани ми чедо, заспи ми,
порасни јунак на мајка,
еднаш те мајка родила,
еднаш те сакам да умреш.
Ако ли глава наведеш,
чедо, пред турци јадачи,
камен да синко залулам
сега в твојава колевка.
Јунашка крв ти предавам
носена чедо в зандани,
срце ти в гради насадив,
срце на земја јунашка,
бори се, сине, бори се,
тлеат и гаснат домови,
в окови капат младини,
а пусти-изгор невести,
ко гламји од жал црнеат...
Расни ми, сине, порасни... – “

Се калел Каме ајдутинот со години низ македонските планини, кога имал 20 главата на бегот Сулејман на колец му ја набиле, кога имал 26 се појавил Гоце војвода во Македонија. Со особена љубов е прикажан Гоце Делчев во епот, неговото појавување, влијанието врз народот, итрината (кога преправен се шетал меѓу Турците), неговата храброст, неговите совети да не се брза со востанието. Прикажани се и акциите на гемиџиите, смртта на Гоце и самото Илинденско востание во кое Каме е еден од војводите.
Чувставата на Каме по смртта на Гоце се опишани преку градацијата во стиховите:

„ Прва му кама забија,
кога го овчар пратиа
и го од златно видело
еднаш за навек тргнаа.
Втора му кама удрија
кога ја Спиро продаде
Љуба во село далечно
на човек в двојни години.
Трета му кама душманот
забоде в срце длабоко
кога го Делче прониза.

Првата кама извади
дружина кога поведе,
втората кама заглувна
кога се фрли на борба
третата кој ќе истргне?
Рака му слаба нејака
но очи молскат јаросно
и срце врие, стануе
за страшна лута одмазда.

Остана сирак гората,
остана сирак народот,
најголем сирак борбата
спротиву свети Илија.“

Во текот на востанието, борбата не е само против Турците, туку и против чорбаџиите – Македонци, што му дава ново светло на востанието, една револуционерна нотка. Стојан, пријателот на Каме, го убива чорбаџијата Спиро и нему главата му ја наденува на кол – зашто и тој е крвопиец исто како и поробувачите. Воедно, се осветува во името на пријателот, што не ја дал ќерка си Љуба на сиромашниот овчар, туку ја омажил за двојно постар богат чорбаџија.
Илинденците се горди на својот успех, на Крушевската република, на слободата што ја извојувале. Но, за жал, радоста кратко трае, а осветата на Турците е жестока и крвава. Толку страшна, што народот од страв веќе не сакал ни врата да му отвори на војводата Каме за да го засолни.

Втора робија

За да го опише второто ропство, случувањата во Егејска Македонија, поетот го носи внукот на Каме, Васил, таму на печалба. Во откорнатиот, грчкиот дел, Македонецот посакува да верува во заедничка борба со обесправените Грци за поубава заедничка иднина, но:

„Тлееја Македонците
и на грб нејак влечеа
крвава двојна робија:
едната како славјани,
со јазик туѓ и негрчки,
другата како аргати
што сакат да прегледаат,
да видат бел ден радосен,
заедно со народите
на Балкан братски здружен
во една федерациа.
Првата по е крвава,
потешка и поужасна.
Не можеш болка да кажеш,
на мајкин роден јазик свој
песните што ти пеале
над тиха лулка шарена,
не можеш да ги запееш,
дедовци што ти шепнеле
на скут во ропски години
не можеш да го повториш.
И сума друзи работи
на срце што ти легнале
да не можеш да искажеш,
а сал да збираш и тлееш,
од ден на ден да црнееш,
до дека јазик свој роден
не зарѓа не занеме
и прво млеко цицано
од топли гради мајкини
во отров не се преврти.
Тешко е, мачно, страшно е
В твоата земја таткова
дека за прв пат солнцето
со радост те огреало,
дека за прв пат ваздувот
со мирис благ те запоил,
дека за прв пат земјата
со слаба нога нејака
си ја згазил и проодил –
да тлееш и да гаснееш,
како на црна туѓина,
и да те враг, нов сајбиа,
земјата што ја заграбил,
напреки гледа секога.
Да трпнеш и да мрзнееш,
кога те викне при него
за нешто да те запраша.
Да немаш сила да кажеш,
од кај си што си каков си,
на негов јазик да плеткаш,
да криеш род и роднини,
да ти е мачно и тешко,
кога ти рече в очите
оти не си македонец.
И твојата земја убава
со друго име пред тебе
да ја крсти, прекрстуе,
коските свети народни
паднати за слободата,
од гробот да ги скорива,
по сокак да ги разфрла,
и со нив да се подбива,
а ти да гледаш со очи
да гледаш и да црвееш
и нити збор да не можеш
да кажеш, да му одвратиш.
Да гледаш глава ајдушка
што туку ја одрамиле
и да те прашат: Тој ли е? –
А ти пред нив да не смееш
ни две-три солзи да капнеш.
Да гледаш тело синово
ко камен фрлен крај патот,
гроб да му утре не знаеш,
со цвеќе да го покриеш,
со солзи да го полееш,
да гледаш а да не можеш,
да писнеш и да прозбориш
на последната раздела.
Ни мртов да го прегрнеш,
ни студен да го избациш
и жално да го запрашаш
кај паднал, каде загинал.

Тешко е, мачно, страшно е
туѓинец да си, гост да си,
в својата земја таткова.“

Покрај силниот патриотизам и неприфаќањето на злата судбина на Македонците во Грција, во овој дел Марковски повеќе се задржува на социјалниот момент. Васил работи во фурна од утро до мрак, газдата, со насмевка на лицето го експлоатира и само ветува дека ќе му плати за трудот. Кога го повикуваат да отслужи двегодишен воен рок, тој заминува, а газдата му испратил само двапати пари што му должел. По враќањето, тој не му ги дава преостанатите пари, а не сака ни да го вработи, зашто тој е „букоглав Македонец што потајно ја рие државата“.
Во следните стихови на епот премногу е потенциран комунистичкиот ентузијазам кој го зафатил поетот читајќи ги актуелните книги. Со почетокот на војната во Грција и режимот на Метаксас, повторно Македонците биле најзагрозени. Васил, главниот лик во овој дел на робиите запаѓа в затвор и таму го запознава Лазо Каровски. Тој бил осознаен, напреден, начитан Македонец, преку кого Марковски всушност ги изразува своите ставови. Во тие зборови нема многу поезија, туку е повеќе дидактички, поучен:

- Нација сме или не?
..................................
- Нема три Македонии,
една е Македонија,
и таа Македонија,
досега разделуена
од империалистите,
има свој јазик, обичаи,
економска поврзаност,
историја, територија,
ги има петте белега,
и денес се оформуе
в нова и млада нација.
Думата на Партиата
до триес и четвртата
верна е и отворена.
Националното прашање
има едно решение:
и това е – сталинското.
Не се ли арно разбере,
фактите утре сурови
по глава ќе не зачукат.“

По излегувањето од затвор, Лазо Каровски загинува, а Васил го исполнува заветот на дедо Каме и ја грабнува пушката.
Само овој дел од епот – втората робија, е напишана подоцна, односно 1944 година, што е и забележливо токму во редовите што беа погоре потенцирани, каде Марковски малку пренасилено

Трета робија

За тоа време, внуката Невена ја омажиле во Скопје за печалбар, но набрзо останала млада вдовица со синчето Орде. Доаѓаат стројници кај неа за повторно да ја омажат, но таа му останува верна на својот љубен Цветко. Во ужасни услови, таа едвај успева да се прехрани себеси и детето, а го прима и дедо Каме кај себе. А Скопје...

„А Скопје што ли да каже?
Кому да му се истуши?
Лазич се в него распашал
како во дворој таткови.
Некога в стари времиња
во Скопје Душан царуел,
та сега сакаат правина,
та сега закон исправат.
Кој смее да им одрече?
Силата им е в раците,
влегоа, земја стопија,
бргу ја кумој крштеват,
не била Македонија,
а била Јужна Србија.“


Сиромаштијата и експлоататорскиот однос на чорбаџиите не се ништо поинакви ниту во овој дел на Македонија. Од тие причини, синот Орде е принуден да го напушти школувањето и да почне да работи во скопскиот монопол, да аргатува по незнајни друмови. Тој се вљубува во убавата аргатка Стана, Невена се радува на нивната љубов. Но, по бунтот на аргатите, откако џандарите ги истураат пендреците врз нивните грбови, Орде полека се опоравува, но Стана полека умира. Потоа Орде заминува на фронт каде храбро загинува.

Четврта робија

Во овој дел главен лик е Панче, синот на Илија, внукот на Каме војвода. Тој е од Струмица и на почетокот разговара со Пирин кој многу се смрштил од постојаните ропства. Тој прашува:

„- Ах, кај се мојте другари,
робио нова болгарска,
кажи ми, кај ги поштоме? –“

Панче е воспитан во духот на минатото: 

„ Киниса низ Беласица,
раскопал стари спомени,
сака да види некога
војската на Самоила
кај борба лута водела
и била в бој заробена,
заробена и ослепена
сака да види, да знае,
од каде толку жестокост
најде во себе Васили,
да фрли по војниците.
Страшен е, грозен споменот,
на секој стоте по еден
едноок војник оставен,
за да ја назад заведат
војската на цар Самоил.“

Панче израснува во храбар и строен младич. Заљубува богата девојка, Дена, чија мајка ја подучува да си најде подобра прилика. Тој заминува во Скопје да учи „ука голема“ – филологија, но и читал многу, тогаш актуелни книги како: „Капиталот“, „Борбата на марксизмот“, но и „За македонцките работи“ од Мисирков и „Зборникот“ од Миладиновци – и повторно барајќи ги „петте белега што ја прават нацијата“...

„Над градот е омарнина,
по кеот мрака паднала,
преку мост тропат копита,
а Вардар лудо забрзал,
галеби бели покренал
а в соба тесна таванска
Панче со млади студенти
лист по лист вртат зборници.
Стојан над речник работи,
Никола над историја
а Панче над граматика.
Сите се како часовник,
за сон им време не стига,
одат по стари огништа,
дума по дума собират,
седат на селски трапези,
песна по песна бележат,
сите се бујни, пргави,
се млади, се Македонци...

На време Рацин излезе.
Како што лице огрева
на млада мома убава
кога ја либе пресретна,
така им лице огреа
Рацин со „Белите мугри“.

Молкнаа усти погани,
стариот Белич занема
над книги празни, глупави
за јазик и наречја.
Никола Вулич побесне
в својата археологија
Во „Зора“ Бадев подиве,
Софија не го собира,
лута го змија жегнала.
А расна, вријат младите...
Ко што се бура надига,
чајките кога прелетат,
така се млади надигат
за свое свето огниште.
Пролетна струа народна
вее по Македонија.
Која ли рака, кажи ми,
ќе може да ја позапре
која ли сила варварска
ќе може да ја изгаси?
Побледне Белград посиве,
Софија стана мртовец,
Атина в јарот онеме...“

Панче се вљубува во студентката Вера, но тогаш започнува војната, бомбардирањето на Белград, а бугарските фашисти ја окупираат Македонија. Во текот на војната тие двајцата се заробени и донесени пред суд, каде Панче ќе има можност да ги каже своите прогресивни идеи пред да биде погубен:

„Да, верно е, се бориме
денес за Југославија
но не за довчерашната,
црвите што ја гризеа,
потиснатите народи
в турма вечна што гниеја,
а великашите – големци
за превласт и за господство